Ужас во Атина

11.08.2023 01:07
Ужас во Атина

Во морето музички правци, меѓу оние кои се истакнуваат со магична меланхолија која е невозможно да се избегне се истакнува „ребетикото“, правец на носталгични песни на грчките бегалци кои по договорот од Лозана, еден од најсрамните документи во историјата на меѓународната дипломатија, со која е легализирана идејата за таканаречена размена на население, на оние што трајно останале без роден крај и дом.

Со оглед на нивниот носталгичен карактер и пеењето за изгубениот роден крај овие песни делувале субверзивно за грчкиот национализам како владејачка идеологија која заради тоа ги забранувала. Па така, бегалците од Константинопол и Мала Азија биле двојно изолирани, без роден крај и вистинска прифатеност во новосоздадената Грција. Се посветиле на она што единствено им преостанало, а тоа е затворање во рамки на сопствената бегалска заедница.

Еден од најмоќните симболи на оваа заедница е фудбалскиот клуб АЕК, што претставува кратенка од Атлетско друштво Константинополис. Овој вторник во Атина, на нивниот релативно нов стадион со звучно име Аја Софија, требаше да игра загребски Динамо, но како што знае јавноста, овој натпревар е одложен по хулиганскиот напад на граѓаните на Атина и навивачите на АЕК, од страна на неколку стотици навивачи на загребскиот клуб, помогнати од навивачите на атински Панатинаикос, во кој загина дваесетгодишно момче.

И сè што ќе се пишува на оваа тема, дури и по убиството, за обичаите и кодексите на навивачкото движење или нешто слично, ќе биде помалку важно од што било друго. Кога ќе ги соголиме нештата докрај, се случи планирано злосторство од омраза, за чија организација требаше да се пропатува целиот Балкан и да се биде подготвен на сè, па и на тоа дека некој ќе биде убиен. При што омразата евидентно не е мотивирана исклучиво од клубската припадност, туку и од идеологијата, бидејќи воедно се работи и за припадници на екстремно десна навивачка група која нападна навивачи од лева провиненција, во заедничка организација на пошироко радикално десничарско братство. Тоа, пак, го надминува она што се смета за традиционален навивачки фолклор и совршено се вклопува во политичките трендови во Европа.

Вистина дека ова не е ни прв, ни последен случај на смртен исход поврзан со навивачките походи на омразата, но според многу нешта е индикативен. Притоа, за оваа дискусија ирелевантно е испитувањето за одговорноста на грчката полиција. Зашто колку и да е очигледна одговорноста во конкретниов случај, таа дојде на крајот и не е последица на процес кој трае долго.

Меѓутоа, кога зборуваме за сите постјугословенски земји и односот на владејачките политики и општествата во целина спрема навивачките движења, има нешто што е заедничко за сите. Првото е настанокот на организираното навивање и вистинскиот хулиганизам во заедничката лига од осумдесеттите години. И од тој аспект сето ова сè уште е последица на националистичката нетрпеливост кон социјалистичка Југославија и нејзините вредности со кои сè уште се пресметуваат. Второто е херојската улога која владејачките национализми му ја припишаа на ова движење од воените и повоените години, но и фактот дека организираните навивачки групи и тоа како со децении беа насочувани, а често и контролирани од страна на владејачките или ретко од опозициските националистички партии.

Кога станува збор за Бед блу бојс, официјалниот историографски наратив за нив е тоа што тие први му се спротивставија на српскиот национализам и дека на некој начин војната започна на Максимир, на она неодиграно дерби со Црвена Ѕвезда заради масовна тепачка, во мај 1990 година. Улогата, пак, на навивачите на Ѕвезда во раните воени походи и паравоените формации исто така е воздигната на пиедестал во јавноста.

И тука доаѓаме до вистинскиот проблем заради кој овдешните општества не се во состојба јасно да се позиционираат во однос на овие одреди на омразата, а истиот е видлив и во официјалното сувопарно бирократско соопштение на Динамо и Хрватскиот фудбалски сојуз.

Вистина е дека и на едните и на другите им пречи насилничкиот хулиганизам и дека направија многу да се пресметаат со него, но исто така е вистина и дека суштински не им пречи идеологијата која стои зад сето тоа. И сè додека е така, невозможно е да се очекува некакво позначајно поместување за ова прашање и тоа е тоа што прави важна разлика помеѓу постјугословенскиот навивачки контекст кој настана како огранок на победничката владејачка идеологија и проблемите со хулиганите во Европа.

Сето ова повторно нè враќа на колапсот на идејата за соочување со минатото и издржувањето на вредностите од деведесеттите, кои во Хрватска до таа мера се издигнати како врвна вредност, што за нив може дури и релативно слободно да се пишува и зборува, но без апсолутно никаков ефект во пошироките општествени слоеви.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://pescanik.net/

ОкоБоли главаВицФото