Левицата, десницата и креирањето на јавното мислење во Европа

31.07.2023 02:15
Левицата, десницата и креирањето на јавното мислење во Европа

По изборите на 23 јули, постоеше можност радикалната десница во Шпанија да ја преземе власта за првпат по падот на Франко. Ако конзервативната партија Партидо Популар освоеше мнозинство од гласовите, популистичката десничарска партија ВОКС, која уживаше поддршка од околу 13 проценти од гласачкото тело, ќе можеше да формира коалиција како малцински партнер.

ВОКС е партија со големи амбиции. Нејзините лидери сакаат да го укинат абортусот, да ги депортираат сите нелегални мигранти, да го поништат законот кој ги штити жените од семејно насилство и да ги затворат „екстремистичките џамии“. Во таквите намери не се осамени.

Скокот на популарноста на десничарските партии е забележлив ширум Европа. Во подем е поддршката за Алтернатива за Германија (АфД). Според резултатите од неодамна организираното истражување на јавното мислење на национално ниво, АфД ужива 22 проценти од гласачите, а на изборите во регионот Тирингија, каде нивниот кандидат победи на локалните избори во јуни, освоија 34 проценти од гласовите. Слободарската партија на Австрија (ФПО) редовно добива повеќе гласови од партиите од десниот и левиот центар. Нејзината поддршка достигнува и 30 проценти.

Во Франција, каде протестите на сиромашните припадници на етничките малцинства минатиот месец го потресоа претседателот Емануел Макрон, политички добитник е партијата Rassemblement Nationale (РН). Лидерката на оваа партија, Марин Ле Пен - која бараше поостро сузбивање на протестите - ја поддржуваат 39 проценти од гласачите, додека поддршката за Макрон падна на 33 проценти.

Во регионот Фландрија во Белгија, партијата Вламс Беланг - радикално десничарска сепаратистичка партија со фашистичко минато - има поддршка од 22 проценти. Во Португалија, уште една отворено расистичка радикално десничарска партија, Чега, успеа двојно да ја зголеми поддршката која ја доби на изборите во 2022 година, па при испитувањето на јавното мислење годинава имаше поддршка помеѓу 12 и 14 проценти. Во Грција на општите избори во јуни дури три радикално десничарски партии влегоа во парламентот со вкпуно 12 проценти освоени гласови. Најголемата меѓу нив не ја крие поврзаноста со поранешниот пратеник и неонацист кој сега е во затвор.

Истовремено, во Шведска, Финска, Унгарија, Полска и Италија десничарските популисти веќе се на власт. Цената што ја плаќаат демократиите заради тоа беше очигледна преку примерот со Финска, каде е откриено дека заменичката премиерка Рика Пура, лидерката на радикално десничарската Партија на Финците, по повод еден инцидент во кој беа вмешани имигранти, своевремено изјави: „Дајте ми пиштол и ќе има мртви во јавниот превоз“. Се бранеше тврдејќи дека тоа било во 2008 година и дека за разлика од некои други политичари барем не правела шеги за поздравот на Хитлер (тој политичар поднесе оставка).

Џо Малхол, истражувач во организацијата Надеж наместо омраза, вели: „Следните пет години нè очекуваат повеќе најавени избори на кои речиси сите поголеми земји во континентална Европа, со исклучок на Германија, би можеле да добијат радикално десничарски влади или владејачки коалиции со радикално десничарски партии. Кога австрискиот радикален десничар Јорг Хајдер победи во деведесеттите години, или кога Ле Пен помина добро на изборите во 2012 година, насекаде беа организирани демонстрации, а глобалните медиуми реагираа бурно. Денес е присутно само чусвтвото на олеснување зашто десничарите сепак не победија“.

Што се крие зад новиот подем на десничарскиот популизам? Прво, криза предизвикана од растот на цените заради војната во Украина која ја турна еврозоната во инфлаторна рецесија. Иако негативниот раст на БДП не беше значаен - минус 0,1 во четвртиот квартал од 2022 година и првиот квартал од 2023 - инфлацијата е висока: 6,1 процент на ниво на еврозоната, 12 проценти во Летонија, Словачка, Полска и Чешка, и 21 процент во Унгарија.

„Луѓето ширум континентот сè повеќе имаат впечаток дека статус квото не функционира“, вели Малхол. „Кога ќе се најдеме во таква ситуација, луѓето од економски обесправените заедници кои веќе се подложни на радикално десничарските идеи, пред изборите почнуваат да се прашуваат: 'Зошто да не се обидеме со нешто ново?!'“

Флоријан Ранфт од експертската организација од левиот центар Das Progressive Zentrum вели дека тоа особено важи за подемот на АфД во источна Германија. Во Зонеберг, питорескен град во близина на границата со Чешка, вели Ранфт, „победничкиот кандидат на АфД ја засноваше кампањата на прашања од национално значење. Имаа илјадници плакати со барања да се затворат границите и да се прекине војната во Украина, што е многу далеку од локалните проблеми и политиката. Тоа беше глас на протест“.

