Кратки раскази, преглед 07-14 февруари

14.02.2011 13:29
Кратки раскази, преглед 07-14 февруари

Александра Петрушева

За светските паразити

Во зградата на светот, при последниот розест одблесок на енергичното – апатија настапи. Естетските вошки се населија и размножија на секој кат, ни прст не гледајќи пред себе. Ниски карактери, слаби егземплари, љубат без да сакаат, љубат како да мразат. Во најстрога смисла на зборот посакувам да ги телепортирам во друга зграда, или... да се заглават во лифт!!! ... Привремено... додека да сфатат... ако треба и вечност ќе им приуштам.

Совеста – дел од човечката психологија

Човек се плаши од нов збор, нов чекор, но од пауновите крилја на совеста се измачува со посебна привилегија. И зошто кога веќе грешам без грешки, совеста протестира? Како да ја замолам да си отиде, во чија сенка да ја сместам? Под услов зраците од сеништето да се проектираат зад мене? Или да се обидам со тотална рефлексија??? ...Од сто зајаци – коњ не бидува, од сто рефлексии – совеста не запира! Впрочем, формули нема.

Искрата на надежта

Во предградието на исчекувањето илуминира занесеност, тлее сообразност, но со ентузијазам и ориентирана фантазија! Уф... Колку се спротивставувам на исчекувањето, се спротивставувам со трпение! Чекам: дали по оваа ноќ без месечина, сонцето ќе се искачи високо на небото... Во лавиринтите, надежта е најгласна, па мозаикот воскликна со решение: “Во ова предградие секој ќе има своја куќа, па дури и канцеларија, па нека дојде суетата да праша колку ќе чини трпеливоста!”

Дијана Митревска

Вистинска другарка

Секој славеј не е подготвен да долета близу твојот прозорец и да ти ги запее своите прекрасни мелодични тонови за да те расположи. Секоја другарка не е подготвена да даде се од себе за да ти помогне кога си тажна.
Понекогаш е толку голема потребата да ја слушнеш волшебната мелодија на славејот. Сакаш таа да навлезе во тебе и да те смири, да ја победи тагата. Исто толку голема е и потребата да ги слушнеш зборовите од својата другарка. Бидејќи само тие во себе ја содржат моќта за да ја поразат тагата.Тоа се оние моќни зборови кои ги поседува само вистинската другарка.

Ивана Батев

Среќно до крајот

- Вештерка е, рече Марица за првата девојка која Ивица ја бакна.

Тој само климна со главата, разбирајки. Очекувајки. И отиде да ја запали печката.

Жртва

Карпите ми говореа. На јазик кој не го разбирав, во земја која не ми е дом, карпите и морето ми шепкаа тајни. Умот ми шеташе низ темни места. Како нивните тајни да беа наредби кои можев да ги разберам. Убиј, рекоа, давајќи ми слобода да го направам баш тоа.

Не беше разумно да го мислам за вистина, морето нема потреба од убиство. Само мојот ум.

Се соблеков гола и нурнав, мислејки дека бистра глава ќе ми помогне да ја видам магијата на карпи кои ми говорат на ведро утро.

Како што испливав на површина голем бран од претходно мирното море се крена врз мене и ме удри силно во брегот.

Следното што карпите шепнаа беше еден збор. Благодарам.

Д. Коцев

Процентуално

На погребот на Ивица, средовечен човек, залутан во животот, можеби неуспешен абортус, кого на скратено го нарекуваа Ќоше, некои ги оспоруваа и посакуваа да се забранат љубовните анкети на музичките програми. Ја пропушти златната шанса, да го помине животот со својата љубена. Кога таа го сакаше 98%, ја остави. Сè му беше малку. Ако шансите авионот да се урне се 2%, тој не полетува. Несериозно изјавуваше дека знакот го потсеќа на нешто. Ќоше загина во авионска несреќа. Постхумно доби “седмица”.

