1006 hPa
87 %
10 °C
Скопје - Пет, 15.05.2026 03:59

Бунтот, според Хана Арент, имплицира отфрлање на статус квото – неговите институции и начинот врзан за тие институции. Бунтот го офрла сето постоечко бидејќи сака сѐ да создаде одново – нов општествен поредок, нов склоп на економски аранжмани, нов политички ентитет, нов вид човек. Сака да ги разреши не само политичките проблеми на одредена политичка заедница во одреден миг, туку и останатите проблеми кои го мачат човековиот род. Духот на побуната е дух на занесно, раздивеано месијанство: ќе се задоволи само со радикална преобразба на светот. Бунтот е суб-политички, уверен во својата моќ за контрола и давање смерница на сите човечки процеси, на начин на кој сме научиле да ги надѕираме, контролираме и насочуваме природните процеси. Често, неговата претерана горделивост и фанатизмот водат кон трагичен неуспех. Но, токму заради горделивоста и заради фанатизмот, неуспехот води само до делумна и привремена разочараност. Кога таквиот вид на бунт ќе се изневери, што значи кога последиците на побуната ќе престанат да бидат во склад со нејзините изворни цели, вистинскиот бунтовнички верник сепак се надева на друго, ново пројавување и доаѓање на автентична и непроневерена револуција.
Модерниот свет познава многу такви побуни и сите тие завршуваат како варијации на „изневерена револуција“. Таканаречената проневера е само нужен завршеток на бунтот.
Револуцијата, пак, е политички феномен. Целта ѝ е да ги ревидира и преуреди политичките аранжмани во општеството. Таа изискува вештини, претпазливост, грижлива анализа, прецизни цели и апликативни средства, сатложеност. Таа претпоставува смирен, разумен легалистички документ. Со успешна револуција не може да упарвува страста на мноштвото. Мноштвото, толпата и нејзиното дивеење секогаш ќе биде дел од револуцијата, но ако не сака револуцијата да се претвору во бунт тогаш тоа ќе мора да се маргинализира во однос на средишната политичка драма.
Мала Илустрација - Хана Арент инсистира дека Француската и Октомврсиката револуција, по својата природа, се бунтовнички формати, а не револуционерни.
.jpg)
Сеништата на Маркс, па и на Фуко
Карл Маркс во 1871 година збележува дека „сите револуции само ги усовршуваат државните машинерии наместо да ги отфрлат како смртоносна ноќна мора“. Маркс, всушност, сака да направи разликување на она што го носи со себе како политичка вредност револуцијата и она што го носи како политичка вредност отпорот. Акцентот се става не на револуцијата туку на побуната, на отпорот, кој не руши едно поле на моќ за да воспостави ново поле на моќ туку јасно се поставува наспрема лажната стабилност која ја проектира моќта. Отпор базиран врз идејата за која говори Јулија Кристева во своето дело Револт, а тоа е идејата за привременоста и за привидот на стабилноста. Ќе мора да прифатиме – стабилност не постои. „Стабилноста е привремена, конфликтите се вечни, ако ништо друго затоа што постои задоволство во конфликтноста.“, вели Кристева. Конфликтноста и нестабилноста на состојбите, во овој контекст, никако не се сфатени како трепетен деструктивен немир, туку како непрекинато создавање критички перспективи, кои се единствениот начин да се артикулира слободата во концентрични кругови на единството на различностите.
Мистеријата на отпорот, според Мишел Фуко не е никогаш вон моќта. Фуко, анализирајќи ги односите на моќ ни вели дека отпорот не е само последично дејство и негација на форматот на моќта. Хетерогеното разбирање на отпорот е одговор на не веќе единствената претстава за моќта како вкупност на институции кои го организираат и дисциплинираат граѓанското општество и против кои треба да се бориме, туку како мноштвеност на односи на сили кои организираат една те иста територија. Нашата територија на отпор е истата онаа која ú припаѓа и на моќта. Затоа треба да бидеме внимателни. Нашата потреба да се поставиме наспрема, артикулирајќи ги елементите и алатките на отпорот е многу комплексна – таа, едновремено, ја верификува негативната сфера на моќ, но, воедно, е на пат да конституира и нова моќ. Затоа често постои неспособност да се пречекори линијата да се премине на другата страна, да се навлезе во сферата на утописко-еманципаторскиот концепт за отпор и протест. Стравот од тоа каква моќ треба да се ревоспостави е блокирачки и голем.
