1017 hPa
94 %
10 °C
Скопје - Пет, 06.12.2024 13:59
„Арапскиот свет е во пламен“, известуваше Ал Џезира минатата недела, додека низ регионот западните сојузници „брзо го губат своето влијание“. Бранот немири започнат со драматичното востание во Тунис, со кое беше избркан диктаторот кој беше поддржуван од Западот, имаше посебен оддек во Египет каде што демонстрантите беа посилни од бруталната полиција на диктаторот. Набљудувачите го споредија ова со падот на комунизмот во Русија во 1989 г., но постојат значајни разлики.
Клучно е што меѓу големите сили кои ги поддржуваат арапските диктатори го нема Михаил Горбачов. Напротив, Вашингтон и неговите сојузници се придржуваат до испробаниот принцип дека демократијата е прифатлива само додека е во склад со стратешките и економски цели: може на непријателска територија (до одредена граница), ама не и во нашиот двор, освен ако не е прописно скротена.
Една споредба со 1989 донекаде е валидна – Романија, каде што Вашингтон му пружаше поддршка на Николае Чаушеску, најлошиот од сите источноевропски диктатори, сè додека сојузот не можеше да опстане. Потоа Вашингтон го поздрави неговото отстранување, а минатото се избриша. Тоа е стандардниот шаблон: Фердинанд Маркос, Жан-Клод Дувалие, Чун Ду-ван, Сухарто и многу други корисни гангстери. Можеби тоа се случува и со Хосни Мубарак, заедно со рутинските напори да се обидат да се осигураат дека новата власт не отстапува многу од одобрениот курс. Сегашниот претендент за местото на Мубарак е, се чини, верниот генерал Омар Сулејман. Сулејман, долгогодишен шеф на разузнавачките служби, е презиран од страна на побунетата јавност речиси исто колку и самиот диктатор.
Вообичаен рефрен меѓу критичарите е дека стравот од радикалниот ислам наложува (воздржано) противење на демократијата врз прагматична основа. Иако не е целосно неоснована, ваквата формулација наведува на погрешен заклучок. Општата закана отсекогаш била независноста. Америка и нејзините сојузници редовно ги поддржуваа радикалните исламисти, понекогаш за да се спречи секуларниот национализам.
Познат пример е Саудиска Арабија, идеолошки центар на радикалниот ислам (и исламскиот терор). Втор по ред на долгиот список е Зија ул-Хак, најбруталниот од сите пакистански диктатори и миленик на претседателот Реган, кој спроведе програма на радикална исламизација (со саудиски средства).
„Традиционален аргумент во арапскиот свет и вон него е дека ’ништо лошо не се случува, дека сè е под контрола’“, вели Марван Муашер, поранешно службено лице во Јордан, а сега директор на Блискоисточното истражување за Carnegie Endowment. „Со овој аргумент, сегашната власт тврди дека противниците и аутсајдерите кои бараат реформи ги преувеличуваат силите на теренот.“
Поради тоа јавноста може да се занемари. Оваа доктрина потекнува длабоко во минатото и е иста низ целиот свет, па и на американски домашен терен. Во случај на немири, можат да бидат неопходни промени во тактиката, но секогаш со цел воспоставување контрола.
Гласното демократско движење во Тунис е насочено против „полициската држава со мала слобода на изразување или здружување и сериозни проблеми во врска со човековите права, во која владее диктатор чие семејство е омразено поради својата поткупливост“. Така изјави американскиот амбасадор Роберт Годец во преписката од јули 2009 г. која ја објави Викиликс.
Затоа, според некои коментатори на Викиликс, „објавените преписки треба да ја смират американската јавност дека службениците не спијат на работа“ – и навистина, преписките толку одат во прилог на американската политика што изгледа како самиот Обама да ги пушта да истекуваат (или барем така пишува Џејкоб Хејлбрун за The National Interest).
„Америка би требало да му додели медал на Асанж“, се вели во еден од насловите на Financial Times, каде што Гидеон Рахман пишува: „Американската надворешна политика се чини принципиелна, интелигентна и прагматична... јавниот став кој го зазема САД по кое било прашање е обично и приватен став“.
Во таа смисла, Викиликс ги поткопува „теориите на заговор“ кои ги преиспитуваат чесните мотиви кои Вашингтон јавно ги изјавува.
Преписката на Годец ја поткрепува оваа одлука – сè додека не погледнеме малку подалеку. Аналитичарот за надворешна политика Стивен Зунс во Foreign Policy in Focus пишува дека Вашингтон обезбедил 12 милиони долари воена помош за Тунис. Тунис е само еден од петте странски корисници: Израел (рутински); двата блискоисточни диктаторски режими Египет и Јордан; и Колумбија, и сите веќе имаат најлош рекорд кога станува збор за прашањето за човековите права и најголемата воена помош во хемисферата.
Доказот А на Хејлбрун е арапската поддршка на американската политика кон Иран која ја откриваат истечените документи. Рахман исто така се фаќа за овој пример, како и медиумите воопшто, поздравувајќи ги овие охрабрувачки откритија. Реакциите отсликуваат колку длабок е презирот за демократијата во образованата култура.
Не се споменува што мисли населението – тоа лесно се дознава. Според анкетите кои ги објави Brookings Institution во август 2010, некои Арапи се сложуваат со Вашингтон и западните коментатори дека Иран претставува закана – 10%. Но за главни закани тие ги сметаат САД и Израел (77% и 88%).
Арапскиот став е толку ненаклонет кон политиката на Вашингтон што мнозинството (57%) мисли дека регионалната безбедност би била подобрена доколку Иран поседува нуклеарно оружје. Сепак, „ништо лошо не се случува, сè е под контрола“ (како што Муашер ја опишува преовладувачката фантазија). Диктаторите нè поддржуваат. Нивните поданици можат да се игнорираат – освен ако не се ослободат од ланците, а во тој случај политиката мора да се прилагоди.
Други објавени документи од Викиликс се чини исто така ги поткрепуваат ентузијастичките изјави за честа на Вашингтон. Во јуни 2009 г. Хуго Лоренс, американскиот амбасадор во Хондурас, го известил Вашингтон за истрагата која амбасадата ја води за правните и уставните прашања во врска со присилната смена на претседателот Мануел „Мел“ Зелаја на 28 јуни. Амбасадата заклучува дека „нема сомнеж дека војската, врховниот суд и националниот конгрес се здружиле на 28 јуни во незаконски и противуставен преврат против извршната власт“. Тоа е за восхит, освен тоа што потоа претседателот Обама се разиде во ставот со речиси цела Латинска Америка и Европа, поддржувајќи го новиот режим и занемарувајќи ги злосторствата кои следеа.
Можеби највпечатливи откритија на Викиликс се оние во врска со Пакистан, на кои се осврнува аналитичарот за надворешна политика Фред Бранфман во Truthdig.
Документите откриваат дека американската амбасада е свесна дека Вашингтон во Авганистан и Пакистан не само што го засилува сеопштиот антиамериканизам туку и ризикува дестабилизација на пакистанската држава и „дури ја зголемува заканата од најлошата ноќна мора: дека нуклеарното оружје би можело да стигне во рацете на исламските терористи“.
Повторно, објавените документи би требало да нè смират „дека службениците не спијат на работа“ – додека Вашингтон цврсто маршира кон катастрофата.
Извор: The Guardian
Фотографии: Амбер Изабел