Хонорарска смрт

Силен бодеж во пределот на градите. Се разлеа крв. Здивот стануваше сè потежок. Полека се спушташте долу. Помисли на најблиските, во секунда му помина целиот живот. Болката се ширеше и го јадеше луто. Капаците сè потешки, Веќе не можеше да ја трпи силната бела светлина, која беше заслепувачка.

Режисерот: -Сечи!

Ги исклучија рефлекторите.

Му ја поправиjа шминката и почнаа одново.

За некој смешен хонорар.

Тој, човекот, еден

Беше роден на 29 февруари, 19... Посебен акцент ставаше на тоа што живее во два века и милениуми и како да беше единствен кој успеал да го направи тоа. Плод на бакнежот меѓу ерите. Ќе прочита некој оглас во весниците: Уметнички предмети: Продавам кучиња со педигре, ќе промрмори. Сè уште живее со верување дека којотот еден ден ќе победи и ќе се насладува на брзата птица итрица. Од целото срце го мразеше пушењето, на целата негова штетност ја додаваше и неговата двосмисленост. Тие што не го познаваа ќе го послушаа советот: Ако ти понуди човек со брада, цигари, речи: не!
Градскиот херој со резерва ракија во задниот џеб, негираше дека студот не постои, дека е недостаток на топлина, не може да се измери. Велеше: - Си поигруваат со нас, бушавите, лажат! На лагата и’ се кратки нозете. Моите измрзнаа. И можеби најверно од сите играше лото, иако знаеше дека шансите за добивање се речиси исти како на неговиот сосед кој воопшто не игра, и понатаму се надеваше дека можеби го живее токму оној од илјадниците животи.
Тој сега седи на неговото стереотипно место и очекува да го спомнат во најмногу илјада и двесте знаци. Замислете го како негативец во вашиот омилен расказ, работи како детски кошмар, како ваш синоним за пропаднат живот. Името му е изрезбано на некоја клупа...

Тодор Сибиновски

Човек-копче-кур од офца!

Додека земјата се пребројуваше, во домот на мојот родител доживеав неверојатно сетилно искуство.
Ничем изазвано, срцето на дедо ми престана да чука.
93 години имаше старото, и се сакавме највише на свет. Важеше за ретко потентен мажјак, позади себе остави 14 деца и едно чудо внуци и правнуци.Често знаеше да раскажува за старите добри времиња, кога сексот бил прљав а воздухот чист.
Пред смрта више скроз излапе, почна гол да се шета низ комшилук, и да им нуди непристојни предлози на локалните вдовици.
Го закопавме шо го закопавме , и како што налагаат обичаите седнавме да кснеме нешто за душа на стариот, таму ала бала, муабети, реминисценции, јас емоционално ранлив, се начукав дупе пијан се напраев...
Стигнав некако дома, пуштив Удинезе-Интер да гледам, и мајмуниве на Пандев загубија 2-1, денот ми го ебаа!

Чипче за рекција

Прв пат заплакав. И светот се смени

Почина Саше.
Бев подобар математичар од копиљот.
Но се воздржав од реплика!
Имав 8 години. Прв погреб. Супериорни манири.
Апсурден, дивјачки и морално банкротиран, светот се менуваше, а јас научив да си го чувам грбот!

Марија Веселиноска

Избран

Ми кажаа дека сум избран. Сè уште се двоумев. Сепак пеев, шетав, летав... Летав? Ова не се совпаѓа со особини на човечко суштество, помислив. Ама со слободата на неговите мисли се совпаѓа. Затоа летав, сепак летав. И мечтаев. Од денот кога ми кажаа дека сум избран па се досега не престанав да замислувам, да творам, да креирам. Се спознавав себеси. Колку парадоксално! Ја отворив вратата на своето срце, понатака и на сопствената душа. Ѕирнав во крвавите одаи низ кои артериите и вените се премостуваат. И сè дознав. Но, за што сум избран немаше никаде. И талкав низ светот. Правев сè што еден смртник прави. Никогаш не дознав за што сум избран, не живеев доволно иако достигнав осумдесетина години старост. И сега, пушејќи цигара, не можам да откријам кој дел од сложувалката ми фали. Упорно барав. Тоа ли беше мојата грешка?