Повеќемина од нас сонуваат за антагонистичка и агонистичка форма на креативната моќ. За еманципација на креативната моќ, за радикална анти-моќ, за која говори Антонио Негри. „Доаѓа време да се запрашаме не постои ли како теориски така и во практиката една позиција која овозможува отпор во однос на тоа да се западне во мрачното и терористичко битие на државата. Со други зборови станува збор за тоа да се побара некое стојалиште кое овозможува дистанца од зададената и магепсничка моќ, која е доведена до ниво на уставна ултимативност. Тоа стојалиште се конституира како постојан, секојдневен креативен и истраен отпор, како органска, генеричка моќ која стои наспрема намтенатата, псевдо-законодавна моќ, која сакаат да ни ја востоличат како единствена оние кои во мигот имаат шанса да ја практикуваат институционално.“, вели филозофот, парламентарецот и, веројатно, мастермајндот на Црвените бригади, Антонио Негри.
.jpg)
Како нужноста ја проголта идејата за слободата
Целта и на бунтот и на револуцијата не може да биде ништо друго освен слободата. Меѓутоа, застрашувачко е тоа што поимот слобода некако исчезна од вокабуларот на револуцијата и на побуната со текот на времето, а се појави повторно во дебатите за војните и тероризмите за да се оправда насилството во политиката. За револуциите во модерноста не е ништо друго карактеристично освен тоа дека тие го застапуваат правото на човештвото. Но, маскулинистичкиот пристап, кој ја поврзува револуцијата со војната е дебата која е актуелна во втората половина на 20 и особено во почетокот на 21 век. Па дури и кај нас. (Еден од крунските аргументи на „Шарената револуција“ беше токму тој – антимаскулинистички пристап кон протестот и бунтот. Концептуален пристап кон отпорот и рушењето на државниот апаратус. Заземање на просторот од страна на „непостоечките“, кое сепак, не сме сигурни дали имаше капацитет да обзнани дека граѓанството може да има системско влијание...).
Една од категориите на револуционерното мислење е нужноста, особено кога се говори и кога се анализира Француската буржоаска револуција. Најнеизбежната нужност, за која во сопствената свест знаеме, е животниот процес, голиот живот. Стварноста која одговара на овие специфично модерни слики и биолошки метафори е она што обично го нарекуваме социјални прашања, а што едноставно и попогодно би го нарекле факт на сиромаштијата. Сиромаштијата за човека е недостоинствена бидејќи неговата беда го става под апсолутна, непрекината присила на соголеното телесно, што значи под нужност која е добро позната за сите луѓе. Со сиромаштијата во нејзината конкретна масовност на сцената на политиката се појавува и нужноста. Кога Робеспјер изјавува дека сѐ што е неопходно за одржување на животот мора да биде заедничко добро, со тоа тој и самата револуција ја препушта на најсветите закони – благосостојба на народот, најнеприкосновената од сите барање, нужноста.
„Ние ќе пропаднеме затоа што во историјата на човештвото сме го пропуштиле мигот да ја засноваме слободата.“, вели Робеспјер во својот последен говор. И тоа не е зарди сеништата на кралевите и тираните, туку заради сеништето на сиромаштијата која се јавував како нужност во дејствувањето. Во мигот кој тогаш е пропуштен, револуцијата ја менува својата насока – од тогаш никој, или речиси никој не говори дека целта на револуцијата е слободата. Од тогаш целта на револуцијата е заедничкото добро, среќата на народот. Одрекувањето од слободата пред „диктатурата на нужноста“. И Маркс е уверен дека Француската револуција пропаѓа и потфрла во идејата за засновањето на слободата, затоа што не може да ги реши социјалните прашања. Така, идејата и искуствата на слободата се во постојана конфорнтација за доминантното место во фундирањето на отпорот, со социјалните прашања, односно со „диктатурата на нужноста“. Токму Француската револуција го подучува Маркс дека сиромаштијата, социјалната неправедност и задушеност може да биде политички фактор од највисок ранг кој ќе ја засени идејата за слободата.
