1008 hPa
48 %
28 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 13:59
Според нејзините зборови, детството на музичарката Шинед О'Конор било потешко од вообичаеното: нејзините родители се развеле рано, а таа, спротивно на својата желба, била испратена да живее со мајка си, а тоа подоцна ќе го опише како живот на физичко злоставување и поттикнување на крадење. Четиринаесетгодишната Шинед заради кражба поминала 18 месеци во центарот за превоспитување кој беше една од озлогласените магдаленски пералници за црквата во Даблин.
Иако таму била несреќна, за престојот таму рече дека ѝ го спасил животот. Таму ги добила својата прва гитара и панкерската кожна јакна како подарок од една сочувствителна калуѓерка. Оваа основна опрема ѝ ја вградила идејата за музиката како кариера; само деценија подоцна, О'Конор се најде на врвот на светските топ листи со синглот Nothing Compares 2 U.
Спотот за синглот ја прикажуваше О'Конор, вџашувачки убава, со коса шишана на кец, како лее вистински солзи. Песната ја напиша Принс, но нејзината верзија стана поважна: откривајќи ја јасноста и експресивноста на нејзиниот глас, стана еден од најпродаваните синглови во 1990 година. Матичниот албум на синглот, I Do Not Want What I Haven’t Got, е продаден во седум милиони примероци и номиниран за четири Греми награди. Комерцијално, тоа беше врвот на кариерата кој повеќе ја измачуваше отколку што ја исполнуваше.
Иако глобалната слава благодарение на песната Nothing Compares 2 U траеше кратко - О'Конор ја немаше потребната одлучност за да ја одржи врвната поп кариера - сепак остана добро познато име до крајот на својот живот. Страствената и мошне ангажирана музичарка беше еден од значајните таленти од својата генерација. Нејзини главни адути беа стилот на учениот белканто и музичката љубопитност со широк распон, кои ги користеше извонредно, преминувајќи од поп или ирски фолк на џез и реге на останатите девет албуми кои ги објави. Меѓутоа, на насловните страници ја одржуваше нејзината непоколеблива посветеност на активизмот и зборувањето на вистината, онака како што таа ја гледаше. „Не сакав да бидам поп ѕвезда, туку протестна пејачка“, рече во една прилика.
Огорчена од корупцијата на католичката црква, водеше кампања за апсење на црковните службеници педофили, додека платформата на својата слава исто така ја користеше за да го осуди сексизмот во музичкиот бизнис и низа други проблеми. За време на настапот во американската емисија Saturday Night Live во 1992 година, ја искина сликата на папата Јован Павле Втори, што предизвика бурна осуда од големата католичка заедница во Америка. Набрзо потоа, на концертот во чест на Боб Дилан во Њујорк, беше исвиркана за време на настапот - протестот не ја замолчи дури ни поддршката на кантавторот Крис Кристоферсон, кој ѝ рече: „Не дозволувај толпата да те онерасположува“.
„Нејзиното име стана синоним за храброст и интегритет“, рече Кристоферсон таа вечер, но О'Конор веќе никогаш немаше хит албум во САД. Времето покажа дека беше во право кога зборуваше за соучесништвото на црквата во злоставувањето на децата - меѓутоа, на почетокот на деведесеттите многумина едноставно ја доживуваа како ексцентричка со скриени мотиви. О'Конор можеше да ја смири Америка ако објавеше уште еден албум во духот на I Do Not Want What I Haven’t Got, но нејзината следна плоча беше составена од џез обработки, Am I Not Your Girl? (1992), за потоа да следи мрачната Universal Mother (1994), на која се наоѓаше и песна за гладта во Ирска во 19 век, како и песна во која измачената О'Конор моли: „Јас сум кршлива, не сум животно, иако за тебе сум/не сум крокодил како оној во даблинската зоолошка градина.“
Нејзината грозничавост ја следеше неспособноста да ги контролира своите изјави: години пред прекумерното откривање на приватноста на интернет да стане режим кој се подразбира, рутински споделуваше загрижувачки детали за своето ментално здравје, врските и семејството, што еден новинар го наведе со неа да се подбива како со „лудача од таванот на естрадата“, на што реагираше бурно. Несвесна за вообичаената линија на поделба помеѓу поп ѕвездите и јавноста, понекогаш на фановите им се обраќаше за помош во моменти на емотивна криза; бараше стан, медицинска помош за депресијата или адвокат кој би го решил проблемот околу старателството над детето.