"Мајка"

Во маглата низ која се пробивав до мене допираше плач. Многу гласен, пискав. Од мало бебе. Одев понатака низ градината, а под круната на стариот даб ја најдов неа. Веднаш ја присвоив, и онака мојата матка со години беше јалова дупка без зачеток. Ова беше чудото кое чекав да се случи. Ја стиснав во мене, го загушив нејзиниот плач и ја понесов со себе. Немав објаснување од каде ми е. Едноставно ја донесов. Со години ја хранев, ја чував и ја милував. Беше приврзана за мене, дел од мене но никогаш вистински моја. Ме викаше мамо, но некоја друга беше мајка и`. Ме сакаше но некоја друга ја бараше не откажувајќи се. И еден ден ја најде. Не знам како, ја најде. Мојата ќерка со крупни сафирни очи, и памучно тело. Како да се оделам од неа? Болеше, ми зедоа сè што сакав.
Далеку од човештвото, зјапав во белите ѕидови наоколу, ја мразев белата облека која секојдневно ми ја наметнуваа. Отсекогаш зборував дека не припаѓам таму, особено не без мојата ќерка. Зошто ми ја зедоа? А толку ја сакав со години наназад. Таа ми беше единственото друштво во тишината на залезот. Залезот на мојот душевен мир по кој мечтаев.
Никогаш не го најдов.

Маја Мојсова

Препреки!

Малку задоцнето годинава го освоив месец јануари. Ми требаше прилагодување на 2011 година. На сакам единици и тоа е најверојатно најантипатичната нишка која ме “освести“ кон крајот на јануари дека месецот поминал. Добро, go back to business.
Продолжува мојата едногодишна голгота во пишување, пишување и пишување, понекогаш цртање, пеење и ПРЕПРЕКИ.
Знам дека и годинава нема да добијам подршка за да издадам книга, а делата во ракопис од дваесетина години наназад само се трупаат по фиоки.
Знам дека и годинава нема да наидам на истомисленици да си формирам рок бенд, туку во домашни услови и понатаму сама ќе си пеам.
Знам дека и годинава нема да се најде некој толку фер, кој ќе ме научи на техничкиот дел со работата со копчињата и dj -ските финти околу сето тоа. Ќе продолжам дома на мој импровизаторски начин да си миксам траки од Outsiders, ReOrder, Astrix, Franky van Dyren, DJ Dean, DJ Ange, Sound System, van Riel...

Парталави сеќавања

Скината вена од левата рака, а надградени нокти;
Перфектна шминка во комбинација со контактните леќи;
Тажно срце, кое го чувствува како убиено, а широка насмевка како контра-продукт на неопишливата болка и каење.

Фотографии

“Овде изгледаш збунето, овде си претерано сладок, би можела да те изедам. Овде имаш премногу брада, ко ’запустен’ ми делуваш... Ауууууууу, овде си... мњами!!! Многу си секси душо, би ти ја разбушавила косата да бев на сликава до тебе.
Овде си сто посто пијан, овде ко да си ’нафиксан’, овде, неееее... ми личиш на брат ти. Немој никогаш повеќе вака да ја носиш јаката на кошулата и вака да се смееш.
Овде си некако несигурен.“

“Ти на сите слики ми изгледаш интересно и баш како да си само моја. :) “

Некои потези се имитират...

...а се чинат како оригинални. Златно-зелениот лист се обиде да се откине од гранката и да падне на земја. Наставничката продолжи да ги прегледува писмените работи. Brainstorm интензивно го повторува зборот “my“ во стиховите:

My body, My hand,
My heaven, My land,
My guardian angel is mine,
My dreams, My head,
My sex, My bed.

Синот на наставничката продолжи да ја гледа мајка си намуртено. И’ се лутеше затоа што не му попуштила на писмената и му ставила тројка.

