Петарда во кокошарник

21.09.2023 10:37
Петарда во кокошарник

Пренесено од Дојче веле

Македонската политичка сцена во наредните шест месеци најверојатно ќе изгледа како кокошарник во кој ненадејно ќе пукне петарда. Интерните проблеми во поголемите партиски центри, системската криза на политичкиот, економскиот и социјалниот дискурс, како и неизбежниот судир на двата концепта – брз напредок кон ЕУ со сегашните уставни измени, или одбивање на уставните измени и гамбит за некаква друга алтернатива – ќе создадат нестабилен политички амбиент, несигурни гласачи, и непостојана и непринципиелна политичка матрица вкупно во општеството. На крајот, цената за оваа нестабилност ќе се распредели кај сите политички играчи, но и вкупно кон иднината на државата, која, по сѐ изгледа, ќе остане заробена во сопствената политичка шизофренија.

Разнишаност

Владеачката партија се соочува со сериозна низа проблеми, кои влијаат на нивниот рејтинг, но и на нивниот капацитет да оформат и спроведат какви било конзистентни политики, за структурни реформи и да не зборуваме.

Дел од причините за нарушениот кредибилитет се објективни: не се сеќавам на попроблематичен мандат од надворешни фактори во досегашната понова политичка историја, освен можеби војната во 2001. Почнувајќи од решавањето на проблемот со Грција, Преспанската спогодба, референдумот за уставните измени врзани за тој проблем, начинот на носење на самите тогашни уставни измени, француската блокада, ветото од Бугарија, болниот компромис од тој проблем, здравствената криза, последователната економска и енергетска криза, за на крајот да ги дочекаат овие, втори, мачни, уставни измени, да не зборуваме за интерните проблеми од заминувањето на Зоран Заев и промената на раководството, чудно е како рејтингот не им е и полош.

Дополнително на тоа, неуспехот да го оформат можеби единствениот можен автохтон политички наратив, кој не зависи од овие надворешни фактори, а тоа е борбата за владеење на правото и против корупцијата и клиентелизмот, сериозно ја разнишува нивната вкупна политичка позиција.


 

„Не“ не е стратегија

Кај опозицијата ситуацијата исто така не е розова. Тие, поради сите причини наведени погоре, имаат добра пол позиција пред парламентарните избори, но главниот проблем е што нивниот основен политички наратив е неиздржлив на среден и долг рок. Врзувајќи ја нивната магистрална политичка оска на линија против уставните измени и брзото продолжување на преговорите со Европската унија, тие неминовно се поставуваат и контра главните политички текови, во конфликт со најголем дел од меѓународната заедница, со Албанците во Македонија, и прават ситуација во која дури и евентуалната изборна победа може да им излезе пирова и горчлива.

Мислам дека пропуштаат да видат дека „не“ не е стратегија. Тие не можат само со одбивање, да создадат конзистентен политички наратив. Не е доволно да знаат што не сакаат, треба да имаат план за тоа што сакаат. Во основа, нивниот наратив е суштински невозможен: ќе ја одбиеме преговарачката рамка, ама некако ќе ги продолжиме преговорите? Не сакаме во ваква ЕУ, ама не знаеме каде сакаме (со Русија, со БРИКС, ново движење на неврзаните)?

Ваквиот конфликт и пасивно-агресивен став кон глобалните текови, ќе направат неколку работи: прво, ќе ја активираат меѓународната заедница во обид да го спречи одбивањето на уставните измени, зашто е тоа нивен безбедносен и стратешки интерес. Тоа неминовно ќе ги постави во конфликт со опозицијата. Потоа ќе ги направи политички неизбирливи за албанските партии. Трето, дури и да добијат најголем број пратеници, ќе имаат сериозен проблем да состават влада без да ги прифатат веднаш уставните измени; значи, им се заканува сценариото на Бојко Борисов (победуваше три пати, и ниеднаш не успеа да состави мнозинска влада). На крајот, и евентуалната победа, па и составувањето влада, особено без уставни измени, го прави нивниот нареден хипотетички мандат пеколен од старт.

 

Маките во албанскиот блок

Кај албанскиот блок исто така како да пукнала петарда. Заморот на материјалот од долгорочната статична политичка ситуација прави владеачката коалиција да биде порозна на лични напади, и поранлива од обично. Албанската опозиција, сега првпат после подолго време изгледа обединета, но ќе се мачи со диференцијацијата на сопствениот наратив, особено на линија на евроатлантските интеграции, каде ќе имаат проблем да се брендираат како еднакви заштитници на таа стратешка определба.

Конечно, за сите албански партии, вистинскиот тест ќе дојде ако македонската опозиција победи со наративот „не за ЕУ“. Тогаш, постојат две сценарија: првата е заедно да изиграат на линија на меѓународната заедница, и да го уценат формирањето на која било следна влада со продолжувањето на патот кон ЕУ, што е проблематично, имајќи предвид колку се во конфликт. Втората опција е да се појави процес на „негативна лицитација“ – кој на идната влада ќе ѝ бара помалку, за да влезе во неа.


 

Каде сакаме да одиме?

На крајот, проблемите не се најмногу врзани за партиските агенди, иако во политичкиот театар тие се дневно најинтересни. Вистинскиот проблем е недостатокот на општествен консензус за вкупниот правец во кој сакаме да одиме. Од една страна, имаме сериозна шанса и притисок да се приклучиме на возот за забрзана интеграција, поттикнат од геостратешките текови. Од друга страна, блокирани сме од сопствените несигурности, од заморот од постојани компромиси, поделби, од локалниот опортунизам, националниот инает и длабоко вкоренетиот дефетизам. Борбата меѓу овие два големи тренда личи на филмски шаблон за општествено-генерациски конфликт. Што би рекол еден мој другар: „Најди си удобна фотелја и голема кофа пуканки“.



Стрип кадри: Wallace Wood - Mister Mouse meets Peter Max (1970)

ОкоБоли главаВицФото