Зошто западот губи во Африка?

13.09.2023 23:45
Зошто западот губи во Африка?

Кога исламистичките сили изведоа серија воени удари во централна Африка - Нигер, Мали, Буркина Фасо - со отворена поддршка на Русите од Вагнер, во медиумите се појавија два наративи. Прорускиот гледа бунт на народот против францускиот неоколонијализам поврзан со локалните корумпирани елити. За тоа време, западните медиуми гледаат аспекти на голем заговор на исламистите и Русија да воспостават антизападно и антилиберално царство во централна Африка. Двата наративи се во право - во одредена мера.

Вистина е дека Франција спроведуваше суптилна (а понекогаш и не толку суптилна) неоколонијална власт над своите поранешни колонии во западна и централна Африка. Откако Франција по мирен пат им даде независност во шеесеттите, продолжи да врши економско, политичко и воено влијание во la Françafrique. Од сите поранешни колонијални сили, Франција одржува најголемо воено присуство во Африка; ги принудува африканските земји да им дадат предност на француските интереси и компаниите во јавните набавки и тендерите. На своите поранешни колонии им ја наметна монетарната зона на Африканската финансиска заедница (ЦФА), која е инхерентно нееднаква и вкоренета во експлоатирачките практики.

Меѓутоа, јасно е дека „антиколонијалните“ востанија во централна Африка се дури и полоши од францускиот неоколонијализам. Иднината што ја носат е иднина на пропаднати држави како Зимбабве и Мјанмар: авторитарно воено владеење; економска регресија во подлабока сиромаштија од која профитира само новата и корумпирана елита; идеолошки фундаментализам во комбинација со одбивање на „колонијалните“ влијанија како правата на хомосексуалците. Автентичните водачи како што е Томас Санкара во Буркина Фасо се далечен спомен. Како е можно поголем дел од Африка да се најде во толку очајна ситуација, каде единствениот избор е помеѓу лошото (западниот неоколонијализам) и полошото (лажниот авторитарен антиколонијализам)? Неодамнешниот воен пуч во Габон беше бунт против двете зла, каде претседателот Али Бонго беше отстранет со свеста дека овојпат француската војска нема да се меша.

Треба да се има храброст за да се отфрли простото објаснување дека за подобро сценарио недостасува мобилизација на народот. Ако постои поука од најновите десничарски протести, таа гласи дека е дојдено времето да се изврти познатата реченица на Абрахам Линколн: „Можете да ги лажете сите луѓе повремено, а некои постојано. Но не можете да ги лажете сите луѓе постојано.“ Современата верзија гласи: „Сите луѓе повремено можат да избегнат да бидат излажани, а некои луѓе постојано можат да ја избегнуваат измамата. Но сите луѓе не можат постојано да избегнуваат да бидат излажани.“

Секој вистински еманципаторски ангажман на народот е редок настан кој брзо се раствора и тоа не само кога е во прашање западната демократија. Да се потсетиме дека во периодот на кинеската културна револуција Мао Цетунг испрати илјадници интелектуалци во земјоделски комуни за да учат од обичните селани, кои ги воздигнуваше во „субјекти кои би требало да знаат“. Може да се каже дека за интелектуалците било добро да се запознаат со вистинскиот живот на село - но не стекнале подлабока мудрост за општеството.

Како да се објасни дека не постои ниедна привилегирана група која има автентично разбирање на општетсвото? Ќе се обидеме во два чекори. Првиот мит кој треба да се разбие е митот за меритократијата: без оглед на вашата општествена положба од раѓањето, општеството би требало да понуди доволно можности и мобилност за талентот да се комбинира со напорот за остварување успех. Во својата книга Против меритократијата (2017) Џо Литлер покажа дека меритократијата е клучно средство за легитимација на современата неолиберална култура и дека иако ветува шанси, таа всушност создава нови облици на општествена поделба, бидејќи класата, расата и полот сè уште играат многу поважна улога. На овие фактори треба да им се додаде и еден хетероген фактор, случајноста. Во книгата Успехот и среќата: добрата среќа и митот за меритократијата (2016), Роберт Френк не го отфрла значењето на напорната работа, но покажува дека, меѓу групите луѓе кои работат на високо ниво, случајноста (среќата) игра огромна улога во индивидуалниот успех.