Дождовен план

“Размислувај како што сакаш, само престани да го наметнуваш своето мислење на други!“ - му се развика Мили на Арот и се “нурна“ во недовршениот дождовен план.
“Јас денес планирам да зготвам нешто со моркови и компири...“
“Готви што сакаш, само не ми ѕиркај од зад рамо додека работам!“ - беше строга Мили.
Три дена по ред требаше да планира во каква форма да го прати дождот. “Ако Арот планира некакво јадење со компири, подобро да врне три месеци без прекин. Нека се поплават сите насадени површини со компири, па да го видам следната година ова време дали ќе успее да зготви нешто само со моркови“ - си се смешкаше во себе Мили.
Дождовниот план и’ беше да продолжи да плаче, за да врне во наредните три месеци.

Џ.Х

Поглед

На Р.A му исекоа еден дел од главата. Мислеше дека целиот свет ќе се сруши. Кога се разбуди забележа, колку и да се високи или ниски луѓето, тој можеше да ги гледа од вратот надолу. Нивната глава и нивниот лик, колку и да сакаше, не можеше да ги види. Му беше ужасно страв, затоа што мислеше дека ќе изгуби многу од радоста што ја имаше, кога ќе ги погледнеше луѓето во очи.
Осакатен, разочаран, прв пат во неговиот живот отиде на прошетка. На улицата стана вистинска сензација. И нему сè му стана интересно. Сите се чудеа како успева да живее само со еден дел од главата и да го користи едниот дел од мозокот. Тогаш, стекна многу пријатели.
Забележуваше како луѓето невешто ги користат своите раце. По долго време почна да ги препознава по нивните движења, држење на рацете, нивниот мирис и глас. Нивниот поглед веќе не му беше пресуден.
На Р.А му го исекоа и другиот дел од главата. Мислеше дека неговиот свет навистина се сруши. Кога излегуваше на прошетка, никој не го препознаваше, веќе никој не му беше пријател. Беше сплотен со другите, без глава, очи и мозок. Ист како другите... Тоа толку многу го болеше.

Ванета

Бев со две лавици в кревет

Бев со две лавици в кревет. Малку е чудно чувството како тие двете, лавици со гривни, со боја на пот, ги шират челустите пред мене и ги одгризуваат последните парчиња љубов што ми се кријат меѓу непцата. Ги растргнуваат последните чисти спомени скриени под душекот, онаму каде што постелнината се подвиткува под тежината на креветот и ја користат секоја бездушна страст што некогаш се родила во моите пори, ја милуваат навидум во склад со играта, но потајно ги демнеат причините за раскол.
Беше како поле од жолти лијани што се преплетуваат на срушен ѕид од зграда. Беше како црквата во Маврово, што мистично се открива под површината на Езерото што се повлекува, што одумира во зимските месеци. Сета страст за која знам дека ја имам ја предадов, како демонски остров што изникнал среде тоа Мавровско Езеро. Мојата љубов полека се разводенуваше, претекуваше, се губеше во реките пот што чиниш се слеваат во Едно, две жени, во едно, заедничко, стрмоглаво спуштање кон Вистината.
Беше болно. И страсно. Преплетување на Законот со последиците од тој Закон.

СП Апостол

Одсебеоткажување

Назареецот седеше под дрвото кое се надвиснуваше над Реката на животот. Тој очекуваше да се доближам до Неговите нозе, но не и да се оплакувам над нив, ниту да се обидам да ги исушам со својот смрдлив здив. Бев подготвен да Му ветам дека ќе се откажам од себе си во име на Крстот кој ќе го понесам, навистина со цела негова тежина и цена, но барем ослободен од присуството на моето недостојно тежнеење да се потврдам како човеколика индивидуа. Тоа ќе значеше збогување со сите мои разблудни соништа, со сите апетити погрешно разголтани и недоварени ионака во неконтролирана плунка и со повеќето уверувања дека сум на вистинскиот пат. Тоа ќе значеше и крај на моето вечно очекување да ја допрам конечноста во еден нов свет исполнет со она што верувам не е ни најмалку слично со тоа што повеќето го нарекуваат живот.
Назареецот седеше под дрвото и тажно гледаше во моите изговори. Беше милостив кон патетичните компарации на еден немоќник со неговиот восхит да лета. Беше и жалостлив кон епитафот на едно Негово дете кој завршуваше со неисполнети ветувања...

