1025 hPa
87 %
10 °C
Скопје - Сре, 16.10.2024 07:59
„Изгледа дека ерата на слободната трговија е завршена. Како ќе се развива светската економија во ера на протекционизам?“ Деновиве ова е едно од најчесто поставуваните прашања. Но опозицијата на слободната трговија и протекционизмот (како и пазарите и државите или меркантилизмот и либерализмот) не е особено корисна за разбирање на денешната глобална економија. Освен што пружа погрешна претстава за поновата историја, таа неправилно ги прикажува и тековните трансформации на државните политики, како и предусловите неопходни за развој на здравјето на глобалната економија.
„Слободниот пазар“ евоцира слика на држава која се повлекува во втор план и им препушта на пазарите да ги генерираат сите економски исходи. Но на пазарната економија секогаш ѝ беа потребни јасни правила и прописи - како што се индустриските стандарди, антимонополските закони, прописите за заштита на потрошувачите, работниците и животната средина, функциите на кредиторите и финансиската стабилност - правила кои вообичаено ги дефинираат и имплементираат државните органи.
Исто така, со поврзување на различните национални јурисдикции преку меѓународните трговски и финансиски работи се отвора ново прашање: на кои правила и прописи треба да им се даде предност во регулирањето на работењето на глобалните пазари? Дали би требало да се воспостават сосема нови правила преку системот на меѓународни договори и регионалните или глобалните организации?
Кога нештата ќе ги согледаме од овој агол јасно е дека ерата на хиперглобализацијата - период кој траеше приближно од раните деведесетти до избивањето на пандемијата - не беше ера на слободна трговија во традиционалното значење на овој израз. Во трговските договори потпишани последниве 30 години фокусот се поместуваше од отстранување на пречките за прекуграничната трговија и инвестициите на регулаторните стандарди, правилата во областа на безбедноста и заштитата на здравјето, инвестициите, банкарството и финансиите, интелектуалната сопственост, работата, животната средина и бројни други прашања кои некогаш беа во надлежност на државата и нејзините законодавци.
Новоутврдените правила не се неутрални. Со нив се фаворизираат интересите на големите компании со добри политички врски, како што се меѓународните банки, фармацевтските компании и мултинационалните корпорации. Покрај тоа што им е олеснет пристапот на глобалните пазари, овие компании имаа најмногу корист од меѓународните арбитражни постапки за поништување на локалните закони кои ја намалуваат деловната добивка.
Во име на послободна трговија, во ист пакет се прошверцувани поостри прописи за заштита на интелектуалната сопственост кои на фармацевтските и високотехнолошките компании им овозможија злоупотреба на монополската положба. Државите беа принудени да го прифатат слободното движење на капиталот, додека работниците останаа заробени во националните граници. Климатските промени и јавното здравје се занемарени, делумно зашто агендата на хиперглобализацијата ги потисна во втор план, а делумно зашто институтот јавно добро во овие области ги загрози деловните интереси на големите компании.
Последниве години сме сведоци на јакнење на отпорот против овие политики, како и едно пошироко преиспитување на економските приоритети воопшто. Процесот кој некои го анатемисуваат како враќање на протекционизмот и меркантилизмот, впрочем е обид за пронаоѓање нов однос за рамнотежа во која ќе се најде место за важните прашања на внатрешната политика, како што се губењето работни места, заостанувањето на регионите, климатската транзиција и јавното здравје. Тоа е неопходно за да се отстрани штетата направена во ерата на хиперглобализацијата, како и за да се изгради еден поздрав облик на глобализација за иднината.
Индустриските политики кои ги предлага американскиот претседател Џо Бајден - со програма за субвенции за зелена транзиција и јакнење на домашното производство - најдобро ја илустрираат реориентацијата која е во тек. Вистина е дека овие политики предизвикуваат негодување во Европа, Азија и делови од светот во развој каде ги доживуваат како неспоиви со прифатените правила за слободна трговија. Но тие во исто време се пример за луѓето кои трагаат по алтернативи за хиперглобализацијата и неолиберализмот, често во истите земји.
Не мораме да се враќаме далеку во минатото за да пронајдеме нешто слично за системот кој би можел да произлезе од новите државни политики кои се развиваат. Во режимот воспоставен 1945 година во Бретон Вудс, кој беше доминантен до раните осумдесетти години, државите имаа значителна автономија при креирањето индустриски, регулаторни и финансиски политики. За многумина здравјето на националната економија беше поважно од глобалната интеграција. Трговските договори, релативно слаби и со ограничен обем, не ги ограничуваа позначајно развиените економии. Тоа уште помалку беше случај во земјите во развој. Внатрешната контрола на тековите на капиталот не беше исклучок, туку правило.
И покрај тоа што таквата глобална економија беше многу позатворена (според денешните стандарди) епохата на Бретон Вудс донесе голем економски и општествен напредок. Развиените земји поминуваа децении брз економски раст и релативна општествена и економска еднаквост, сè до втората половина на седумдесеттите. Во групата земји со пониски приходи, оние држави кои применија ефикасни развојни стратегии - како „источноазиските тигри“ -се развиваа со голема брзина, и покрај фактот дека нивните извозни производи мораа да се изборат со многу повисоки увозни бариери отколку што тоа денес е случај со земјите во развој. Кога Кина ѝ се приклучи на светската економија во осумдесеттите години, тоа го правеше под услови кои ги одреди самата, задржувајќи ги субвенциите, државната сопственост, контролата над валутата и движењето на капиталот, како и други политики кои се поблиски до ерата на Бретон Вудс, отколку на ерата на хиперглобализација.
Успесите на режимот воспоставен во Бретон Вудс би требало да ги поттикнат на размислување сите оние кои сè уште веруваат дека давањето простор на државите да креираат сопствени политики е погубно за глобалната економија. Одржувањето на националната економија во добра состојба е најважното нешто кое една земја може да го направи за сите останати земји.
Секако, историскиот преседан не е гаранција дека новата агенда ќе создаде побезбеден глобален економски поредок. Режимот од Бретон Вудс функционираше во опкружување на студена војна, кога економските врски помеѓу западот и Советскиот сојуз беа занемарливи, а советскиот блок имаше незначително влијание на глобалната економија. Оттука нивното геополитичко спротивставување не ја загрозуваше експанзијата на трговијата и долгорочните инвестиции.
Денешната ситуација е сосема поинаква. Главен ривал на Америка е Кина, земја која зазема многу важно место во светската економија. Целосното разидување на западот и Кина би создало несогледливи последици за целиот свет, вклучувајќи ги и развиените економии, заради големата зависност од кинеските индустриски производи. Затоа имаме причина да се загрижиме за иднината на светската економија.
Ако глобалната економија стане уште понегостољубиво место, тоа ќе биде последица на неуспехот на Америка и Кина да ги уредат своите геополитички односи, а не на наводното откажување од начелата на „слободната трговија“. Креаторите на државните политики и аналитичарите мораат да се фокусираат на оние ризици кои се најважни во моментов.
Превод: Алек Кузмановски
Слики: Jana Sophia Nolle
Извор. https://www.project-syndicate.org/