1021 hPa
76 %
8 °C
Скопје - Чет, 14.11.2024 16:01
Пред неколку дена (на 19.09.23.) во Музејот на современета уметност во Скопје се одржа еден од позначајните културни настани годинава: изложбата „Горчлив шеќер“ (Bitter Sugar) на македонскиот уметник Ѓорѓе Јовановиќ.
„Замислен како ’тотално уметничко дело’, овој проект преку богат иконографски фундус и комплексна мрежа од релации, и комбинирање на неколку уметнички дисциплини (визуелна уметност и експериментален филм, анимации и музика) се фокусира на продлабочувањето на врските помеѓу овие уметнички форми, како и истражувањето на можностите за создавање нови уметнички содржини.
Јовановиќ преку овој проект прави интегрирање на целокупната негова творечка практика која опфаќа најразновидни изразни форми и медиуми од цртеж и инсталација, до перформативност и интерактивност. Проектот претставува синтеза и надоградување на искуствата на историската авангарда, особено на дадаистичките и надреалистичките интервенции, во обид да ги трансформира и употреби во современиот контекст, обременет со предизвиците на (пост)пандемиска политичка и технолошка реалност. Преплетувањето на реалното и надреалното и екстремните точки на нивното среќавање се одразува и преку спојувањето на разните жанрови. Во просторната инсталација која ја сочинуваат огромен број слики и објекти, како и анимациите кои ја активираат, Јовановиќ создава повеќедимензионална наративна мрежа низ која бројните протагонисти и различните состојби во коишто се наоѓаат, се трансформираат на едно друго ниво, како тотална слика за хаотичната современост.“
Во продолжение пренесуваме триесетина фотографии на Небојша Гелевски, од отворањето на изложбата.