Друг фактор, се сложуваат повеќето од експертите, е единствената ситуација на порастот на бројот бегалци кои пристигнуваат преку Медитеранот, со приливот на милиони бегалци од Украина. „Така се воведува идејата за прифатливите и другите бегалци“, вели Малхол. „Имаме бели христијани од Украина и луѓе кои радикалните десничари ги стигматизираат како 'воено способни мажи кои се впрочем економски мигранти': сите примарни наративи на европската радикална десница се потпираат на идејата за небелците кои доаѓаат да нè 'окупираат' и демографски да нè променат.“

Зад темите кои предизвикуваат брзи и бурни реакции се крие една подлабока демографска поделеност помеѓу искуствата на младите, образованите, квалификуваните и урбани луѓе кои живеат во постари, некогашни индустриски мали градови. Пол Хилдер, директор на компанијата за стратешки истражувања и советување Датапраксис, која соработува со прогресивните партии во Европа, констатира:

„Заради таквото разидување на животните искуства, во ситуација кога сè пораспространето е уверувањето дека системот веќе не е способен да им го пружи на луѓето она што им е потребно, прашањата како што се миграцијата и криминалот стануваат вообичаени вектори за алиенација. Каде и да спроведуваме истражувања на јавното мислење во Европа, значајно малцинство или дури мнозинството од испитаниците го поддржуваат ставот дека имиграцијата во сите облици, легална или нелегална, треба да се запре.“

Кризата на животниот стандард, вели Хилдер, ги наведува гласачите да бараат брзи промени и практични решенија: „Изгледа дека десницата успева да ги придобие неопределените гласачи кои чувствуваат несигурност во секојдневниот живот и сакаат нешто подобро за себеси и своите семејства. Тоа се гласачи кои ја губат довербата во мејнстрим политиката, сакаат промени и трагаат по сигурно пристаниште во бурата - тие го даваат својот глас на вакви партии и покрај нивната екстремистичка идеологија, а не заради неа.“

Хилдеровите истражувања на јавното мислење покажуваат дека меѓу гласачите кои се насочиле кон радикално десничарските партии во Франција, Шведска и Италија има двапати повеќе од оние кои го прават тоа зашто се надеваат дека овие партии „ќе променат нешто“, отколку оние што веруваат дека нудат „најдобри политики“.

Уште еден фактор кој им оди во прилог на радикалните десничари е нормализацијата на нивните идеологии преку социјалните мрежи, заради што и водечките медиуми сè почесто се принудени да им даваат простор. Добар пример се ГБ Њуз и Националната конзервативна конференција во Велика Британија кои заемно се поддржуваат ширејќи омраза кон трансродовите лица, како и идеи за виктимизација на белата раса. Во остатокот од Европа истиот процес се одвива уште поинтензивно.

Паулина Фролих, на чело на програмата за демократска резилиентност во Прогресивниот центар, забележува: „АфД на Фејсбук има трипати повеќе следбеници отколку владејачката СПД. Тие ги разбираат социјалните мрежи и знаат да ги користат. На пример, нивните говори во Бундестагот секогаш се погодни за презентација на Јутјуб. За само неколку минути снимката се монтира и поставува на интернет. Всушност, во говорите не им се обраќаат на колегите пратеници во парламентот, туку на публиката и следбениците надвор од парламентот.“

„Експертите оценуваат дека на оваа партија веќе не ѝ се потребни традиционалните медиуми зашто таа веќе изградила сопствени масовни медиуми во онлајн светот, каде не мора да води сметка за контекстот или да одговара на критички прашања на новинарите. Ако нема социјални мрежи АфД не би била парламентарна партија.“

Пресвртна точка во еволуцијата на европската радикална десница де факто беше влегувањето на Шведските демократи во конзервативно-либералната коалиција минатиот октомври. Иако не доби ниедно министерско место, оваа партија, позната по неонацистичките корени, се наоѓа меѓу потписниците на коалицискиот договор во кој се повикува на сузбивање на насилството на бандите, намалување на имиграцијата на законски минимум и воведување задолжителни програми за културна интеграција.

Заправо, немаше потреба водечките шведски партии да ги примат Шведските демократи во коалицијата: можеа да формираат малцинска влада или да владејат во коалиција со социјалдемократите. Станува збор за пресметан, стратешки потег - што придонесе и за влегување на Партијата на Финците во владата во Хелсинки годинава, партија чии неонацистички испади предизвикаа политичка криза. Малкумина веруваат дека ПП и ВОКС немаше да формираат влада ако имаа можност за тоа.