Значајна особеност на револуциите во 20 век е дека говорат со јазикот на нужноста а завршуваат во стравовладение. Величањето на насилството почива врз нужноста, која револуционерите навидум ја застапуваат и развиваат, а самата нужност ја изедначуваат со слобода. Знак за вистинските револуции е дека тие се можни само онаму каде што авторитетот на постоечкиот режим е безнадежно дискредитиран. Тие се резултат на безнадежното пропаѓање на една држава, а никогаш не се негова причина.
Во нашето протесно искуство, во нашите искуства на отпорот и побуната се отвори бездна помеѓу две стојалишта: оние кои сметаат дека треба да се бориме за слободата и оние кои сметаат дека борбата има конкретен непријател со име и презиме, кој е поголем од големата утопија на слободата. Постоеше и трета струја – онаа која сметаше дека тоа се паралелни процеси. Но никогаш не разјаснивме што значи за нас тој голем наратив – слобода.
Ниту за една идеја не се знае толку дека е неодредена како што се знае за идејата за слободата. Затоа таа е подлежи на толку недоразбирања. Затоа се случува, од една страна, раздор помеѓу збирот на формулации, одредби кои се релативно прецизни како прагматичните дефиниции кои се однесуваат на „слободите“ – од една страна, група на права и на повластици чиешто укинување, како што знаеме, води директно во она што не може да се толерира, и тоа не само од перспектива на морални вредности туку и од перспектива на чистата егзистенција, и на друга страна се наоѓа „идејата за слободата“, за која не знаеме што претставува или што прикажува, освен дека укажува на „суштината на човекот“ и која не би смееле попрецизно да ја одредиме доколку не сакаме од тоа да произлезе хаос и терор.
Македонецот не е слободен, особено затоа што не успеа никогаш да ја пронајде алката која неодстасува и која ги поврзува прагматичките дефиниции за слободата и „идејата за слободата“.
.jpg)
На рабовите на политичкото
Политиката не е извршување на власт. Политиката мораме да ја дефинираме со неа самата, како специфичен начин на дејствување, што го покренува субјектот кој произлегува од рационалноста својствена за политиката. Токму политичката релација овозможува да се промислува политичкиот субјект, а не обратно. Во тој контекст граѓанинот се одредува како некој кој има удел во владеењето но и оној над кој се владее. Целата политика и на политичкото е во таа специфична релација, во тоа да се има учество.
На политиката ѝ е потребен субјект кој учествува во спротиставености, барајќи ја новата вредност преку конфликтот и конфорнтацијата. Затоа политиката е своевидна парадоксална дејност. Функција на политиката е конфигурирање на сопствен простор. Тој простор може да го направи видлив светот на своите субјекти и на своите дејствувања. Суштината на политиката и политичкото е исполување на дисензус, како присуство на два света во еден, а не на консензус – бескрајно втолпено помирување кое ја промовира моќта во нејзиниот најлош вид. Дисензусот е правење исчекор, отклон во сетилното, во сензибилното. Политичката артикулација преку концептот на дисензусот води кон тоа да се види она што немало причина да биде видено.
Дисензусот не е конфликт на интереси или мислења туку конфорнтација. Преку политиката на дисензусот еден свет се вкотвува во некој друг свет, на пример свет во кој угнетените/маргинализираните говорат, и тоа говорат за заедницата. Политиката е преобразба на просторот на движење. Таа одново го фигурира и обликува просторот, она што треба да се прави, да се види, да се именува. Таа е конфликт фундиран на поделбата на сетилното и мисловното. Задачата на политиката е одново да го квалификува и да го направи видлив просторот на невидиливите, маргинализираните, нееднаквите, просторот исполнет со болка и крик.
