Работилница за кореографија и танц „Резонантни тела“

28.09.2023 09:12
Работилница за кореографија и танц  „Резонантни тела“

Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата „Локомотива“ организира Култренинг/ Работилница за кореографија и танц „Резонантни тела“ со Теодора Ежовска која ќе се одржи во петок (29 септември) во КСП Центар – Јадро.

„Работилницата со Теодора Ежовска на учесниците им нуди танцово истражување и работа преку метод на допир, сензација, процес на истражување што овозможува експанзија на мисловна, како и физичка работа на тело, за тоа што е возможно и како се надминуваат сопствените лимити.

Што се случува со нашите сетилни средства на изразување и како тие можат да ја збогатат играта на импровизација, се само дел од прашањата и елементите преку кои, оваа пракса има за цел да ја одрази телесната/ движечка експресија“, се вели во описот.

Работилницата е бесплатна и отворена за учесници со или без танцувачко искуство.Сите заинтересирани може да се пријават на kultrening@gmail.com, а бројот на учесници е ограничен. Организаторите нагласуваат да се понесе лесна и удобна облека. Работилницата ќе се одржи од 18 до 20 часот.

Теодора Ежовска ја започнала својата танцова кариера во својата седма година, оттаму детската желба за танц и првите чекори во хип- хоп, танц театар, шоу-денс, се преточила во подоцнежните години, па таа ти продолжила своите студии на „Факултетот за музичка уметност“ – Скопје, на отсекот за Балетска педагогија –современ танц, каде што го зајакнува и продлабочува својот танцов вокабулар.

Нејзиното искуство како изведувачка и танцова уметница е сестрано и широко, што и овозможува експанзија на нејзината движечка/ танцова експресија. Има учествувано во проектите „Проект М”, „Апоптозис”, „Чудна Шума”, „Метаморфоза”, „Ре-Платформа” и други.

Работата како кореографка ѝ овозможува истражување, еспериментирање и применување на методологи кои опфаќаат работа со простор, време, проксемика, колектив, објекти, итн. Како кореграфка стои зад танцовите дела „Спирала” 2018, „Обединување”, „Торн” 2019, „Синергија” 2020, „I can’t breath”, I can’t speak”, a за нејзиното дело „The circle is not round” освојува трета награда на Фестивалот за кореографски минијатури во Белград.

Работилницата е дел од програмата „Култренинг” на Локомотива реализиранa во соработка со КСП Центар - Јадро.

Тимот на Локомотива го сочинуваат програмскaта директорка Биљана Тануровска- Ќулавковски, проектната менаџерка Емилија Чочкова, соработничката Зорица Зафировска, администраторката Ѓурѓица Христовска и ПР Јулијана Младеновска.

Програмата „Култренинг” е креирана од „Локомотива” и поддржана од Министерството за култура на Р.С. Македонија.