Синиша Туциќ е добитник на главната награда на фестивалот Друга приказна

21.08.2023 12:34
Синиша Туциќ е добитник на главната награда на фестивалот Друга приказна

 

ПОПРЕЧЕНОСТА е главна тема на осмото издание на книжевниот фестивал Друга приказна. Фестивалот ќе се одржи од 1 до 3 септември во МКЦ и Бруталиск, во Скопје.

Ќе се промовираат три публикации, специјално направени за фестивалот: книгата за борбата против аутизмот, „Мост над бурната река“ од Далибор Талајиќ од Загреб; сликовницата „Седум конци на сонцето“ од Драгана Младеновиќ и Инес Георгиевска; списанието Маргина #95 (на 250 страници прилози за студиите на инвалидноста).

Ќе бидат претставени и три детски книги за попреченост: „За копчето и среќата“ од Јасминка Петровиќ, „Гуш и Бац“ од Зоран Кардула и „Цветна дружина“ од Ирена Поповска.

Ќе се прикажат три документарни филмови: Марија Апчевска - Беласица; Маја Младеновска - Роза; Тежок андерграунд (Ново културно насеље, Нови Сад), а предавање на тема Инвалидноста на филм ќе одржи Иван Велисављевиќ од Белград.

„Се сеќаваме на Дубравка Угрешиќ и Давид Албахари“ - македонски писател(к)и и уметници ќе ги читаат омилените страници од неодамна починатите писатели Дубравка Угрешиќ и Давид Албахари, лауреати на Друга приказна.

Програмата подетално.

 

Синиша Туциќ е роден е во 1978 година и претставува едно од најзначајните имиња на војводинската културна сцена. Автор е на пет збирки поезија и на еден роман. Син е на славниот новосадски авангарден поет и уметник Вујица Решин Туциќ. Лице е со попреченост, тешко се движи и зборува. Често се среќавал со дискриминација, но ниту во еден момент не дозволил таа на кој било начин да го поколеба и да го одврати од неговиот пат. И покрај неговата попреченост (која ја има од раѓање), тој е сеприсутен, храбро и бескомпромисно ги прескокнува сите физички бариери, како и и предрасудите. Неговото мислење и како писател и како активист е високо ценето. Можеби му треба многу повеќе енергија од другите, но тој ја има таа енергија. Неговите очи и ум се насекаде. Тој е скапоцената посебност на Нови Сад.

Во продолжение пренесуваме една песна од Синиша Туциќ и, подолу, кратка биографија на осмиот добитник на главната награда на фестивалот Друга приказна.

 

Синиша Туциќ
ПИШОЊА и ЖУГА & DISABILITY STUDIES
 

Još istu noć su Pišonja i Žuga

Maznuli kasetaš iz doma invalida –

Почнува популарната песна

Толку пати преслушана.

Домот на инвалиди остана настрана во таа позната песна

Од југословенскиот рокенрол

Оти тогаш никој не размислувал за положбата на лицата со попреченост

или онеспособените лица,

Па дури ни членовите на движењето New Primitives

Кои секогаш пееја за страничните.

Елем,

Бараките на Бреца можеби постојат и денес

И во нив пак има некое

Здружение на дистрофичари, за церебрална парализа,

Или мултиплекс склероза,

Некој дом на инвалиди ‒ сосема е сеедно.

Во бараките на Бреца денес тешко влегуваат новите инклузивни политики на попреченоста.

Во бараката на 21 век можеби има USB

Со текстови од теориите на инвалидноста

(Заборавено од некој понапреден активист или активистка за правата на лицата со попреченост)

А кои ја толкуваат постапката на Пишоња и Жуга

од доцните осумдесетти години на 20 век.

Имено,

Што ако Пишоња и Жуга навистина решиле да стигнат до морето

и да не чекаат Домот на инвалиди,

Здружението на дистрофичари, за церебрална парализа или мултиплекс склероза

Да им го организира летувањето,

Туку со количките се дотркалале до гаражата

Оставајќи ги инвалидските колички во Сараево?

И некако се качиле во автобус

До кампот во Заострог ќе се снајдат,

Таму ќе ги чекаат Лепи и Моке,

Море и цициња во шатор.

Морето е провод,

Морето е метафора за општество без бариери

A Пишоња и Жуга лица со попреченост го минуваат патот

Од политички дискусии на членовите

На Унијата на физички заслабени против сегрегација

(Union of Physically Impaired Against Segregation, UPIAS)

од седумдесеттите години на минатиот век

До денешниов ден.

Активизмот на онеспособените

Е перманентниот пат на Пишоња и Жуга,

Патот кон море,

Патот кон рамноправност.

И секогаш и одново сме блокирани, исклучувани, институционализирани,

Оневозможувани кај Брадина.

Малку потаму тече бистрата студена Неретва

На патот кон делтата и синиот Јадран.

Ние секогаш и одново гледаме во месечината.

Некои можат горе,

Пишоња и Жуга ни на море:

На крајот на сè

Останала касета во правливиот касеташ

во бараката на Бреца.

USB-то, теориското освестување,

Случајно заборавени

Во Домот на инвалиди.

Сè уште нема кој да ги дрпне

и повторно да го придвижи автобусот.

(Превод: Пандалф Вулкански)

Синиша Туциќ (1978, Нови Сад) магистрирал српска литература и јазик на Филозофскиот факултет во Нови Сад. Ги објавил следните збирки поезија: Бетонска кома (1996), Крвава цицка (2001), Нови татковини (2007), Куршум (2012), Расфрлани пасворди - избор од поезијата, со превод на унгарски (2015), Механички монструми (2020). Во 2021 година го објавил романот Попино Прасе.

Еден од приредувачите на збирката Нешто е во игра, нова новосадска поезија (2008). Учествувал во уредувањето на зборникот на поетската манифестација Поетариум, Поезија за народот (2020). Автор е на антологијата на новосадската поезија пишувана од жени, Невидливата зебра (2021). Еден е од авторите на публикацијата Breviary Street of New Settlement.

Во текот на 1990-ите бил дел од уметничката група МАГНЕТ, која изведувала радикални уметнички перформанси против тогашниот режим на Слободан Милошевиќ. Во 2013 г., во соработка со новосадскиот уметник Нарцис Алиспахиќ, го снимил експерименталниот филм Расфрлани пасворди, награден на фестивалот за инвалидитет и за лицата со попреченост, Ухвати филм. Во рамките на здружението Културанова во периодот 2017-2022 го уредувал изданието Зад барикадата. Го уредил тематскиот број на списанието за литература, филозофија и социјална теорија Ризом посветено на студиите за попреченост (2021). Активист е на групата НОВО КУЛТУРНО НАСЕЉЕ, организација која се занимава со културниот живот во квартот. Живее во Нови Сад.


Фотографии: Татјана Туциќ

Слични содржини

Книжевност / Култура / Настан
Книжевност / Настан
Книжевност / Култура / Настан
Фотографија / Книжевност / Култура / Настан

ОкоБоли главаВицФото