Свечено затворени „Струшките вечери на поезијата“

28.08.2023 09:18
Свечено затворени „Струшките вечери на поезијата“

Со поетското читање „Мостови“ и врачување на наградите „Златен венец“, „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“ синоќа на Мостот на поезијата свечено беше затворено 62. издание на меѓународниот поетски фестивал „Струшки вечери на поезијата“.

На фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ (СВП), кој годинава се одржува од 24 до 28 август под мотото „Чувствотворен јазик“, настапија повеќе од 25 странски и 40 домашни поети од постарата, но и од помладата генерација.

„Поетот, во потрагата по вистински зборови за својата песна, од јазикот ги ослободува само оние кои резонираат со неговото срце. Вдахнувајќи ги зборовите со емоции, тој создава нов, чувствотворен јазик“, рече актерката Софија Насевска-Трифуновска на свечената манифестација.
Во рамки на програмата во катедралната црква „Св. Софија“ во Охрид се одржа поетски портрет на лауреатот на наградата „Златен Венец“, Влада Урошевиќ.

На истата локација се одржа и свечен настан по повод јубилејот – 100 години од раѓањето на поетот Ацо Шопов, чие чествување се одбележа и со изложба на фотографии поврзани со неговото учеството на „Струшките вечери на поезијата“ и неговиот придонес за основањето и развојот на фестивалот.

Во рамки на програмата на СВП беше организиран и специјален настан поврзан со настапот на избраните поети од платформата „Версополис“.

По повод јубилејот „200 години од раѓањето на Шандор Петефи“, во рамки на прогрмата на СВП беше отворена изложба за животот и делото на овој унгарски поет.
Во чест на јубилејот 60 години од востановувањето на наградата „Браќа Миладиновци“, оваа година беше издадена Антологија за поезијата и флората, насловена „Меѓу дрвјата“ чиј приредувач е македонскиот поет и философ Иван Џепароски.

Во рамки на фестивалот, во Домот на културата „Наум Наумовски Борче“ во Крушево ќе се одржи поетско читање, а на платото пред Музејот на современа уметност во Скопје ќе се одржи Меѓународен поетски митинг.

Извор:https://mkd.mk

ОкоБоли главаВицФото