Кога бараше ново момче, ги повикуваше машките фанови да аплицираат; успешниот кандидат Бери Хериџ, ирски советник за наркоманија, стана нејзиниот четврти маж во 2011 година. Кога сметаше дека тоа е потребно се мешаше во работите на другите музичари, заканувајќи се или опоменувајќи. Отвореното писмо во кое ја критикува Мајли Сајрус зашто се појавила гола во спот од 2013 година, предизвика бесен одговор на младата пејачка, која одговори дека видеото е инспирирано од емотивната отвореност на песната Nothing Compares 2 U.
Родена во даблинското предградие Гленагири, Шинед била трето од вкупно пет деца. Кога се развеле нејзините родители - Мари (родена О'Грејди) и Шон О'Конор, градежен инженер кој станал адвокат - тогашната осумгодишничка и уште две деца, останале со мајката. Злоставувањето кое наводно го трпела го навела нејзиниот татко да бара старателство, безуспешно, и ја инспирирало нејзината песна Fire on Babylon од 1994 година. Првиот стих гласи: „Ми го одзеде татко ми/ Ми ги зеде сестрата и браќата/ Гледав како го измачува моето дете/ Тогаш бев слаба, но сега сум возрасна.“
По престојот во некогаш злогласниот католички центар за превоспитување An Grianán, преминала во либерално квекерско училиште на југоистокот од Ирска. Мари О'Конор умрела во сообраќајна несреќа кога Шинед имала 18 години, а дотогаш веќе пеела во бендот Ton Ton Macoute и студирала на музичкиот колеџ во Даблин.
Во 1985 година потпишува за Ensign Records и две години подоцна го објавува својот прв албум, The Lion and the Cobra. Дочекана е како нова важна кантавторка. Омотот на албумот - избричената глава и врисокот на О'Конор, со подигнати тупаници - беше впечатливо поинаков од она што беше вообичаено за жените текстописци, а острата, абразивна музика експериментираше со високи тонови на начин кој ја поврза со Кејт Буш и Бјорк. Пет месеци пред издавањето го роди своето прво дете, Џејк, чиј татко е Џон Рејндолс, тапанарот на албумот. Таа и Рејндолс се венчаа тогаш, па се разведоа во 1991 година, по четири години брак.
Nothing Compares 2 U ја направи една од најпознатите пејачки од раните деведесетти, но не беше конституирана да ги компромитира своите вредности. Од самиот почеток инсистираше на копродукција за своите плочи и го насочуваше сопствениот музички курс, со различни резултати. Имаше успех кај критичарите со топлиот, романтичен албум How About I Be Me (and You Be You) (2012) или Faith and Courage (2000) под влијание на даб-реге традицијата, но исто толку збунувачки истражувања, како христијанскиот рок на Theology (2007) и реге обработката на Throw Down Your Arms (2005).
На почетокот на втората половина од деведесеттите сè почесто се појавуваше во вестите од лични причини, како што е нејзиното ракополагање за свештеничка по име Мајка Бернадета Марија од страна на отцепената католичка секта во 1999 година или изјавата дека е лезбејка, која набрзо ја повлече. Во 2003 година ѝ е соопштено дека е биполарна, но подоцна дијагнозата ѝ е променета во посттрауматско стресно пореметување. Често делуваше кревко, користејќи ги социјалните мрежи јавно да се расправа со членовите од своето семејство.
По смртта на Принс во 2016 година, О'Конор - која го изгуби контактот со авторот на песната Nothing Compares 2 U неколку години претходно - тврдеше дека неговата смрт делумно е предизвикана од тешките дроги со кои „со децении“ го снабдуваше американскиот ТВ водител Арсенио Хол. Возвраќајќи дека таа „очајнички бара внимание“, Хол поднесе тужба за клевета за пет милиони долари.
Во 2018 година го прифати исламот кога го зема името Шухада Садакат, кое до своето родено име наизменично го користеше на социјалните мрежи. На последната концертна турнеја во 2019 година носеше хиџаб и абаја, но ништо друго не се промени - од нејзиниот глас сè уште се ежеше кожата.
Се радуваше на излегувањето на својот нов албум No Veteran Dies Alone 2021; со него беше објавен синглот Trouble of the World, но проектот беше запрен кога најави дека се повлекува од музиката, иако брзо се предомисли. Од изданието конечно се откажа откако нејзиниот 17-годишен син Шејн, од врската со музичарот Донал Лани, си го одзеде животот во 2022 година. „Нека почива во мир и никој нека не го следи неговиот пример“, напиша Шинед на Твитер.
Нејзин втор сопруг беше новинарот Ник Сомерлад, а трет глумецот Стив Куни. Сите бракови завршија со развод. Зад неа останаа синот Џејк, ќерката Роушин од врската со новинарот Џон Вотерс, синот Јешуа од врската со Френк Бонадио - и едно внуче.
Превод: Алек Кузмановски
Извор: https://www.theguardian.com/