Ноктурно: Нотите на сликарот

21.09.2023 00:34
Ноктурно: Нотите на сликарот

Ноктурно, 2023

Мистичната привлечност и заводливост на ноќта е постојан мотив за уметничкиот израз на човечкиот вид. Од светот на музиката оваа тема има и конкретно име, „Ноктурно“. Поимот „ноктурно“ е латински и е одомаќен во раните векови по Христос означувајќи ја ноќната молитва и бдеење. Но, ноќта се разбира е присутна во колективното уметничко искуство уште од праисториските пеења и танцувања околу ноќниот оган. Како посебен жанр ноктурното се издвојува во романтизмот на доцниот осумнаесетти и раниот деветнаесетти век. Разните доживувања на ноќта се нагласуваат и се прелеваат низ мелодии и хармонии. Некои од најпознатите дела се Op. 9, No. 2 на Шопен. Во дваесеттиот век особено место има „Светлината на месечината“ на Клод Дебиси. И во двете нумери на овие музички великани слушаме прелевање на хармонии кои предизвикуваат чувство на севдах и поттик кон контемплација. Набргу терминот добива и свое интердисциплинарно значење со тоа што е воведен во сликарството. Музичкиот, а се разбира со тоа и поетскиот сензибилитет добиваат на интензитет изразен низ боите и контрастот меѓу светлината и темнината. Од залезот до изгревот, меѓу „гасењето“ и „искрењето“ на сончевите зраци оживува свет кој е „невидлив“ сред бел ден. Сетилото за вид само во вакви ситуации може да ја „види“ светлината зашто во полн ек таа е заслепувачка. Стануваме свесени за етерскиот квалитет на ноќта. Тоа се часови кога познатото и обичното се преобразуваат во херметичното и мистичното.

Она што се нотите, хармониите и мелодиите во музиката за композиторот, тоа се четките, боите и платното за сликарот. Панче Ѓоргиев во овој најнов опус на слики црпи токму од светот на ноќта. Една од сликите, која е и водилка за овој осврт, е наречена „Ноктурно“. Но уметникот не застанува на тоа. Фокусот изразен низ сликите, а и низ нивните наслови се проткајува низ сите дела од оваа изложба. Пред да се осврнам на неколку поединечни слики, да се задржиме на сите слики како авторска целина. Речиси без исклучок амбиентот е ноќен или на дофат на ноќта. Се работело ли за пејзаж кој тоа го содржи во насловот (Ноќен пејзаж), за „Невреме“ или за мотив од урбаниот ноќен живот, боите на сите други слики се нијансирани ноќни амбиенти.

Девојката и градот, 2023

Архетипскиот конфликт меѓу ноќта и денот, меѓу темнината и светлината е дел од човечкото разбирање на постоењето уште од праисторијата. Но, Ѓоргиев за ноќта и денот во овој контекст не размислува како за противречни. Тој на нив гледа низ објавата на првата книга во Библијата во која се вели, „Бог создаде две големи светила: поголемо светило да управува со денот и помало светило да управува со ноќта; ги создаде и ѕвездите.“ Ноќта не е казна за паднатото човештво. Таа е вклучена од Божјата промисла со самото создавање за кое авторот на оваа библиска книга вели, „И Бог виде дека тоа е добро“.

Сончевата светлина преку ден е пресудна за нашиот и општо животот на Земјата. Денот е период во кој човечкиот вид првенствено е посветен на одржувањето на животот. Светлината на месечината и на ѕвездите е онаа која нѐ наведува да размислуваме и да трагаме за смислата на тој живот. Уметноста е еден од клучните начини на тоа трагање.

Ноктурните контемплации на Ѓоргиев ги почнуваме со сликата која тој и ја именува „Ноктурно“. За да се долови специфичното светлење на некој објект во просторот, тоа не може да се случи сред бел ден. Тогаш сонцето со својата светлина ова „светлење“ го прави невидливо како што е на пример, случајот со заборавена улична светилка преку ден. Во централниот дел на сликата избива светлина. Како и со умот на човекот ноќниот амбиент ги крие неброените „елементи“ кои ни го одземаат вниманието. Така душевните и физичките сетила имаат можност да се фокусираат на оние нешта и прашања кои сами по себе доаѓаат до израз. Уметникот насликал конкретен пејзаж, но покрај оваа примарна инспирација тој ја го „насликал“ и она што го согледал со неговото внатрешно око. „Ноктурно“ е безвременско вдахновение од светот кој нѐ опкружува. Но со тоа сликата не е исцрпена од своето значење. Пред физичките очи се појавуваат ноти во боја. „Звукот“ на овие ноти се слуша само однатре, откако преку очите тоновите на четката на Ѓорѓиев ќе одекнат во одаите на интелегибилниот свет. „Ноктурно“ нѐ воведува во оваа интелегибилна галаксија и нѐ води на прошетка меѓу ѕвездите – светлечките огнени тела кои сведочат за основните состојки на сѐ што постои.

