Двојните аршини на „седмата сила“

11.02.2011 12:19
Двојните аршини на „седмата сила“

Џулијан Асанж, основачот на Викиликс, повторно се најде на вестите, овојпат откако поранешниот швајцарски банкар Рудолф Елмер му предаде доверливи извештаи за околу 2000 богати поединци кои, наводно, содржат докази за перење пари и затајување данок.

Елмер набрзо беше прогласен за виновен за кршење на швајцарскиот закон за чување тајни, но само мал број новинари бараа Асанж да се гони судски поради неговата улога во аферата. Тоа, очигледно, се случува само во САД.

Во САД, среде дебатата за тоа дека Викиликс објавува доверливи документи на Стејт департментот, додека владата му се заканува на Асданж со екстрадиција и обвинение, угледните новинари бараат засолниште. Би се очекувало дека во водечките воведници во Њујорк тајмс и Волстрит журнал, а да не ги споменуваме телевизиските емисии, ќе се брани правото на Викиликс да ги објавува своите сознанија. Но, настапи само една чудна, заглушувачка, лицемерна и запрепастувачка тишина – или нешто уште полошо.

Повеќето американски новинари целосно сфаќаат дека Асанж не дојде незаконски до доверливиот материјал, бидејќи кон криминал е подложна секоја страна која го објавуваше материјалот на својата интернет страница. Тој не е пандан на Даниел Елсберг кој во 1971 г. незаконски објави документи од Пентагон, тајната хроника на војската на САД за војната во Виетнам, туку е сличен на Њујорк тајмс, кој донесе храбра и исправна одлука да го објавува тој материјал.

Всушност, американските новинари многу добро знаат дека и самите тие често тргуваат со доверлив материјал – впрочем, голем број истакнати американски новинари изградија кариери кои финансиски им се исплаќаа работејќи го токму тоа што и Асанж го работи сега. На сите коктели во медиумските кругови во Њујорк или Вашингтон новинарите весело им ја покажуваат на потенцијалните работодавци својата „стока“ или едни на други си прават услуги со тоа што откриваат доверливи информации.

На CNN неодамна настапи молк кога го прашав правниот стручњак Џефри Тубин, кој бараше Асанж да биде уапсен, дали навистина никогаш не оддал доверлива информација. Впрочем, тоа е она што го прават сериозните новинари: нивната работа е да откријат што владините службеници не сакаат да се објави.

Американските новинари знаат дека владата крие информации главно за да се поштеди себе си од понижување, а не зашто е искрено загрижена за националната безбедност. Врз доверливи информации е заснован најголемиот број бестселери на Боб Вудворд, новинар на Вашингтон пост, кој благодарение на своите дела стана најплатен новинар во печатените медиуми.

А каде се барањата да се уапси Вудворд? Зошто сите тие новинари, кои стекнуваат слава и пари правејќи го она што го направи Асанж, остануваат кукавички тивки (во најдобар случај), додека на колегата издавач му се заканува протерување, цензура и обвиненија за шпионажа (за кои може да следи смртна казна), а да не ги споменуваме повиците за негова ликвидација?

Една од причините за тоа би можеле да бидат обвиненијата за сексуално злоставување. Меѓутоа, секој сериозен новинар знае дека тие две прашања не смеат да се претворат во едно. Правото на слобода на изразување се применува на никаквеци и ѓубриња, на слаби личности, па дури и криминалци.

Затоа, повторно го поставувам прашањето: зошто американските новинари и уредници го претворија Асанж во отпадник од општеството? Според мислењето на новинарката Ненси Јусеф, Комитетот за слобода на медиумите на прекуморскиот клуб за печат во Америка, кој се наоѓа во Њујорк, соопшти дека Асанж „не е еден од нас“. Асошиејтед прес одбива да коментира за него. Дури и Националниот клуб за печат реши да не зборува јавно за можноста дека против Асанж ќе се започне судска постапка. Наместо тоа, го бранат здруженија на новинари од странство.

Деловниот модел на американскиот бизнис пропаѓа; луѓето кои би требало да го бранат Асанж се соочуваат со намалување на платите и невработеноста, во голема мера поради појавата на интернетот, чиј симбол е токму Асанж. Предрасудите на овие новинари против медиумите во кои не се „чувари на излезот“ ги спречува да признаат дека Асанж е издавач, а не некаков вид хибриден терористички блогер.

Парадоксално, на тој начин станаа како разбеснетите американски владини службеници кои сега му се закануваат на Асанж и кои повеќе не можат да го контролираат протокот на информации. Со своето однесување кон Асанж американската влада и главните медиуми во САД ја критикуваат иднината во која не постојат традиционални чувари на излезот за проток на информациите, додека сите институции живеат во проѕирни згради од стакло.

Токму поради таа причина прогонувањето на Асанж е залудно и апсурдно. Дури и кога засекогаш Асанж би се нашол под клуч, светот на иднината е светот на Викиликс.

Авторката е политички активист и општествена критичарка

Извор: danas.rs

Цртеж: Марија Антонија Сиза

ОкоБоли главаВицФото