Научниците открија фантастичен начин на употреба на талогот од кафе

21.09.2023 00:20
Научниците открија фантастичен начин на употреба на талогот од кафе

Истражувачите од австралискиот Универзитет RMIT открија дека би можеле да произведат бетон кој е 30 отсто појак со обработка и додавање јагленосан талог од кафе во мешавината. Нивниот нов рецепт би можел да реши повеќе проблеми во исто време.

Секоја година во светот се произведуваат неверојатни десет милијарди килограми отпад од кафе. Поголемиот дел завршува во депониите.

„Отстранувањето на органскиот отпад е еколошки предизвик бидејќи емитува големи количества стакленички гасови, вклучувајќи метан и јаглерод диоксид, кои придонесуваат за климатските промени“, објаснува инженерот Рајев Ројчанд од Универзитетот RMIT, известува Science Alert.

Органските производи како што е талогот од кафе не можат да се додадат директно во бетонот бидејќи од нив протекуваат хемикалии кои ја ослабуваат цврстината на градежниот материјал. Така, тимот, користејќи ниски нивоа на енергија, го загреал талогот од кафе на повеќе од 350 степени Целзиусови, лишувајќи го од кислород.

Овој процес се нарекува пиролиза. Ги разградува органските молекули, што доведува до порозен јаглен богат со јаглерод наречен биокар, кој може да формира врски со цементната матрица и на тој начин се вградува во неа.

Резултатите биле изненадувачки: бетонот со 15 отсто талог, кој се загрева до 350 степени, имал јакост зголемена за 30 отсто. Експериментот имал две големи предности, првата е зголемената цврстина на градежниот материјал, а втората предност е еколошката, бидејќи талогот од кафе може да го замени песокот, што со текот на времето може да доведе до помало вадење песок и загрозување на животната средина.

Ројчанд и неговите колеги, исто така, се обиделе да го пиролизираат талогот од кафе на температура од 500 степени Целзиусови, но добиените честички од биокардот не биле толку силни.

Истражувачите предупредуваат дека сè уште треба да ја проценат долгорочната трајност на својот цементен производ. Тие сега работат на тестирање на тоа како функционира хибридот од кафе и цемент при циклуси на замрзнување/одмрзнување, апсорпција на вода, абразија и многу други стресни фактори.

Тимот исто така работи на создавање биокар од други извори на органски отпад, вклучувајќи и дрво, отпад од храна и земјоделски отпад.

„Нашето истражување е во рана фаза, но овие возбудливи откритија нудат иновативен начин за значително намалување на количината на органски отпад кој оди во депонија“, вели инженерот на RMIT Шенон Килмартин-Линч.

Изворhttps://n1info.rs/

ОкоБоли главаВицФото