1029 hPa
32 %
18 °C
Скопје - Вто, 05.11.2024 12:59
Висината на пензиите зависи од платите на пензионерите додека биле во работен однос, односно од тоа колку придонеси (им) плаќале. Македонската транзиција, за жал, донесе многу стечаи и луѓе што останаа на улица, има и такви со едвај 15-ина години стаж, па затоа имаат и помали пензии, а голем дел и од тие што работеа дел од платата ја добиваа во кеш (практика што и ден-денеска се применува), што значи придонесите им биле плаќани соодветно на тогашниот минимален личен доход.
Сите овие што влегуваат во оваа категорија денес тешко преживуваат со пензиите, колку тие и да се покачуваат на секои шест месеци. Пензионерите со просечни 19.000 денари не може да живеат нормално. Инфлацијата, за жал, ги „изеде“ и покачувањата од последниве една и пол година. Трошоците за лекови, за жал, растат правопропорционално со возраста, а голем дел од терапијата што ја примаат не е на позитивната листа на Фондот за здравство.
Дури 25,2 отсто од земаат пензии од 11.897 денари до 15.250 денари, а просекот на сите пензии е точно 19.106 денари. Како со вакви примања да се покријат трошоците за храна, за обновување на неопходната облека, за сметки? За патувања, културни потреби и да не зборуваме. Многу стари и изнемоштени лица не може да си дозволат сместување во дом за стари лица што чини најмалку 500 евра месечно.
Ниту иднината ни пензионерите не е светла. Финансиските резултати на Фондот за ПИОМ покажуваат дека лани вкупните приходи изнесуваат 1,38 милијарди евра, од кои 893,4 милиони евра се од придонеси на сегашни вработени, со кои се алиментираат сегашните пензии и од кои еден ден ќе зависат нивните пензии. Директно од Буџетот се префрлиле 464,8 милиони евра. Во оваа каса одат пари и од акцизи, кои исто така се буџетски, а износот бил 23,5 милиони евра, потоа од дивиденди во Фондот отишле 197.000 евра, и нешто „ситно“ имало од други остварени приходи. Значи, 64,7 проценти, или околу две третини од приходите на Фондот се од придонеси, а една третина од буџетски средства! Поголемо зголемување на пензиите ќе значи и поголемо префрлање на пари од државната каса. И така во круг!
Во земјава се изгради систем што прво почна да се темели на транзициски богаташи со приграбени општествени фирми, а потоа се надградуваше и уште се надградува со тендерски капитализам, својствен за Балканот, каде што етиката и моралот се стопија како свеќа. И понатаму шуруваат бизнис-секторот и власта, се прават закони со големи отстапки, се користат законски дупки, ретко се вршат реални инспекциски надзори. Сето тоа влијае врз сегашната плата – на забошотувања на плаќањата за минат труд, за прекувремена работа…
Одговорот стигна од младите. Иако печалбарството го имало и ќе го има, се добива впечаток дека иселувањето во последниве години е како никогаш досега. Опустошеа нивите, пазарџиите се жалат дека нема овошје и зеленчук за откуп, работодавачите бараат и тешко наоѓаат работници. За плата од 500 евра се интегрираат три работни места!
Поради сето ова, соодносот на бројот на пензионери и бројот на вработени што треба да го полнат Фондот за пензиско осигурување (ПИОМ) е неповолен. И статистиката за работната сила е поразителна. Ако во некои времиња тројца вработени „издржувале“ еден пензионер, сега стигнавме околу 570.000 осигуреници издржуваат околу 370.000 пензионери.
Има ли излез од тунелот што се изгради низ годиниве, а во кој губат здив пензионерите?
Ако нема сериозни промени во сите сфери, уште поголем проблем ќе имаат и утрешните пензионери.
Решението мора да е системско – од спречување на иселувањето, до привлекување инвеститори, реформи во законодавството, поголема финансиска контрола. Прстот на чело треба да го стават сите – од образованието што треба да создава кадри, преку газдите на фирмите, па и секој од нас, како поединец. Тоа секако не ги ослободува од обврската и актуелните министри во Владата. Затоа што сите, еден ден, ќе бидеме пензионери.
И уште нешто: ако требаше да си ги покачат платите, функционерите тоа требаше да го сторат последни и секако не за 78 отсто. Ако не за друго, да не бидат уште еден повод за зачестени протести, дури и да станува збор за „споредување одлука на Уставниот суд“. Вака, секој протест е уште пооправдан!
Извор за текстот: Слободен печат