Христијанството и моралот

27.09.2023 01:13
Христијанството и моралот

Облик сè помалку препознатлив секоја наредна недела,
Цел сè понејасна. Се прашувам кој последен,
Баш последен, тоа место, заради она што беше
некогаш ќе го бара

Така медитираше Филип Ларкин во песната Посета на црквата од 1954 година, откако влегол во празна градба за да ја одмери одвнатре како човек без вера. Не пронашол многу смисла, но го почувствувал значењето кое тоа здание го има за историјата и културата на земјата, можеби и за човечката природа:

Сериозна куќа на земја сериозна
Во воздухот нејзин мноштво наши принуди,
Се препознаваат и облекуваат ко судбини,
И барем тоа нема никогаш да застари

Речиси 70 години подоцна сè уште се бориме со спротивставените емоции кои ја обоија ларкиновата песна. Чуму служи религијата во нашата секуларна доба? Што значи да се верува? Или да не се верува?

Резултатите од анкетата на англиканското свештенство која ја објави Тајмс покажуваат дека само една четвртина од свештениците веруваат дека Велика Британија денес е христијанска земја. Речиси две третини од испитаниците се сложуваат со мислењето дека Велика Британија може да се нарекува христијанска само „во историска смисла“. Исто така, повеќето сметаат дека свештениците би требало да венчаваат геј парови и дека црквата треба да престане да се спротивставува на предбрачниот секс.

Тоа не би требало да нè изненади. Резултатите од пописот од 2021 година веќе покажаа дека уделот на луѓето кои се идентификуваат како христијани во Англија и Велс првпат во историјата падна под една половина, додека бројот на оние кои се изјаснуваат како „нерелигиозни“ расте брзо. Од други анкети знаеме дека повеќето христијани во Велика Британија, оние што одат во црква и оние што не одат, поддржуваат геј бракови и често застапуваат ставови кои се во конфликт со учењата на црквата. На извесен начин резултатите од анкетата потврдија дека ставовите на свештенството ги рефлектираат ставовите на конгрегацијата.

Многу коментатори таквите резултати од анкетата, па и пописот, ги прикажаа како потврда на општествениот и моралниот пад на Велика Британија. „Звукот на мелење што го слушате“, напиша колумнистката Селија Валден од Дејли Телеграф, е „звук на кршење на моралниот рбет на Велика Британија на илјадници парчиња“.

За некои повлекувањето на христијанството е неодвоиво од опаѓањето на бројот на „белите Британци“. И едното и другото се последици на масовната имиграција која го поткопува традиционалниот британски идентитет. „Промените во религискиот систем на Велика Британија“, напиша конзервативниот коментатор Даглас Мареј во книгата Необичната смрт на Европа, се рефлексија на „големите промени во етничкиот состав“ предизвикани од миграцијата.

Иронијата е во тоа што без масовната имиграција бројот на христијани би бил уште помал. Имигрантите, особено оние од Африка и источна Европа, веќе долго имаат најголем придонес за одржување на верата. Затоа најсилното упориште на христијанството денес - според наодите на христијанската организација Теос - не е во некој од белите ториевски окрузи, туку во Лондон, либералниот Вавилон.

Покрај демографијата на христијанството, се менува и природата на верувањето и неверувањето. Пред десетина години, Линда Вудхед, професорка по теологија и религија на колеџот Кинг во Лондон, објави повеќе анкети за да ги испита моралните ставови на верниците и неверниците. Можеби најинтересниот резултат на овие анкети се наоѓа во изворите кон кои се свртуваат верниците кога им е потребно морално лидерство.

Вкупно еден процент од англиканците и католиците бараат морални насоки во светите книги, а само 3 и 8 проценти во христијанските учења и традициите. Од друга страна, 34 проценти од англиканците и 29 проценти од католиците, порадо се потпираат на „сопствениот разум и суд“, додека приближно една петтина и од едните и од другите се потпираат на „сопствената интуиција и чувствата“.

Едно од можните толкувања на овие резултати е дека луѓето денес се поподготвени да размислуваат со сопствената глава и се потпираат на сопствениот разум кога треба да се донесуваат одлуки кои се темелат на моралот. Но истите анкети укажуваат и на корозивните ефекти на индивидуалистичкото општество и ерозијата на колективните механизми за донесување морални судови. Како што забележа католичкиот филозоф Чарлс Тејлор, христијанството се оддалечи од традиционалните историски и општествени упоришта за да биде реконструирано како дел од културата на „експресивниот индивидуализам“.

Според мислењето на луѓето како Род Лидл, колумнист на Сандеј Тајмс, опаѓањето на влијанието на традиционалното христијанство директно го предизвикало моралното пропаѓање на Велика Британија. Лишени од чувството дека „некој одозгора нè посматра и суди за нашите постапки“, пишува тој, „природно се лизгаме во нарцизам“ и „аморалност“. Така моралот се прикажува како вид затвор, а луѓето како раскалашени и расипани суштества кои постапуваат правилно само додека се под надзор. Циникот би рекол дека таквиот став е соодветен за луѓе како Лидл. Сепак, идејата дека со исчезнувањето на религијата исчезнуваат и границите кои ги поставува моралот - зашто, да го парафразирам Достоевски, „Ако нема Бог, тогаш сè е дозволено“ - останува мошне популарна.

Но историјата на христијанството покажува дека она што ги формирало нашите морални вредности не е верата во бога, туку нашите морални вредности го насочувале начинот на кој размислуваме за бога. Христијаните (како и припадниците на другите религии) во минатото тргувале со робови, палеле вештерки, ги убивале прељубниците, верувајќи дека тоа право им го дава бог. Има малку христијани кои таквите постапки денес би ги оцениле како морално прифатливи. Тоа не се случило зашто бог го променил мислењето. Тоа го направиле луѓето.

Колективните општествени борби, изворно мотивирани од морални причини - од кампањите за укинување на ропството до борбата за правата на жените - со текот на времето стануваат извор на моралниот развој. Преку таквите борби се трансформира нашиот морален универзум, па така и она што верниците го сфаќаат како правилно и добро за бога.

Денес колективните движења за општествени промени главно се во хаос. Корозивните ефекти на општествената атомизација и фрагментација, кои делумно предизвикаа изумирање на традиционалните религии, уште помоќно делуваат на секуларните општествени движења, од синдикатите до политичките кампањи. Тоа го поремети нашиот морален компас.

Интересно е што многу од луѓето кои го оплакуваат пропаѓањето на моралот без многу колебање ги напаѓаат луѓето на маргините и оние кои се борат за општествени промени, од азилантите до корисниците на социјална помош, од синдикалците до демонстрантите. Ако навистина сакаат да го запрат понатамошниот пад на моралот, би било добро за почеток да ѝ се спротивстават на таквата демонизација на другите и различните.

Како и Ларкин, со задоволство влегувам во стари цркви и во нив ги впивам одеците на историјата и традицијата. Но не мислам дека причините за денешната состојба на моралот можеме да ги пронајдеме во празните црковни клупи.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Mohamad Hafez

Извор: https://www.theguardian.com/

Слични содржини

Општество / Активизам / Европа / Свет
Општество / Активизам / Европа
Општество / Европа / Став
Општество / Свет / Технологија

ОкоБоли главаВицФото