Почина сценографот и архитект Крсте С. Џидров-Џиби

06.09.2023 10:31
Почина сценографот и архитект Крсте С. Џидров-Џиби

Крсте С. Џидров, еден од најзначајните македонски сценографи и архитект, скопска легенда познат по прекарот Џиби, почина денеска, објави семејството. Имаше 73 години.

Погребот ќе се одржи на скопските гробишта Бутел на 5 септември од 11 часот. Комеморацијата ќе се одржи на 6 септември во Кинотеката од 11 часот.

„Нема македонски театар каде не сум работел“, кажа Џидров во интервју 2018, кога славеше 35 години активна театарска дејност, а јубилејот беше обележан со ретроспективна изложба на Млад отворен театар (МОТ). Во Младинскиот културен центар (МКЦ) на 96 паноа ги изложи педантно собираните сценографии, цртежи, скици и фотографии, скици и макети од претставите и филмовите кои ги работел од 1970-те сѐ до денес. Во 2021 ја доби наградата за животно дело на 55. Македонски театарски Фестивал „Војдан Чернодрински“.

Од 1980 година има направено сценографии за над 150 претстави во театрите низ Македонија, Хрватска, Косово, Србија, Шведска, Бугарија, Бих, платаи за 70 претстави, сценографии за 10 филмови, имал голем број изложби и добил повеќе награди. Соработувал со 41 режисер, меѓу кои се Владимир Милчин, Димитар Станкоски, Коле Ангеловски, Слободан Унковски, Дритро Касапи, Зоја Бузалковска, Благојче Божиновски, Примож Беблер, Бесфорт Идризи, Рефет Абази, Дино Мустафиќ, Софија Ристевска, Катја Петрова, Куштрим Бектеши, Ујвидеки Синхаз, Срѓан Јаниќијевиќ и Александра Ковачевиќ.

На 10-годишна возраст бил член на детската радиодрама, во време кога ѕвезди биле Љупка Димитровска, Коле Ангеловски, Владимир Дади Ангеловски, Наум Пановски, Димац Митковски. За време на студиите на Архитектонскиот факултет, Џидров се вклучува како актер во аматерскиот, кој станал култен театар, Театар кај Свети Никита Голтарот, кој во 1970 година го основале Владимир Милчин, Слободан Унковски и Мартин Панчевски. Театарот го добил тоа име бидејќи првата претстава ја подготвиле во манастирот „Свети Никита“ на Скопска Црна Гора и за да станат актрактивни, бидејќи работеле без пари, се нарекле Голтари. Во 1971 година, Милчин и Унковски во Скопје ја направиле претставата „Скици од преданието Каинавелско“ по мотивите на Славко Јаневски.

Неговата приказна со сценографијата почнува заедно со Симон Узуновски, со кого биле колеги од факултет, кога Милчин во 1982 година ги повикал првпат да работат во професионален театар, и во Театарот на народностите – Албанска драма ја направиле претставата „Бовча“.

„Тоа веќе беше друго искуство, просторот е поинаков, ти наметнува сериозност. Двајцата бевме поинакви во однос на претходните сценографи, кои беа сликари, уметници и користеа поинакви материјали. Ние не користевме сликарска техника, сѐ беше од готов материјал кој се обликува за потребата. Порано ако на сцената требало да има дрво, се цртало дрво, а ние носевме дрво, па камења од река. Тогаш луѓето беа малку како збунети од тоа, а потоа на Македонскиот театарски фестивал ‘Војдан Чернодрински’ добивме и награда, затоа што бевме необични и иновативни“, изјавил тогаш Џидров во разговорот.

Со Узуновски потоа заедно работеле на 15-тина сценографии, а десеттото издание на МОТ се отворило токму со нивна заедничка изложба. Џидров работел и на последната претстава што ја режирал Илија Милчин, а неостварена му останала соработката со Петре Прличко.

Џидров од 1980 до 2004 на повеќе позиции работел во АД „Алумина“, каде бил главен проектант сѐ до стечајот во 2004.

„За мене е врзана анегдотата дека сум викенд сценограф. Бидејќи од 6 наутро до до 14 часот бев во фабрика, а потоа до крајот на денот и за време на викенди сум сценограф“, вели тој.

Џидров тогаш кажа и дека е многу среќен што во неговата кариера се појавиле и офф театри, полуаматерски, аматерски и професионални театари и со колем ќеиф говореше за Детскиот театарски центар, кој во 1999 го основаа заедно со Бајруш Мјаку, Рефет Абази и Дритро Касапи.

https://sdk.mk/

ОкоБоли главаВицФото