1020 hPa
87 %
3 °C
Скопје - Сре, 22.01.2025 07:59
Додека целиот свет се поврзува преку невидливите процеси на глобализацијата, изолираните општества со сите сили се обидуваат да ја негуваат својата традиција за да ги избегнат надворешните пристисоци и интеграцијата во модерното општество кое се обидува да ги одвои од природата. Некои успеваат во тоа, но многу од нив сè уште се во опасност од бунтовниците, ловокрадците, рударските компании и сите оние кои гледаат материјална корист во нивниот дом.
И покрај насилството и загубите, племето Мбути сè уште продолжува да живее во прашума користејќи ги знаењата кои со векови ги впивало од природата.
Мбути се припадници на автохтоната средноафриканска група пигмејци, кои потекнуваат од густата шума Итури во североисточно Конго, а преживуваат благодарение на неверојатната способност на својата поубава половина, најниските жени на светот.
Мбути се одлични ловци и собирачи кои секои две недели се селат на друго подрачје во бескрајното зеленило на африканската прашума за остатокот од племето да го обезбедат со храна и основни животни средства. Антрополозите сметаат дека тие се најстарите луѓе во Африка. Познати се како „деца на шумата“ (бамики бандура) и се проценува дека таму во моментов живеат околу 40 000 припадници на ова племе.
Најсреќното племе на светот
Мбути на својата шума гледаат како на свето место. За својот дом зборуваат со почит, воодушевување и обожување. Длабоко во нивната традиција е вкоренета песната на шумата која вежбаат да ја пеат штом ќе научат да зборуваат.
Мрачните и студени ноќи во прашумата носат разни опасности. Шумата спие ноќе, па племето мора да ја разбуди со песна за да му помогне ако го нападнат непријателите. Песните за шумата воедно се и знак на благодарност за сè што прави шумата за нив.
За разлика од своите соседи не веруваат во духови и магии, туку исклучиво во добрината и љубезноста кои ги црпат од природата. Мајката Мбути развива посебна приспивна песна која почнува да му ја пее на своето бебе додека сè уште е во матката. Песната е авторско дело на секоја мајка, а вообичаено содржи стихови кои ја величаат шумата и го учат детето на добрина, љубов и заедништво.
Ова посебно племе мисионерите го нарекуваат најсреќното племе на светот. Смеата е составен дел од нивната култура и ја користат како главно оружје во борбата против непријателите. Секоја генерација има свој кловн, маж од племето кој е задолжен со смеа, шеги и разни лудории да го привлече вниманието на непријателите и така да ги спаси своите сонародници.
Жените од племето Мбути ги извршуваат речиси сите активности потребни за живот, а нивните способности се неопходни за ловот. Традиционалниот лов вклучува замка за животни во форма на мрежа која ја поставуваат мажите, а жените, заедно со пленот, ја носат назад во селото.
Освен пленот за остатокот на племето, женската улога е да се намами животното и да се задржи во мрежата за мажот да може да го прободе со копје. Вообичаено мрежата е тешка колку нив, зашто Мбути жените достигнуваат 137 сантиметри висина. Истражувачите сметаат дека функцијата на хормонот за раст е ограничена за нивните мали тела да можат да се прилагодат на посебните предизвици на прашумата.
Племето Мбути нема поглавар, а одлуките се донесуваат со консензус. Подеднакво е важен гласот на мажите, жените и децата, а политичка единица на ова племе се вика бенд. Најлошото злосторство што може да го направи припадник на ова племе е „доведување на племето во опасност“, а најлошата казна е исфрлање од бендот.
Животот и смртта на племето е во нераскинлива врска со природата. Кога ќе се роди дете жените го залеваат со сок од винова лоза, а околу глуждот му врзуваат плетенка од трева. Оваа церемонија е слична со крстењето и е традиционален повод за племенска забава. За таа прилика ловците и собирачите наоѓаат посебни деликатеси, а песната и танцот траат со денови. Обичај е сè до преминот во светот на возрасните децата да се нарекуваат браќа и сестри. Во ова племе бракот е моногамен, а се смета за официјален дури по раѓањето на првото дете.
Развиена сексуална едукација каква што модерниот свет сè уште не организирал
За разлика од соседите, Мбути не се занимаваат со вештерство, но имаат богата традиција на практикување посебна религија и ритуали. Централен ритуал на племето Мбути е елима - обележување на првата менструација кај млада жена. Според нивното верување тоа е време на сексуална слобода, кое девојките најпосле ги доведува до пронаоѓање на идниот брачен партнер.
Својата прва „возрасна недела“ ја поминуваат со најблиските жени во посебна колиба во која преку разговор, песна и танц учат за сите аспекти на мајчинството, сексуалните односи и преминот во светот на возрасните жени. Ако девојчето по еднонеделната сексуална едукација се чувствува подготвено, може да тргне во потрага по своето момче.
Сепак, при преминот во светот на возрасните момчињата се дел од брутална цереминија која вклучува болно обрежување. Се верува дека само обрежаните мажи по смртта можат да седат на иста маса со своите предци. Оваа церемонија се нарекува нкумби, таа е затворена за јавноста и на жените им е строго забрането на каков било начин да учествуваат во овој ритуал.
Мбути се подеднакво ранливи како и нивната шума. Најочигледна закана за нивниот традиционален начин на живот е уништувањето на шумите, а со самото тоа и изворот на нивниот живот. Тие немаат никакви законски права над својот дом, па немоќно гледаат како комерцијалното сечење на шумите ги уништува зелените пространства кои ги чувале со векови. Кога ќе се исцрпат шумските ресурси ова посебно племе ќе стане евтина работна сила која многумина ќе ја искористат.
Превод: Алек Кузмановски
Извор: https://punkufer.dnevnik.hr/