Заради топлотните бранови минатото лето починале речиси 62 илјади Европејци

24.07.2023 00:36
Заради топлотните бранови минатото лето починале речиси 62 илјади Европејци

Минатото лето беше најтоплото во историјата на мерњеата во Европа. Жештините беа причина за речиси 62 илјади смртни случаи во вкупно 35 европски земји, а особено беа погубни за женската популација.

Ова се резултати од студијата која неодамна беше објавена во списанието Nature Medicine, која ја спроведе меѓународен тим научници предводен од Институтот за глобално здравје од Барселона.

Во текот на изминатото лето надлежните органи забележаа „вишок“ од десетици илјади смртни случаи, а истражувачите анализирале колкава улога во смртоносната игра играле топлотните бранови кои беснееја по континентит.

Помеѓу 30 мај и 4 септември минатата година, од последици од болести поврзани со топлотните бранови, починале 61 672 Европејци. Како што се наведува, најголем број смртни случаи имало во Италија (18 010), Шпанија (11 324) и Германија (8 173).

Во Италија исто така е регистриран најголем морталитет во однос на популацијата, 295 смртни случаи на еден милион жители биле последица на топлотните бранови. Следуваат Грција (280 смртни случаи на милион жители), Шпанија (237 на милион) и Португалија (211 на милион).

Податоците ја разоткриваат особено изразената чувствителност на жителите во Јужна Европа. Тие живеат на едно од местата за кои научниците предвидуваат сè поекстремни летни услови, а со самото тоа и повисока стапка на смртност.

Авторите пресметаа дека минатогодишниот топлотен бран бил посмртоносен за жените: 35 406 предвремени смртни случаи кај жени, наспроти 21 667 кај мажи.

Пред дваесетина години, летото 2003 година, европскиот континент помина низ слична ситуација: заради топлотните бранови починаа повеќе од 70 000 луѓе.

Катастрофата во многу земји, а особено во Франција, резултираше со донесување одредени пакети мерки со кои во иднина ќе се заштитат чувствителните групи од населението. Меѓутоа, истражувањето открива дека доказите за нивната ефикасност сè уште се ограничени.

„Факт е дека повеќе од 61 600 лица во Европа умреа од топлотен стрес летото 2022 година и покрај тоа што, за разлика од 2003 година, многу земји веќе имаа на сила планови за превенција, а тоа пак укажува дека стратегиите за прилагодување можеби не се доволни“, оцени истражувачот Хичам Ачебак од Институтот за глобално здравје во Барселона.

„Забрзаното затоплување кое се забележува последнава деценија ја подвлекува итната потреба од повторно проценување и значително зајакнување на плановите за превенција, посветувајќи особено внимание на разликите помеѓу европските земји и регионот, како и старосниот и половиот јаз кои во моментов резултираат со различна ранливост на топлината“.

Европа се загрева двапати побрзо од глобалниот просек. Доколку изостане вистински одговор од перспектива на заштита на здравјето, научните пресметки покажуваат дека континентот ќе се соочи со повеќе од 68 000 предвремени смртни случаи до крајот на деценијата и повеќе од 94 000 до 2040 година.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Banksy Street Art

Извор: https://klima101.rs/