Промоција на книгата „Систем на сетилности” од Елизабета Костадиновска Линднер

26.09.2023 11:13
Промоција на книгата „Систем на сетилности” од Елизабета Костадиновска Линднер

Денес (26 септември) со почетоко во 19:19 часот во Културно информативниот центар – Скопје ќе биде промовирана збирката раскази „Систем на сетилности“ од Елизабета Костадиновска Линднер во издание на „Антолог“. Книгата ќе ја промовира Радмила Ванкоска, а извадоци од книгата ќе чита авторката.

„Систем на сетилности“ e збирка раскази што содржи тринаесет текстови. Овој „систем“ се протега низ повеќе од дваесет и пет години и се менува во настанокот, темите, стилот и изворниот јазик (македонски/германски) на текстовите.

Нараторот се менува, некогаш е во прво, некогаш во трето лице, а она што преовладува е меланхолично расположение, сетилности, вљубеност, чувства, доживувања, како во расказите: „La folie“, „Сеќавање на времето кога дрвјата абортираа гранки“, „Суровоста на љубовното постоење“, „Приказна што остава без здив или Сценарио за еден здив“. Друг дел од текстовите се општествено-критички со видлива доза иронија, директност и хумор, како: „Мизантропија денес!“, „Кршливата иднина на една порцеланска фигура“,„Сениште со маска“

Сè на сè, „Систем на сетилности“ е книга што во препознатливиот стил на Елизабета Линднер Костадиновска прави моќен книжевен засек во сетилниот и менталниот систем на читателот“ - стои во освртот на Александра Димитрова.

Елизабета Костадиновска Линднер е двојазична авторка (македонски и германски), повеќејазична поетеса, интердисциплинарна уметница, мултимедијален изведувач на поетски и експериментални перфоманси. Уредник на онлајн-списание и книжевни изданија, преведувач, куратор, уметнички директор и издавач, живее и работи во Берлин од 2006 година.

Родена во Скопје, Македонија, дипломирала германски јазик и книжевност и славистика во Скопје и магистрирала во Регенсбург . Од германски на македонски превела триесетина книги проза (Т. Бернхард, Петер Хандке, Вилхелм Генацино…) и поезија (Р.М. Рилке, П. Целан, Јурген Ненѕа…), и за својата преведувачка дејност има добиено неколку награди (Григор Прличев) и признанија, како и бројни стипендии и резиденции. Пишува (и преведува) поезија на три јазика, пишува есеи, раскази и критички размисли на македонски и германски јазик и сама ги преведува своите дела.