French Lady, 2023

Оваа тема се става во поширока перспектива во делото „Ноќен пејзаж“. Отсуството на директна сончева светлина има драматичен ефект врз пејзажот. Ѕвездите и небулите доминираат на темното небесно синило кое сведочи за последните зраци на сонцето што веќе зашло, но сѐ уште има агол под кој неговите зраци се прекршуваат во темносино. Ридовите и дрвјата зборуваат со свој јазик. Има таман толку светлина колку за да ја истакне зелената, виолетовата, тиркизната, црвената и неколку други нијанси. Ако ги замислиме со музички термини, отсечката на небесниот свод и на Земјината топка претставуваат космичка литургија на антифоно пеење. Земјата станала парадигма на небото. Ридовите и дрвјата со нивните крошни „држат“ звучна заднина на небесната мелодија. Тука одлично се вклопува цитат од првиот стих на Псалмот 19, „Небесата ја објавуваат Божјата сла¬ва, а за делата на рацете Негови известува сводот небесен“.

Овој небесен свод неретко „проговорува“ со јазикот на св. Илија громовникот. И ова е „антифон“, но пеењето е потсетување зошто ноќта, а особено ноќните екстремни временски услови побудуваат страхопочит кон природните закони. Во такви состојби повторно и повторно сфаќаме колку сме несогледливо мали и подложни на лулеењето на ветрот како лушпа од орев. На сликата „Невреме“ парадигмата се претворила во антагонизам. Небесните стихии удриле со сета сила врз земните. Дрвјата се навалуваат под навалата на бурата, а нивните лисја се безмилосно удирани од капките дожд кои во секој миг се закануваат да се претворат во топчиња мраз. Ова е миг во кој е пресудно кое дрво какви и колкави корени пуштило. Метафора која на човештвото од памтивек му служи како пример дека во конечна смисла на зборот без исклучок сите ѝ припаѓаме на категоријата на „прекаријатот“. Идеалните услови за живот на ова зрно прашинка насреде вселената не гарантираат идеален живот. Напротив, нашето постоење е континуиран тек на неизвесности. Ѓорѓиев во бурната ноќ, претставена преку слика, размислува за човековата состојба. Ноќта по којзнае кој пат се покажува како податлива за длабоки мисли од кои се плашиме или за кои немаме време преку ден.

Музичарка, 2023

Музиката и песната ни доаѓаат напомош. Ноктурното како и серенадата се музички жанрови кои ја опеваат ноќта, а со тоа и сето она на што ноќните размисли нѐ поттикнуваат. Љубовта, вечната, минливата, среќната, тажната, невозвратената, верната е неисцрпен мотив. Младоста и староста, правдата и неправдата, здравјето и болеста, богатството и сиромаштијата, сите овие состојби на индивидуалното и на колективното човештво кога ќе падне ноќта добиваат магична димензија. Низ нив проговара свесното и несвесното во психата. Сликите „Музичарка“ и „Виолинистка“ се насликани со идентичен стил и во голема мера следат иста ликовна композиција. Синото, својствено на ноќта, е она што доминира. Самите фигури се насликани со контрастна бела во контури. Не е битно кој точно е насликан. Тоа би можело да биде секој од нас со својот „инструмент“ додека ја „опеваме“ или ја „оплакуваме“ сопствената судбина. И на едната и на другата слика, Ѓорѓиев се претставува преку својот „заштитен“ уметнички израз, контрастот меѓу темните и светлите нијанси на боите, меѓу темнината и светлината да создаваат хармонија. И на двете слики темно и светлосината е во комплементарен дијалог со неколкуте нијанси на бела.

Невреме, 2023

Ѓорѓиев се „потпишува“ со овој заштитен знак и на сликата „Девојката и градот“. Покрај сината и белата, мала улога играат портокаловата и кафената, додека зелената е во преден план. Ова е исто така „ноќна“ сцена. Просторот не е дефиниран. Дали девојката чекори по калдрмата на градот или пак, е во чекалницата на некоја железничка или автобуска станица? Дали светлите правоаголници се висококатници осветлени во далечината или пак, стаклена врата која ги рефлектира околните светилки? За авторот тоа не е важно, па не би требало да биде ни за нас кои го набљудуваме неговото дело. Се работи за град кој со себеси ги носи сите придобивки и опасности на урбаното живеење. Градовите се преполни со луѓе, а тука девојката е сама. Симбол за карактеристичното и болно отуѓување на поединецот во современиот свет? Да се биде сам насреде толпата е особено болно искуство. Исто така, да се биде „сам“ на некоја пуста улица во ноќта чии околни згради и куќи се преполни со луѓе е особено заканувачки. Појавата на нечија силуета од зад некое ќоше не побудува доверба. Напротив ги активира мозочните регии за страв. Примерот на приказната за „Девојчето со ќибритчињата“ ни е сите нам трагично познат. Андерсен го искористил мотивот на ноќта за да раскаже приказна која до ден денес не нѐ остава рамнодушни. Ноќта е инспирација преку која писателите, музичарите и уметниците на секоја генерација ѝ го поставуваат прашањето каков свет ќе оставиме зад себе. Одговорот не можеме да се надеваме дека ќе го дадеме без да се сосредоточиме на разните контемплации на кои нѐ поттикнува ноќта.

