Ретроспективна изложба на Миле Корубин (1922 – 2000)

27.09.2023 10:07
Ретроспективна  изложба на Миле Корубин (1922 – 2000)

Во Националната галерија на Северна Македонија – објект Чифте амам – на 28 септември (четврток) во 20 часот ќе биде отворена ретроспективно-јубилејната изложба на Миле Корубин (1922 – 2000).

Поттик за организирање омаж посветен на Миле Корубин, еминентен македонски сликар, е одбележувањето на 100-годишнината од неговото раѓање. Овие јубилеи се основни поводи преку кои Националната галерија, како институција која седум и пол децении се грижи за чувањето и заштитата на дел од движното културно наследство од историјата на уметноста на нашата земја, континуирано ги презентира врвните национални културни достигнувања. На оваа примарна визија, мисија и функција се надоврзуваат и заложбите за потсетување за особените специфики на значајните легати од творештвото на големите уметници од македонското модерно сликарство и скулпторство, преку селекција и претставување дела кои се наоѓаат во повеќе државни и јавни институции од земјава, како и во приватни колекции.

Но, јубилејните изложби на истакнатите македонски уметници што Националната галерија ги подготвува во континуитет многу често ја надминуваат рамката на формалното официјално одбележување, бидејќи истовремено овој тип изложби даваат и ретроспективен пресек, овозможувајќи потемелен увид во творештвото и развојниот пат на авторите. Оттука, секогаш настојуваме поставката да ја збогатиме и со дела кои ретко или воопшто не биле презентирани пред јавноста. И, секако, една од најважните компоненти е желбата да оствариме и едукативен импакт, со цел културната јавност да добие поширока перспектива за развојот на едно творештво, кое, од своја страна, во одреден историски период извршило влијание врз некои текови во македонската современа уметност.

Ако го лоцираме просторно-временски авторот Миле Корубин, за почеток ќе споменеме дека тој ѝ припаѓа на првата генерација ликовно образовани македонски уметници кои, по Втората светска војна, се школуваа во центрите на југословенската држава (Белград, Загреб, Љубљана). Имено, по отворањето на Уметничката школа во Скопје, тој станува еден од нејзините први ученици, каде што посетувал настава кај бардовите основоположници на македонската ликовна мисла: Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Димо Тодоровски, Василије Поповиќ-Цицо и Томо Владимирски. Миле Корубин е воедно и првиот академски образован македонски сликар по Втората светска војна, дипломиран 1951 година на Ликовната академија во Белград, каде што ги следел педагошките поуки од професорот Мило Милуновиќ, а потоа особено од Петар Лубарда и подоцна на Миќа Поповиќ, како дел од сликарската елита на тогашна Југославија.

Говорејќи поконкретно за местото на Миле Корубин во генерациски рамки, тој, сепак, претставува издвоен автор кој наспроти предизвикот на новите ликовни струења избира сопствена еволутивна патека и создава карактеристичен ракопис. Тоа го потврдува и тогашната ликовна критика, која уште на самиот почеток на неговиот творечки развој го препознава како сликар што оди „спротивно од струјата и удобниот наплив на модата“.

Значаен сегмент, воедно и присутен во сите фази на неговото творештво, е сензуалноста што зрачи од женските фигури и портрети и произлегува од интимното доживување на еротизмот како „раздвижувачка сила на човековиот дух“. Сместени повторно во лирски метафизички недефиниран простор, овие стилизирани и идеализирани женски претстави (портрети и актови) ја сугерираат вечната потрага по убавото испреплетувајќи го притоа реалното со имагинарното во третманот на фигурата и просторот. Фигурите, третирани без карактеристични физиономски одлики, добиваат своевидна митолошка конотација, раскажувајќи една суптилна приказна за вонвременската архетипска претстава за жената. Оттука, меката заоблена линија која го обликува женското тело, поставено слободно во метафизички обоениот простор со широки контрастни плохи, воедно и го издвојува од истиот станувајќи носечки елемент кој го следиме и во понатамошните фази.

Во еволутивниот развој на Миле Корубин и претходно се забележуваше интерес кон нематеријалното и асоцијативно претставување на нештата. Следејќи ја својата издвоена логика, во осмата деценија на 20. век, авторот се насочува кон постапно прочистување на формата, испреплетувајќи ги мотивите од националната традиција преку карактеристичните форми и контрастен колорит (од македонските килими, везот, понатаму и пафтите) како реминисценции од минатото, со тенденциите и елементите на геометриската апстракција (Маљевичевиот квадрат во квадрат, Мондријановата мрежа итн.). Суптилната синтеза на ликовните елементи (форма, боја, планови, структура, текстура, композиција…), еволуира во сликарски дела кои имаат асоцијативен призвук на колаж, витраж, асамблаж, мозаик.

Временскиот опсег од петдецениска творечка дејност го вбројува Миле Корубин меѓу најплодните македонски сликари, воедно и педагози. Неговата стварност, трансформирана низ сликарските визии, со специфичен ликовен ракопис, манифестира сопствена логика на „патувањето“ од предметното кон непредметното, односно од конкретната реалност до апстрактното. Тенденциозно избегнувајќи ги трендовите, метафоричкиот лирски пристап се чувствува и се развива следејќи ја имагинацијата од конкретноста, па сè до геометриската асоцијативност. Притоа, како константа секогаш доминираат потсвесно воспоставената хармоничност и редот на елементите во просторно смирената до „блажено“ лебдечката композициска структура. Неговиот луциден сликарски јазик и урамнотежени ликовни ориентации се наклонети кон естетизацијата, редуцирањето на сликарскиот израз, отстапувањето од перспективата, ослободувањето на чистиот простор на атмосферата, кон егзотиката и мистицизмот преку лиризмот на чистата форма, што го издвојува како автор посветен на истрајноста и доследноста на сопствената мисла.
Кураторки на изложбата се Маја Неделкоска Брзанова, виш кустос, и Маја Чанкуловска Михајловска, виш кустос. Изложбата ќе биде достапна за публиката до 27 октомври 2023 година.

Извор: https://nationalgallery.mk/

ОкоБоли главаВицФото