
На 23 септември (сабота), со почеток во 20 часот, па сè до раните утрински часови следниот ден, ќе се одржи 13. јубилејно издание на фестивалот на нова музика „Здраво, млади“ кој повторно го носи свежиот звук на светската музика во Скопје.
На пет бини во Младинскиот културен центар ќе настапат повеќе од дваесет артисти од 11 земји од Европа. Како и секоја година, програмата на фестивалот цели кон жанровска разновидност, нови и надежни артисти, како и веќе етаблирани музичари во својата музичка кариера. Надоаѓачките артисти се срцевината на фестивалот.
Во салата „25 Мај“ во МКЦ, популарно позната како Денсинг-сала, централниот настан ќе го отвори настапот на рускиот џез-панк состав „Оми“ по кој следуваат фолк-сензацијата Џутко и „Плодови земље“ од Хрватска, потоа домашниот состав „My tear“ со нов состав и најава за новиот албум, хрватската психоделична банда „Немања“ за на крајот вечерта на оваа бина да се затвори со долгоочекуваниот настап на хрватскиот антирапер Војко В и „Доуп куќата“.
Киното „Фросина“ е наменето за млади надоаѓачки артисти, а некои од нив настапот на ЗДРАВО, МЛАДИ им е посебен предизвик во нивните новопечени кариери. На оваа бина ќе се проследат настапите на новата ѕвезда на српската поп-музика, Жива, португалската маѓионичарка на уку лелето, Рита Брага, домашниот џез-фолк состав „Калата“ и францускиот рапер Јоланде Башинг.
Клубот МКЦ е резервиран за електронските артисти на фестивалот. Овде публиката ќе има можност да го чуе легендарниот рокенрол-изведувач Јан Свенониус и неговиот последен проект „Ескапизам“, францускиот електронски артист, чиј настап долго се очекува YMNK, кралевите на кумбијата, „Маускович денс бенд“, Италијанците „Планет Опал“ и ѕвездите на вечерта, Британците од PVA, кои за многу кратко време ќе се искачат многу високо на светските топ-листи.
Џебното кино во МКЦ е резервирано за промоција на литературно-музичкиот колектив „Слово култ“, со настап на 3 електронски артисти, ЏејДи Зази, Елизабета Костадиновска и Маргарет Аноун.
На платото пред МКЦ, пак, со свој диџеј-сет ќе нè загреваат во текот на целата фестивалска вечер – резидент диџејот на Здраво Млади, диџеј Фиц заедно со поддршка од локалните диџеј уметници Ајнур Касо и Ертунч Сали.
Дизајнот оваа година е дело на графичкиот дизајнер кој живее и работи во во Берлин - Ристо Аврамовски.
Фестивалот „Здраво, млади“е поддржан од Минситерство за Култура, Град Скопје, LIVEUROPE, Skopsko Smooth.
Извор:https://makfax.com.mk/