Политичката аргументација е едновремено исполување на светот во кој таа е аргумент што субјектот го упатува кон оној од кој се бара да биде видено и слушнато она вообичаено што не се гледа и не се слуша, ниту се има повод да се види и да се слушне. Политичката аргументација е конструкција на еден парадоксален свет, кој спојува одвоени светови. Ние живеевме во одвоени светови. И облиците на здружување всушност беа дисензуален атрибут внатре самите нив, и во однос на оној кој нѐ зароби во логорот наречен Македонија.
Она што ни е потребно е девастираните системи да ги доведеме до крајните граници и дасоздадеме радикално нови.
.jpg)
Новиот идентитет во Македонија - Активист
Во Македонија почнавме да говориме за активизам. Многумина, во јавните настапи се потпишуваат како активисти. Тоа е можеби една од најголемите придобивки на режимот на ВМРО-ДПМНЕ во периодот од 2006 до 2016 година – се создаде нов идентитетски формат, кој никогаш не постоел претходно. Активистичкиот. Докрај не беше артикулирано за многумина кои овој иднетитет го чувствуваа за свој, што значи тоа. Но, веќе со многу мала дистанца можеме да резимираме и да сфатиме за понатаму што значи да се придодаде атрибутот активист.
Активистот има задача со постојано отповикување на центрите на моќ да го деконструира односот моќ-политика. Активистот, треба да биде оној колективен крик, крик на едновременоста на ужасот и на надежта. А таквата позиција пак го врзува за компонентите на отпорот и компонентите на испробување на конститутивната моќ.
Но не станува збор за некоја дихотомија на отпор кон реалниот, сегашниот свет, од една страна и некаква далеку од сегашното настанување поместена утопија од другата страна. Станува збор за вистински чекори изодени по некој навидум нов терен, поставен врз стариот терен, чекори кои се изодуваат како борба против стариот терен но едновремено го ползуваат истиот за да го претворат во нешто друго. „Крикот против“ и „движењето на креативната моќ“ треба да водат кон оние облици на отпор и борба кои тежнеат во својата форма да не репродуцираат структури и практики против кои се борат, туку да воспостават нови општествени односи. Токму помеѓу таквите хетерогени облици на отпорот треба да се одвива експерименталното испробување на она што се посакувало како преведен свет. Далеката иднина и незивесното време кое треба да дојде после „револуцијата“ не ни се потребни. Да се биде против но ситематски и теориски потковано да се експериментира со новите организациони облици на отпорот.
Активистот е тело во еднвремен и постојан отпор, лудило, храброст, сомнеж, бескомпромисност, знаење, структура, непослушност, копнеж. Тој е постојан дисензус и парадокс. Се одликува со страст по вистината. Тој мора да има љубов бидејќи љубовта е она што во филозофскиот жаргон се нарекува постапка на вистината, односно искуство околу кое се ткае рафинираното поимање на вистината. Таа вистина е вистина за различноста како таква. Секоја љубов ни дава нов доказ дека светот може да биде откриен поинаку. И политиката е постапка на вистината, но на онаа вистина која се однесува на заедницата. Вистинскиот активист е посветен љубовник! Тој влегува во ризк, експериментира, нуди нови светови, се грижи за Другиот!
Активизмот е облик на намерно чинење со кој се воспоставува концептуална и прагматичка платформа во улога на интервентно однесување и дејствување во општеството. Активизмот, едноставно, го подразбира уверувањето дека со целно и намерно дејствување може да се дојде до општествени и политички промени. Во концептуална смисла се разликуваат три карактеристични активистички пристапи: а) пристапот заснован на уверувањето дека иницијативите, интервенциите и интеракциите се практично, нетеориско дејствување кое произлегува директно од конфликтноста и контрадикцијата во доминантно искуствените општествени ситуации; б) пристапот заснован на уверувањето дека иницијативите, интервенциите и интеракциите се практични акции кои му претходат на секое концептуално или теориско толкување на општеството, културата и дека тие се критериуми на вистинитост и на доблесност на секој концепт или теорија; в) пристапот заснован на уверувањето дека иницијативите, интервенциите и интеракциите се коректни, практични и прагматични реализации на поставените идеализирачки, апстрактни концепти или теории во општеството и во социо-културниот контекст.
