1020 hPa
53 %
23 °C
Скопје - Чет, 18.06.2026 08:59

Кинеско-американските односи денес веројатно се на најниска точка од седумдесеттите години на минатиот век. Професорите Скот Кенеди и Ванг Џиси тврдат дека ковидот е една од причините за овој пад: дипломатските состаноци и програмите за културна размена се проретчија, а тоа кај двете страни создаде ефект на ехо на коморите, затворен систем во кој нема реална комуникација. Тоа можеби е точно, но притисокот почна да расте уште пред пандемијата.
Во САД приказната за кинеската закана е сеприсутна. Во неодамнешното патување на Си Џинпинг во Москва, Вашингтон Пост виде ковање план за постамерикански светски поредок. Во списанието Форин Аферс Помфрет и Мет Потинџер ја обвинија Кина дека отворено се подготвува за војна: воениот буџет на Кина е двојно зголемен последнава деценија (иако сè уште е мал во споредба со американскиот). Волтер Расел Мид во текст за Волстрит Журнал Кина ја нарече „експанзионистичка, тиранска сила чија неумерена амбиција ја загрозува слободата ширум светот“. Директорот на ЦИА Вилијам Бернс, еден од неодамнешните говорници во серијата истакнати предавања на институтот Бејкер, беше малку поодмерен, но рече дека Кина „не се задоволува само со место на масата, туку сака да претседава“. Според зборовите на поранешниот министер за финансии Лари Самерс „во Кина постојат само јастреби“.
.jpg)
Кинеската влада во март годинава најави ревизија на својата надворешно-политичка доктрина. Таа билатерално се поврзува со европските држави, без оглед на противречните изјави на Емануел Макрон, Аналена Бребок и Кристин Лагард. За време на официјалната посета на Кина кај претседателот Лула во март годинава, Бразил и Кина потпишаа 15 трговски договори, иако со помало значење (Бразил ја разгледува можноста да отвори нова кинеска фабрика за полупроводници).
На Блискиот исток обновувањето на дипломатските односи помеѓу Иран и Саудиска Арабија, со посредување на Кина, ги зголеми шансите за продолжување на бруталните конфликти во Јемен, кои САД и Британија ги одржуваат веќе седма година. На 12 април Синопек купи 5 проценти удел во катарскиот проект за проширување на експлоатацијата на течен гас. Кина исто така е во преговори со Саудиска Арабија со цел дел од нивната меѓусебна трговија со нафта да се одвива во јуани. За тоа се шушка веќе цела деценија, но денес звучи сосема веројатно. Можеби овие настани немаат некаква претерана тежина. Но саудиската нафта деноминирана во долари и заштитена со американска воена сила во Персискиот залив претставува важен дел од американската глобална стратегија. Ревизија на овој систем би предизвикала големи потреси.
.jpg)
Според Си, военото јакнење на Кина (градењето „голем железен ѕид“) е неопходно заради „опасноста од американската хегемонија“. Во својот говор на почетокот на март Си рече дека „западните земји на чело со САД од сите правци спроведуваат политика за спречување на ширењето на кинеското влијание“. Проценката на Си се совпаѓа со проценките на американските планери. Државниот секретар Ентони Блинкен во мај 2022 година рече дека САД не сакаат „да ја блокираат Кина во нејзината улога на голема сила“, но додаде дека САД „ќе го обликуваат стратешкото опкружување околу Пекинг за да ја унапредат визијата за отворен, инклузивен меѓународен систем“. Обликуваното на стратешкото опкружување на едните значи спречување на ширење на влијанието за другите.
Одлуката на Кина да ѝ се ограничи пристапот до технологијата за производство на најнапредни полупроводници (од 16 нанометри или помали) ја донесоа луѓето од највисокото ниво на американската надворешна политика: Блинкен, Бернс и советникот за национална безбедност Џејк Саливен. Какви и да бидат практичните ефекти од овој потег, од перспектива на Кина тоа изгледа како обид САД „да ја победат Кина до смрт“. Како што се предупредува, тоа се „обиди на администрацијата на Бајден да му ги извади забите на кинескиот тигар“ - а тигрите не одат доброволно на забар.
.jpg)
Историски, Кина имаше нуклеарна политика на минимално одвраќање заснована на најмал можен арсенал. Во меѓувреме направи повеќе складишта, повеќе лансирачи и веројатно повеќе борбени глави. Можеби Кина се откажува од политиката на минимално одвраќање. Или можеби, како што рече Ван Џексон, „Кина погледнала во амбисот на американскиот милитаризам и заклучила дека за минималното одвраќање ѝ е потребен поголем минимум“.
Во февруари директоратот на американската Национална разузнавачка служба ја објави својата годишна проценка на заканите во која се заклучува: „Кина ја менува ориентацијата на својата нуклеарна позиција кон стратешко ривалство со САД, зашто нејзините лидери процениле дека моменталните капацитети не им се доволни. Пекинг е загрижен дека билатералните тензии, американската нуклеарна модернизација и напредните конвенционални способности на кинеската војска можат да ја зголемат веројатноста за прв американски удар.“
Американската нуклеарна политика секогаш тежнее кон супериорност. Според зборовите на Џејмс Ектон, кодиректор на карнегиевата програма за нуклеарна политика, новите радарски и сателитски инсталации значат дека Кина сега веројатно има систем за рано предупредување кој може да го детектира првиот американски удар. Ако Ектон е во право, зголемените капацитети на кинеското нуклеарно оружје можат да ги намалат шансите САД да го употреби своето.
.jpg)
Високи претставници на американската војска постојано лицитираат со датум за кинеската инвазија на Тајван (додека повеќето познавачи на регионалните прилики сметаат дека до инвазија можеби нема ни да дојде). За време на посетата на Њујорк кон крајот на март, тајванската претседателка Цај Инг-вен рече дека нејзината земја „е на првата линија на одбраната на демократијата“. Кога се врати во Тајпеј, Кина најави тродневна воена вежба. На 11 април САД ја изведоа својата најголема воена вежба со Филипините, во која учествуваа повеќе од 12 000 американски војници, за да ги тестираат новите договори за пристап до филипинските воени бази склучени во февруари.
Актуелната американска влада се обиудува своите внатрешни политички проекти да ги поврзе со конфронтацијата со Кина. Како што зборуваше Сципион Насика за односите на Рим и Картагена, постоењето официјален непријател може да има стимулативен ефект на матичната држава. Но ризиците се превисоки. Американската војска некогаш одржуваше мошне пријателски контакти со кинеската. Замениците од американското министерство за одбрана одеа во државни посети на Пекинг. Сега патуваат во Тајпеј. На официјалните линии завладеа молк, а правилата станаа нејасни. Без рамка за управување со кинеско-американските односи премногу нешта зависат од личната умерност на неколкумина лидери.
.jpg)
Превод: Алек Кузмановски
Карикатури: Emanuele Del Rosso
Извор: https://www.lrb.co.uk/