Мицкоски во Кичево - кулминација на лудоста и апсурдот!

24.08.2023 11:32
Мицкоски во Кичево - кулминација на лудоста и апсурдот!

 

Мицкоски со последните изјави во Кичево очигледно решил „во име на народот“ да ја уништи иднината на државата и истиот тој народ. Никој не може да ме разубеди дека тоа го прави несвесен за значењето на историскиот момент пред кој сме исправени како држава. Тоа укажува на неколку работи.

Прво, народски кажано, толку го има дадено газот под кирија, што очигледно не може назад.

Второ, нереформираното вмро, со груевистичката матрица на политичко опстојување, не го прифаќа процесот на европеизирање на македонското општество зашто во такви околности ваквото вмро не ќе може да опстојува со наративите од минатите триесеттина години, со кои опстојува на македонската политичка сцена

Трето, во немање поцврст аргумент за своите позиции во однос на недавањето поддршка за уставните измени, ја исфрлаат манипулативната парола – „Бугарски диктат“. Јадица на која се фаќа голем дел од македонската јавност.


Македонската јавност во голема мера, за жал, не ја согледува заложничката позиција во која Мицкоски ја става иднината на цела држава, само и само поради опстојувањето на позициите на груевизмот. Што подразбира враќање на заробеното општество како состојба која овозможува егзистирање на вмро со ваква матрица на политичко дејствување. Жртва секако ќе бидат европерспективите. Но не само тоа: под прашалник ќе биде ставено и опстојувањето на државата.

Но! Во сета заложничка драма зрак на надеж сепак е доаѓањето на Ескобар во овој критичен момент.

Мое лично согледување е дека сиот напор што нашите пријатели од ЕУ и САД минативе десеттина години го прават, е во насока ова подрачје од Европа да се стави на колосекот на наше безбедносно и економско интегрирање во западните безбедносни и економски сојузи. Потрошено време, енергија, финансии. Нема да се дозволи да се упропасти! Посебно во сегашниве околности после избивањето на руско-украинскиот конфликт. Кој во својата суштина произлегува од истите мотивации кои предизвикуваат конфликти и на Балканот, а и кај нас.


Велам, конфликт и кај нас! Да, поинаку не можам да ја дефинирам сегашнава наша ситуација, освен како конфликт помеѓу напредното, демократското, проевропското од една страна, и ретроградното, назадното, кое не’ носи во конфликт, уназадување, несреќи...

Ми дава надеж сознанието што ми се наметна пред десеттина години, поради што бев уверен дека тогашната борба ќе успее. Тоа е следново: среќа наша е што големите западни демократии увидоа дека им е во интерес да вложат во интеграција на Балканот во Европа и НАТО, како предуслов за стабилен регион. Увидоа дека ова невралгично подрачје, доколку биде оставено на ветрометина на ретроградните, националистички сили, лесно може да предизвика конфликти коиво крајна линија ќе ги засегне и нивните интереси. А тоа е нашата среќна околност!

Мислам дека Мицкоски ќе добие понуда што не се одбива.

Македонија, ЕУ перспективите на цел регион, не смеат да останат во заложништво на неодговорна политичка структура која не знае или не сака да ги прифати овие околности. Околности кои значат демократизација и европски вредности на целиот Балкански простор, па и во Македонија. Како предуслов за обезбедување развој, благосостојба и достоинствен живот и кај нас и во регионот.


Извор за текстот: Frontline