Глигор Кондовски

Средба

Влегов внатре. Се сретнавме. Застанав пред неа, ме порази. Се исплашив, заборавив дека стојам, помислив дека летам, со насолзени очи, почувствував светлина и топлина во моето срце. Пет минути стоев, емоција ја полеа мојата мисла, добив мајчински допир, ми се насмеа слатко, добив љубов, се освестив во еден момент и сфатив дека е тоа иконата на Богородица.

демијан д.м.

Амнезија

се освестив со голема главоболка. нешто ми го стегаше вратот, а и рацете ми беа врзани. погледнав нагоре и видов дека е јаже тоа што ме стега. ама пак каква е оваа направа и зошто сум јас на неа. ништо не се сеќавам. не знам ни кој сум. околу мене луѓе во френетичен занес. чекаат нешто. го чекаа еден човек со црна маска преку лицето да ја тргне рачката. зошто е па таа. слушнав само КЛАК. и темнината пак ми ги преви очите. овој пат засекогаш.

Очи

го пречекав и денешниот ден. се погоди меланхоличен а сепак возбудлив. ја отсликуваше мојата душевна состојба. решив да излезам и да трчам. чунким со трчање се бистри мозокот, па да го исчистам од валканото на секојдневната монотонија и баналност. додека трчав во природата почна да паѓа слаб дожд. мали капки капеа на мене и испаруваа од моето тело. кога ја постигнав саканата цел и мозокот се опуште тогаш се појавија тие. се појави слика од мистериозни темно зеленкасти очи во мојот ум. од каде ли дојдоа? не ги имав видено до сега, ама ме маѓепсаа. беа убави како црни бисери. од каде ли дојдовте и до кога ќе ме прогонувате? хмммм, мозокот прави чудни нешта.

Г. Самса

Софија

Во една книга, се сретнаа Декарт и Бодријар. Првиот рече: " Mислам значи постојам", а вториот возврати: "Доста симулираш, бе!"

Во друга книга, се сретнаа Ниче и Бодријар. Ниче рече: "Бог е мртов", a Бодријар рече: "да симулираш значи да се преправаш дека имаш нешто што го немаш!"

Albert Halsey

Смртта на еден свет

Денес умре еден свет. Го згазија без жал, го распарчија како диви хиени, му ја испија крвта крвожедните вампири. Го прободуваа со погледи додека лежеше папсан на плочникот, го чречеја со зборови онака немоќен и мртов и го доизедоа со насмевка и сласт…Не им беше ни гајле. Си продолжија со своите животи. Си се смееа. Се кикотеа. Со крв на забите, им течеше по вилиците, по брадите, на кич кошулите опиени од мирисот на смртта, кој ги охрабруваше им даваше живот до другиот уништен свет. Се гордееа со себе си, ставаа медали од човечки сништа на реверите, се китеа со туѓите несреќи, си доделуваа титули и признанија, се фалеа кој колку убил, каде, како…

