Европска Македонија во емигрантска Европа

07.08.2023 15:46
Европска Македонија во емигрантска Европа

Бугарија, која е членка на ЕУ од 2007 година, во изминатите две децении изгубила 17,4 проценти од своето население. Според најновите статистичким податоци на Евростат, во периодот од 2003 до 2023 година во повеќе ЕУ-членки во Источна и Централна Европа е забележан значаен демографски пад. Во ЕУ поголем популациски крах од Бугарија е регистриран само во Литванија – 18, 1 процент. Романското население е помало за 12 проценти, а во Хрватска населението се смалило за 10, 6 проценти. Значи, по дваесет години „европско“ непрекинато иселување.

Вкупното население на ЕУ бележи извесен пораст во споредба со лани, и моментно изнесува околу 448 милиони жители. Во текот на 2022 година бројката на умрените во Унијата била поголема од родените, но позитивната н во ето-миграција, односно бројот на мигранти минус емигранти, резултирало со пораст на населението целина. Се разбира, нема никакво сомнение дека и Македонија го дала својот „нето“ придонес во најновите демографски трендови во ЕУ. Придонес пресметан како дел од континуираното минусно салдо на сопствената депопулација.

За разлика од Источна Европа, демографските трендови во западните земји се во добар дел спротивни. Шведска, на пример, се вбројува меѓу земјите со највисок пораст на населението во последните две децении. Со пораст од 18 проценти Шведска бележи четири проценти повисок демографски раст од ЕУ-просекот. Во Шпанија населението од 2003 година се зголемило за 15 проценти, а во Франција и Данска за 10 проценти. Сосема е јасно дека миграциите се најважниот фактор што влијае на таквиот развој во споменатите земји.


Досега не сум запознал семејство во Шведска чии членови се иселиле од земјата затоа што не можеле да најдат работа со години, и покрај тоа што завршиле високо образование, или зашто биле членови на „погрешна“ партија, или можеби не биле подготвени да платат за „услугата“ што добиле вработување. Или, пак, не сакале да возвратат со некаква противуслуга, на пример, да се потрудат со тоа што ќе обезбедат десетина „сигурни“ гласачи на изборите, бидејќи без партијата и партиската книшка и на нив самите не би им претстоела сигурна иднина. За разлика од Македонија, или другите балкански земји, во Шведска, или во Данска, никој не ве прашува за која партија сте гласале, или ве повикува на интервју за вработување само доколку нема никакви дилеми околу вашата партиска припадност. И на вашето семејство во целина.

Миграциите кон ЕУ се несомнено главниот приодонес што внесува динамика и ги засилува позитивните демографски показатели во голем број членки. Како земја со мало население, Македонија сепак значајно придонесува кон таквите демографски процеси. Поради сиромаштијата и тешките животни услови, невработеноста, ниските плати, длабоката поларизација во општеството, партизираноста на сите нивоа и нефункционалните институции, многумина македонски граѓани, посебно младите, продолжуваат излезот да го бараат во странство.


Привлекувањето на дијаспората за враќање и инвестирање во Македонија е прашање околу кое во изминатите децении континуирано се гради силна политичка симболика, преку актуелизирање на разни политички заложби и стратегии, но кое редовно завршува како „пукање во празно“, проследено во медиумите со омаловажувачки коментари, потценување, манипулации и дефокусирање од суштината на проблемот.

Интересни се и проекциите на Евростат и за порастот на населението во ЕУ до крајот на ова столетие. Проекциите се направени врз основa на прогнози за наталитетот, очекуваниот просечен животен век, како и ислувањето и вселувањето во секоја земја-членка одделно.

Проекциите се најпозитивни во однос на Шведска, за која се смета дека до 2100-та година ќе го зголеми своето население од сегашните 10,5 милиони на приближно 13,7 милиони. Тоа воедно би бил и најголем пораст во рамки на ЕУ, односно околу 30 проценти.


Според истите проекции Бугарија и Хрватска ќе останат без преку 30 проценти од сопственото население до крајот на векот. Населението во Романија се очекува да се намали за околу 33 отсто, додека Грција би ја дочекала 2100-та година со помало население од околу 23 проценти.

Демографската статистика и прогнозите во ЕУ не ја опфаќаат Македонија, но факт е дека македонското население, без оглед на веродостојноста на последните пописни резултати, се намали за околу 10 отсто меѓу двата пописа, спроведени во 2002 и 2023 година. Проекциите за демографскиот развој до крајот на ова столeтие, имајќи го предвид пред се регионалното опкружување и демографските трендови во соседството, сигурно не се ни најмалку охрабрувачки за Македонија. И без оглед на можното членство во ЕУ.

Македонија е веќе емигрантска земја, според сите карактеристики на нејзиниот демографски развој. Македонскиот иселенички карван всушност никогаш не ни застанал. А за забавените европски реформи, на кои укажува Пендаровски, иселените припадници на младата македонска генерација, кои веќе живеат во ЕУ, би можеле да кажат многу нешта. И лесно би објасниле зошто се иселиле, и дали воопшто имаат намера да се вратат. Доколку некој се одважи да ги праша.


Стрип кадри: John Tartaglione, Dick Giordano - War Gods of the Deep, 1965
Извор за текстот: Слободен печат 

 

 

 

Слични содржини

Општество / Европа / Балкан
Општество / Европа / Балкан
Општество / Европа / Балкан
Општество / Европа / Балкан
Европа / Балкан / Историја

ОкоБоли главаВицФото