Поширок проблем е тоа што фикс-идејата на модерната фашистичка идеологија - теоријата за голема замена на населенија - почнува да го обликува мислењето не само на популистите туку и на конзервативната десница. Идејата дека муслиманските „освојувачи“ доаѓаат за да спроведат „бел геноцид“ над жителите на Европа, со поддршка на армија специјалисти за човекови права, феминистки и квир лица, секако, е смешна; но е неспоредливо поопасна од вообичаените расни предрасуди од седумдесеттите и осумдесеттите години.

Причината е тоа што нејзините практични заклучоци се мошне вознемирувачки. Прво, на тој начин сета политика десно од традиционалниот конзервативизам се поставува во рамки на надоаѓачки меѓуетнички конфликт. Второ, во рамки на фолклорот на радикалната десница, мизогинијата и омразата кон припадниците на ЛГБТК+ заедницата сè повеќе добиваат ист статус како расизмот - со што се отвараат патишта за врбување млади мажи. Трето, ова учење кружи како аморфен облак со онлајн теории на заговор со кои таму и се судира и вкрстува. Четврто, таквите ставови со леснотија можат да се мапираат на веќе распространетите антисистемски ветувања на гласачкото тело.

Така за француската радикална десница неодамнешните нереди предизвикани од полициското убиство на невооружен тинејџер стануваат оправдување не само за укинувањето на имиграцијата, туку и за давање поголеми овластувања за полицијата: тие се прикажуваат како генерална проба за „денот Икс“ - денот кога во либералните демократии ќе избие глобална меѓуетничка граѓанска војна.

Најважните форуми на кои „текстот“ на радикалниот десничарски популизам се дополнува со „подтекст“ на отворен фашизам, се градат во онлајн светот, вели Малхол од организацијата Надеж а не омраза.

„Покрај радикално десничарските партии тука е и мијазмата на пост-организациски, радикално десничарски мрежи со илјадници поединци кои оперираат надвор од националните граници. Овие мрежи се како синапси кои овозможуваат да се разменат информации, идеи, реторики и тактики преку интернет, со креирање мемиња и содржини кои потоа се упатуваат кон следната актуелна мета.“

Сите луѓе со кои разговарав за подемот на радикалната десница укажуваа на парализа на либералните, зелените и социјалдемократските партии во однос на овој тренд. Малхол нагласува дека наглите локални радикализации кои сега го привлекуваат вниманието на партиските стратези често се резултат на децениска работа на десничарските активисти на локално ниво. Од друга страна, левицата и левиот центар во Шпанија мораа да формулираат нови пораки за предвремените избори кои самите ги предизвикаа, во случај радикалната левица да направи нова партија, слогани и програма.

Пол Хилдер од Датапраксис нуди неколку препораки за прогресивните партии за ситуацијата со подемот на десничарскиот популизам.

„Излезете меѓу гласачите кои во секојдневниот живот се соочуваат со инфлацијата; дајте им одважни, практични и кредибилни понуди кои се однесуваат на нивните проблеми. Кога треба да се нагласи разликата во однос на десничарските популисти, не е доволно тие да се наречат фашисти и путинови навивачи - поентата е да се покаже дека нивниот екстремизам ќе го направи секојдневниот живот полош, а не подобар. Прогресивните сили мораат да придобијат различни гласачи, од оние кои се сложуваат со нивните социјални политики до оние кои отворено им се спротивставуваат. Најпосле, суштината е во реализацијата: како да се осигураме дека делотворните пораки ќе стигнат до луѓето на кои им се наменети“.

Дали тоа значи дека мораме да се дистанцираме од политиката на разбуденост, го прашав? Хилдер, човекот кој работел со некои од најпрогресивните политичари од Европа и Америка, зборува без влакна на јазикот.

„Многу маргинални гласачи веруваат дека секојдневниот живот на обичните луѓе е поважен од општествените или етничките малцинства. Тоа не значи дека се непријатели на идеите на 'воук' политиката. Но ако расположливиот домашен буџет минатата година ви се намалил за 10 или 20 проценти, од политичарите ќе очекувате токму тоа да биде темата на која ќе се фокусираат, а не прашањето колку точно родови постојат.“

Пред изборите шпанските социјалисти првенствено се фокусираа на животниот стандард и успешно намалување на инфлацијата на 1,9 проценти со воведување контрола на цените. Ќе видиме дали тоа ќе биде доволно за да се совлада цунамито на омразата која доаѓа од десницата.

Превод: Алек Кузмановски

Фотографии: Makis Makris

Извор: https://www.theneweuropean.co.uk/