Ноќен пејзаж, 2023

Колку само од судбината на светот била кроена по ресторански маси? Познат пример е кафе „Централ“ во Виена. Последиците на муабетите на некои емигранти ја запечатиле судбината на царска Русија и драматично влијаеле врз историјата на дваесеттиот век. Но не мора да се работи за последици од толкав размер. Секоја маса во секој ресторан ги сплотува неброените судбини на оние што седнале заедно околу нив. На сликата на Ѓорѓиев „Во ресторан“ е доловен сеопштиот историски и општествен феномен, муабетот подобри да ни врви со кафе, со некој друг пијалак и со добра храна. Овие сцени се омилен мотив на бројни уметници. Вечерите и ноќите се примарниот период за разговори во кои размислуваме и разговараме за она што ни е важно за животот, а не толку за самото катадневно живеење. Пред нас на сликата сме соочени со ликовен стил кој е минималистички и со апстрактни белези. Лаковидните облици го дефинираат просторот на ресторанот, а во преден план се две групи гости седнати околу две маси. Нема никој насликан со страната на грбот, а освен една личност во профил другите се насликани анфас. Како сликарот Ѓорѓиев да сака да ја вклучи публиката во интеракција со насликаните ликови. Лицата и телата се дадени со по неколку потези на четката. На едната страна контурите се оцртани со црна, а на другата со сина боја. Верувам ова не е само случаен избор. Оваа одделна уедначеност неминовно буди различни свесни и потсвесни толкувања кај набљудувачите. Секој јавен простор на општење меѓу луѓето предвидува специфичен „бонтон“. Ликовите на уметникот се држат до него. Но, тука завршува униформноста. Историјата, сеќавањата, содржината на разговорот, плановите и заклучоците на секоја од групите гости во ресторанот се просто несогледливи. Уметничкиот израз и стил на Ѓорѓиев успева да ни ја прикаже оваа разновидна динамика. Оставено е на мечтата на секој од нас како ќе си ги замислиме поединечните и заедничките судбини на протагонистите на сликата.

Кога сме кај личната судбина раскажана во ноќен амбиент со највпечатлив колорит е прикажана на сликата на една жена на сликата именувана на англиски како „French Lady“. Тематски, стилски и жанровски насликаното на ова платно е оптимален пример на Панче Ѓорѓиев уметникот. Нема опус во кој меѓу капиталните дела Ѓорѓиев не насликал портрет. На нив општо, а на овој конкретно, Ѓорѓиев со дава оддишка на својот уметнички занес. Многуслојни и многубројни нанесувања на разни бои кои сведочат за темпераментноста на духот на Ѓорѓиев. Фиксираниот поглед на француската дама и впечатливите црвени и полни усни се врамени во заднина која изгледа како да е на „поминување“. Шеширот е отмено накривен врз нејзината глава „впивајќи“ делчиња од сината палета на сликата така што торзото, вратот и лицето буквално и симболично го изразуваат фактот на „телесноста“ на дамата, поточно дека се работи за личност од „крв и месо“.

Виолинистка, 2023

Сината, особено темносината се речиси секогаш присутни на сликите на Ѓорѓиев. Неизбежно поврзана со небото и со морето, сината боја го симболизира идеалот на слободата. За Ѓорѓиев „слободата“ е поим кој е применлив на тоталниот аспект на човечкиот живот, а сликарството е автентично само ако уметникот е слободен непречено да го искаже на платно она што му е во умот и во срцето. Сликата „French Lady“ го сублимира овој стремеж на Ѓорѓиев. На него е потенцирана „човечноста“ на дамата, но и феноменот на човечката цивилизација кревкото постоење да го „врами“ во креативност и во уметност, нешта кои пред сѐ не служат за директна и конкретна поддршка на биолошкиот живот. Но тие се додадена вредност која не престанува да воодушевува и да возвишува.

Во ноќните мигови месечината ни го преведува јазикот на сонцето така што можеме да погледнеме во неговата светлина без таа да нѐ заслепи. Сонцето е извор за опстанување на физичкиот живот. Месечината е извор за опстанувањето на осмислувањето на тој живот. Ѓорѓиев ги собира лачите во ноќта и со нив создава сликовни ноти. Гледајќи ги публиката е воведена во контемплација која ја буди ноќта. Затоа оваа изложба е соодветно насловена, „Ноктурно: Нотите на сликарот“.

Во ресторан, 2020

Слики: Панче Ѓоргиев