.jpg)
Конфронтација
Време е за создавање постојани стратегии на/за конструктивни конфронтации и политички утопии. Се почувствува потребата од создавање автономна зона на доверба која во мноштвото различни концепти и мислења нема оперативно да се блокира, која ќе ги надмине паланечките, минорни и лични егзистенцијални стравови и ќе зачекори без страв кон хоризонтот, кој постојано ќе се поместува. Го сфативме конструктивното значење на деструкцијата - деструкцијата е постапкана како дискурзивно рзорувањена утилитарните и тоталитарни јазични наративи, вредности, значења, идеологии, естетски или етички норми на општеството и социо-културниот контекст и како физичко разорување на објекти, во распон од предмети до човечки тела, облици на однесување и модели на изразување. Сфативме дека ниту еден отпор, ниту еден протест не може да биде изведен или оправдан доколку во себе не го содржи концептот на аномалијата. Аномалијата е нешто неправилно, нешто што отстапува од законите, навиките, обичаите. Аномалијата се бори за излегување од вообичаениот конформизам.
Заедницата која се заснова врз политичка култура на критичко дејствување и соочување преку конфронтација, е заедница на слободата, на взаемноста, на храбрата пловидба кон новите хоризонти на општеството, предавајќи им се на искушенијата на креативната конфронтација и на политичката имагинација. Од нашите активистички, протестни, бунтовнички скромни искуства мислам дека треба да се извлече една императивна нишка – граѓанинот треба да биде носител на перманентна конфронтација која ќе дестабилизира за да предизвика стабилизација. Бидејќи конфронтацијата секако е облик на преговарање, на учество, на создавањње нови наративи.
Ова е лекција за тоа како една земја не треба да се прифати исклучиво како политичко-географски топос. Напротив, станува збор за простор кој е илуминиран, (ре)создаван од безброј личносни микрокосмоси. Топос кој е севкупност на различните начини на живеење. Топос кој не е ништо друго освен само желба, копнеж, потрага, но и понуда на еден поинаков идентитет. Историјата, фактот за постоење на едно парче земја договорно омеѓено со караули и сведено под едно име, не е само прашање на општествено уредување и политичко промислување. Напротив: станува збор за личносна историја, за фрактали на мали, микро приказни, за суптилно ткаење на поединечните погледи, релации, контексти кои создаваат море на значења.
.jpg)
Дупките на мојата улица
Додека се обидувам да рефлектирам врз една од најкомплексните теми – човекот, бунтот, отпорот, протестот – тешка механизација создава земјотресни вибрации во мојот дом. Велат, ја поправаат улицата. Велат ќе ги закрпат сите дупки. Ако сакаме да правиме аналогии, и тоа оптимистични, тогаш ќе си помислиме дека поправката на една улица, на едно место е сигурен знак за своевидна општествена надеж со која ќе се обезбеди симболичка претстава за закрепнувањето, поправката на дупките во општеството. Вревата на механизацијата, треперењето на секое парче мебел и покуќнина, треперењето кое во дамарите создава немир со месеци, ќе го читаме како добронамерен политички гест кој треба да ни биде утеха за институционалната ефикасност. Но, јас, имам една поинаква перспектива на поправката на мојата улица (која безразложно трае со месеци) – мојата улица го зацврстува привидот на државна и институционална функционалност, од една страна, но од друга страна, ми дава поткрепа дека може да стане уште една асвалтирана траекторија, уште едно место, на кое ќе се концентрира и интензивира некое идно нездоволство и на кое „невидливото“, луѓето без глас, ќе стане одново видливо и гласно. Последниве неколку години сфативме дека улиците се нашето место на видливост. Можеби еден ден институциите ќе станат тоа место.
.jpg)
Слики: Paco Pomet