1025 hPa
87 %
10 °C
Скопје - Сре, 16.10.2024 07:59
На овогодишното издание на Друга приказна би сакале да претставиме дел од социјалните, политичките, културолошките позиции и идентитети на луѓето со попреченост. Сметаме дека е исклучително важно во нашата заостаната култура многу повеќе во јавноста да се внесуваат искуствата однадвор, од луѓе, писатели, теоретичари, уметници, активисти, кои имаат поголемо и подолго искуство на ова поле. Во култура во којашто телесната различност се заташкува и оспорува и во која на прсти можат да се избројат културните организации или поединци кои во својата работа ја тематизираат попреченоста, сметаме дека е висок приоритет токму покомплексното отворање и водење на овие теми.
Темите сакаме да ги приближиме до пообразованите луѓе кои имаат влијание и кои одлучуваат: луѓе од медиумите, културата, академскиот сектор, граѓанскиот сектор, политиката... Со тоа ќе придонесеме за подобра информираност, ама ќе поттикнеме и нови поврзувања и акции кои ќе го направат животот на инвалидите малку подобар, а општеството потолерантно и повклучувачко.
Потребни ни се сензибилизирање на свеста на луѓето што кројат политики и поголемо влијание врз јавната перцепција; подобрување на видливоста и на медиумското присуство на темите поврзани со правата на лицата со попреченост; повисока граѓанска свест за вистинските проблеми на лицата со попреченост; подготовка за дијалог кој ќе креира политики и поврзување во засегнатите области ‒ култура, социјална политика, граѓанско општество...
Најпосле, не се дискриминирани само лицата со попреченост. Прашањето на попреченоста и општествената дискриминација, која му е придружна, ги допира не само меѓу луѓето со посебни потреби, туку и другите општествени сфери кои опфаќаат други ранливи групи: постари лица, млади, жени, малцинства...
Фестивалот превенствено ќе биде интелектуален поттик, но и поттик за развој на активизмот на луѓето со попреченост кај нас. На активизмот витално му се потребни рефлексии и промислувања, за да фати чекор со поширокото опкружување, но и за подобро да се разбере самиот себе.
Јазикот и знаењето
Борбата за подобра интегрираност на лицата со попреченост се одвива и на ниво на јазикот. Том Шекспир, на пример, во поново време го воведе терминот „оневозможувани лица“ наместо инвалиди и попречени. Новиот израз го сигнализира пристапот според социјалниот модел, додека термините лица со инвалидитет или лица со попреченост се повеќе врзани за традиционалниот пристап.
Игнорирањето и зазорот спрема темата попреченост се поттик да ја отвораме и на полето на јазикот, уметноста, теоријата и активизмот. Поинаквото, екстравагантно тело изминатите десетлетија стана многу поснажно присутно, преку уметноста, дури и во меинстрим медиумите. Присутноста на таквите тела и прашањата што ги покренуваат (воспоставувањето поинакви лични и колективни идентитети) одново ги преиспитуваат политиките на „нормалното“. Она што се смета за нормално (како и она што не се смета за такво) идеолошки е втемелено и длабоко втиснато во општеството.
Последниве триесетина години во светот започна развојот на „студиите за попреченост“ (или „студии за инвалидитет“ - disability studies; на македонски disability се преведува и како онеспособеност, хендикеп, инвалидност, инвалидитет...). „Студиите за попреченост“ се обид да се анализира културниот и историскиот развој на односот на општеството спрема инвалидното тело – регулацијата на неговиот статус, воспоставувањето на нормата на „способното тело“ според која се одредувал степенот на „неспособноста“, општествената положба на „неспособните“, репрезентацијата на инвалидното тело во културата и уметноста...
Инвалидното тело
Инвалидното тело се чита како различно во однос на нормата, како абнормално, болно, трауматично, туѓо, стигматизирано. Тоа е претерано во својот кусок или вишок. Во минатото често било неприфатливо или прифатливо само во посебни околности (дворски шутови, циркуси, фрик-шоуа) кога било обележано како монструозно или хумористично. Телото со посебни потреби исто така подложи на предрасудата за непродуктивноста односно за намалените можности за продуктивен придонес кон заедницата (економски, општествен...), како и неможноста за уживање. Социјалната позиција на таквите тела е впишана и во јазикот ‒ латинскиот збор invalidus значи нејак, немоќен...
„Оневозможуваниа тела“ покажуваат како социјалното „производство“ на тела може да биде подложно на биолошката зададеност, а со тоа и на дискриминација: Присутноста на личноста со попреченост e проблематична во многу социјални ситуации: таа се заканува да го промени статус-квото, со моментното согледување на сопственото тело или себство како потенцијално различно, со оглед дека личноста се наоѓа лице в лице со она што е пореметено“, вели Petra Kuppers во книгата Disability and Contemporary Performance.
Социјалната грижа за необичните и акстравагантни тела се развива во последните четириесетина години во насока на поголема социјално-културна осетливост на различност и создавање разновидни општествено-институционални рамки кои го подигнуваат квалитетот на животот на личностите со инвалидитет. Така инвалидноста стана не само медицинска состојба на поединечна личност туку пред сè социјално прашање за поголема вклученост во општеството.
Во филмскиот класик Freaks има страшна сцена на освета во која дружина микроцефалци (луѓе со мала глава), џуџиња, кепеци, сраснати близнаци - опишана во рекламниот материјал на компанијата МГМ со синтагмата „чудните деца на сенките“ и „кошмарни облици во темнината“ - понижуваат и измачуваат убавица зашто го измамила и отрула својот џуџест сопруг. Откако ќе биде преобразена во наказа, убавицата во последната сцена од филмот ја гледаме изложена како гротескна „жена кокошка“.
Оваа сцена на наплата на долговите, возбудлива фантазија на „нормалниот“ режисер Тод Браунинг, често се појавува во поновите написи за инвалидноста, да речеме, во есејот на Џоан Хокинс, објавен во зборникот Наказност: Културните спектакли на необичното тело (Freakery: Cultural Spectacles of the Extraordinary body, 1996). Секако, сцената служи како совршен пример за замислената огорченост и ресантиманот кои луѓето без попреченост ги проектираат врз луѓето со инвалидитет. Меѓутоа, од друга страна, сцената е одличен лајтмотив на новиот дискурс кој се развива во современата академска есеистика и на катедрите во САД.
Ленард Дејвис - Сакатите го возвраќаат ударот: подем на студиите за инвалидноста (во зборникот Попреченост, текстови за инвалидните тела; Темплум 2022)
Фотографиите се од филмот FREAKS (Тод Браунинг, 1932)