
„Позабавно е да се биде фашист“, изјави мојот 14 годишен син, кој инаку ја сака слободата откако поголем дел од летото го помина со другарите играјќи ја друштвената игра „Тајниот Хитлер“, првпат објавена во трамповската 2016 година.
Во оваа исклучително популарна игра, играчите по случаен избор се делат во два тима: либерали, кои го претставуваат мнозинството и фашисти. На почетокот фашистите се откриваат едни со други (само Хитлер не знае кои му се колегите фашисти), додека либералите не знаат кој е либерал, а кој фашист. Тимот фашисти победува ако освои 6 фашистички политики или ако го избере Хитлер за канцелар; либералите триумфираат ако освојат 5 либерални политики или ако го убијат Хитлер.
Заплетот на играта е заснован на дилемата за соработка. Ако либералите научат да си веруваат едни на други, секогаш ќе имаат гласови за победа. Меѓутоа, не е лесно да се има доверба, зашто фашистите ќе кажат што било за лажно да се претстават како либерали, но и затоа што за време на играта либералот понекогаш нема друг избор освен да поддржи фашистичка политика.
Во „Тајниот Хитлер“ судбината на демократијата не е во рацете на гласачите туку зависи од талентот на либералните елити да им веруваат на пријателите и да ги откриваат заговорите.
Прашањето кое го поставува играта е саморазбирливо: дали е исто и во реалниот живот?
Во неодамна објавената книга Демократијата еродира од врвот, истакнатиот американски политиколог Лари Бартелс тврди дека вообичаената претстава дека популистичкото цунами ги уништува европските демократии е емпириски погрешна. Бартелс покажува дека поддршката за радикално десничарските политики и идеи не е многу променета во последните 20 години и дека нема докази дека јавното мислење се свртело кон десно.
Демократијата, тврди Бартелс, венее одозгора. Лошите коалициски политики или институционалните промени се вистинските причини заради кои радикалната десница ја осовјува власта. Италијанската премиерка Џорџа Мелони би се сложила со тоа.
Импресивното мнозинство кое го освои нејзината десничарска коалиција на изборите во септември минатата година не беше последица на драматични промени кај склоностите на гласачите туку на спектакуларната неспособност на лидерите на италијанската левица да соработуваат и да си веруваат едни на други. Полска не е поинаква. Изборите сè уште се можност да се поразат мејнстрим партиите, а не да победат екстремистите.
Луѓето често можат да толерираат авторитарно владеење, но не гласаат за него кога постои избор. Неодамнешните европски избори покажаа дека Бартелс е во право: радикално десничарските шведски демократи не успеаја да победат на изборите во својата земја, а во Шпанија Вокс помина многу полошо отколку што предвидуваа анкетите. Во мојата родна Бугарија националистичката партија Препород можеби предизвикува многу бессони ноќи кај либералите, но нејзините реални изборни резултати секогаш се далеку поскромни од стравовите на противниците.
И Бартелс и креаторите на играта „Тајниот Хитлер“ се сложуваат дека најголем предизвик за мејнстрим партиите не е моќта на фашистичката ориентација на општеството, туку степенот на „либералната конфузија“ - и следењето на неуспехот на политичкото расудување. Да биде јасно: правилното расудување не е исто со правилните принципи.
Играта исто така сугерира дека новиот „Хитлер“ би можел да биде значително поинаков од историскиот. Додека историјата нè учи дека Хитлер бил немилосреден револуционер опиен од моќта, друштвената игра сугерира дека нов диктатор би можел да биде оној кој е најнаклонет да ја поддржи либералната политика (заради потребата од либералните гласови на изборите за канцелар). Значи, не знаеме секогаш кој би можел да биде фашист пред да дојде на власт.
Следните месеци Европа ја очекуваат неколку важни избори: на 30 септември Словаците излегуваат на гласање и големи се шансите политиката на нивната земја да се помести во нелиберален правец по кој се движи Унгарија со премиерот Виктор Орбан.
Во октомври во Полска ќе се одржат избори кои би можеле да се покажат како судбоносни за европската иднина. Владејачката партија Право и правда не крие дека потенцијалниот трет мандат го гледа како можност да го „затегне“ системот: да воспостави контрола над судството, медиумите и другите независни институции, така што опозицијата ќе ја изгуби секоја можност да се натпреварува со властите.
Кога го прашав син ми зошто е позабавно да се биде фашист, не се колебаше: тие играат како тим, рече, додека либералите самите на себеси си се најголеми непријатели, парализирани од сомнежот и недовербата.
Во право е: не е забавно да не знаете кои ви се сојузници. Унгарскиот премиер нè учи дека ако либералите изгубат во „Тајниот Хитлер“, престанува играта во која би можеле да победат.
Превод: Алек Кузмановски
Извор: https://www.ft.com/