Значи, ако богатството и општетсвената моќ на поединецот не ги рефлектираат неговите заслуги, што е алтернативата? За повеќето критичари на меритократијата, алтернатива е да им веруваат на мнозинството обични луѓе кои немаат посебни заслуги: колку и да биле манипулирани и колку и да им бил испран мозокот со верски или етнички фундаментализам, нивното спонтано чувство за правда ќе преовлада долгорочно. Накратко, критичарите на меритократијата се склони да заговараат некаква верзија на изреката на Линколн.

За жал, сложеноста на денешниот свет нè наведува да ја отфрлиме довербата во луѓето. Како една обична, сиромашна личност може да одлучува кога секојдневно е бомбардирана со противречни извештаи за глобалното затоплување? Дали треба да се залага за мерки кои краткорочно ќе ја турнат подлабоко во сиромаштија? Кога ќе пристигнат имигрантите, како можеме да ја обвинуваме личноста која во нив гледа закана за својот начин на живот? Дали можеме да ја обвиниме ако во својот ограничен светоглед не разбира дека на одреден начин е соучесничк во неоколонијалната експлоатација во земјите од Третиот свет? Прашањата одат во недоглед: дали можеме да ја обвиниме личноста што ја збунуваат медиумските дебати за родовите заменки? И зарем повеќето од нас, вклучувајќи ги интелектуалните елити, не се фатени во слични замки, неспособни да дојдеме до она што филозофот Фредрик Џејмисон го нарече вистинско „когнитивно мапирање“ на нашата ситуација? Затоа решението не е да тежнееме кон „вистинска“ меритократија: оние кои заслужуваат успех според своите заслуги ќе преовладаат дури кога ќе се промени целиот наш општествен поредок.

Поточно, не е важно толку дали е измамено мнозинството, туку дали се грижат за тоа: нивната главна грижа е релативно стабилниот секојдневен живот да продолжи непречено. Мнозинството не сака вистинска демократија, во која навистина може да одлучува: мнозинството сака привид на демократијата, каде гласа слободно - но некој повисок авторитет од доверба го поставува пред изборот и укажува како треба да гласа. Повеќето луѓе се збунети кога нема да добијат никакви јасни индикации и ситуацијата во која би требало да одлучат парадоксално се доживува како криза на демократијата, закана за стабилноста на системот. (Ова не важи само за поранешните француски колонии, туку и за демократијата генерално.) Меѓутоа, кога ќе се загрижи таканареченото тивко мнозинство, кога ќе се почувствува како жртва и од него ќе избие искрен бес, нештата по правило стануваат многу полоши. Луѓето сакаат да одлучат, да се слушне нивниот глас, и правејќи го тоа - како што покажува тековниот бран на десничарскиот популизам ширум светот - се изложуваат на понатамошна манипулација, станувајќи плен на теориите на заговор.

Дали ова е универзално правило? За среќа, не е. Ретко, одвреме навреме и на непредвидлив начин, доаѓа до исклучоци; маглата се расчистува, преовладува јасноста и мнозинството се мобилизира заради вистински причини. Таквите моменти се историја во својот најчист облик - моменти кога цели години се случуваат во една недела.

Да се вратиме на нашата појдовна точка: дали постои шанса таков момент да се случи во централна Африка? Секако нема да се случи како резултат на нашите (европски) напори да ги просветлиме Африканците. Она што сега можеме да го направиме е да се насочиме против сопствениот неоколонијализам, кој го потхранува лажниот фундаменталистички антиколонијализам. Мора да се случат уште многу нешта; можеме да дозволиме да падне едно од големите табуа: да го рехабилитираме планирањето - задолжително планирање со големи размери, а не само нејасна „координација“ или „соработка“. Групи држави ќе мораат да формираат конфедерации со законодавни и извршни овластувања за наметнување мерки кои се однесуваат на животната средина, масовното движење на луѓето, воените интервенции и употребата на вештачката интелигенција. Утопија? Да, но едноставно не постои друг начин да се соочиме со кризите кои му се закануваат на нашиот опстанок.

Превод: Алек Кузмановски

Карикатури: Miguel Morales Madrigal

Извор: https://www.newstatesman.com/