Дрво

Беше есен кога решив да го сечам дрвото што татко ми го посади кога се родив. Не знам дали беше есен во годината или есен во мене. Се околу мене венееше, венеев и јас.
Беше единствено дрво во дворот. Кога го садеа во коренот ставија и желби, сакаа да посадат иднина. Сакаа да некогаш да седнат под неговата густа крошна, да одморат во ладовината. Сакав и јас под него да ја бакнам мојата љубена, со старото ноже на дедо ми, реликвија од неговите војнички денови, да ги напишам нашите имиња во неговата кора, да останат врежани за секогаш, сакав да ги помирисам неговите цветови. Сакав…
Но дрвото никогаш не порасна. Го калемев со идеи, вери и невери, сништа, љубов. Го пресадив двапати. Никоја земја не му одговараше, никој калем не се врзуваше за него. Плодовите му беа ретки и невкусни. Горчливи, црвосани, неправилни во форма. Им ги дававме на свињите.
Му се приближив со секирата зад грбот. Веќе му беа сите лисја опаднат, беше скроз голо на ветрот што го нишаше. Удрив силно. Толку силно што падна со еден удар. Во ладниот воздух можев да намирисам крв. Го распрапчив со уште два-три удари и чувство дека убивам човек. Го собрав лешот на дрвото на мојот живот и го запалив. Барем беше добро дур гореше.

Последните мисли на најголемиот крадец

Грубо дрмање ме буди од плиткиот сон. Архангел Михаил престорен во млад војник, не повеќе од 19 години, уплашен и збунет повеќе од мене со треперлив глас ми вели: Време е. А знам, не е време, но нема да се покајам.
Чекорам тивко кон мојата последна прегратка, за жал со врелиот куршум. Те гледам лежиш расплакана, ја гушкаш перницата на која спиев, а боите се матат од солзи. Ја чекаш стуткана од болка страшната вест. Се надеваш на чудо, но чуда се случуваат еднаш. Ние го искористивме нашето. Немој да очајуваш. И утре сонцето ќе изгрее, ќе ги погали твоите прозорци и кактусот на нив, повторно ќе дојде пролет, а нашето дрво ќе расцвета како никое друго. Излези утре, со крената глава и прошетај пред очите на злобниците, насмеј им се на нивните лажни сочувства, не ги слушај нивните гадости кога ќе го свртиш грбот. Немој ни да ги читаш весниците. Ќе има ереси за мене, ќе ме нарекуваат најголемиот крадец, ситните души ќе се радуваат дека нив смртта овај пат ги одминала, ќе измислуваат приказни како сум се каел и преколнувал за прошка…
Се редат џелатите. Се надевам дека од насмевката ми читаат дека не се каам што го украдов прстенот од Сатурн да ти го вратам ореолот што еретиците ти го фрлија на буниште.

Го убивте Бог

Се прашувам дур го пушам лулето на мирот со ѓаволот, кога ја изгубив душата? Не е важно, ќе ја осветам сега на походот кон Олимп. Ќе газам преку лешеви, преку живи луѓе ќе газам. Ќе го убијам Зевс и главата на копје ќе им ја донесам на сите оние што веруваа во лажните пророци, копрофили, пиромани и убијци, на сите што градеа храмови на лажни херои, се молеа на олтарите на недостојните, за корка леб, за година живот. Ќе ме обвинат дека сум им ја убил нивната едниствена надеж, ѕвездата водилка. Не го убив јас, ќе им кажам, го убивте вие. Кога бев гладен за знаења ме наранивте со лаги, кога требаше да ги раширам крилјата, да се вивнам вие ги подсековте со насмевка и уживање, кога сакав да бидам јас, сакавте да сум како вас. Вие го убивте Бог. Или да го однесам жив, во окови, да им каже дека додека тие плачеа за прошка за ситните гревови, тој правеше деца на сите страни и ја ожени сестра му? Да уживам во лицето нивно лице, нивната безнадежност, бунило, бес, тага. Да ги гледам како со последните пари му градат споменик на врвот на планината, да ги потсеќа дека никогаш нема да се како Него, да ги слушам како се колнат во Негово име кога лажат... Го убивте Бог дами и господа, што не сте тоа.

Покојникот

Лицето на покојникот беше искривено, се гледаше дека пред душата да му го напушти телото гледал страшни глетки, се чувствуваше дека сега веќе се мачи во пеколот. Од згрченоста околу очите се гледаше дека нема солза пуштено, тие што имаа несреќа да се сретнат со погледот негов, додека сè уште по земјата одеше, знаеа дека под нив се крие железен поглед, поладен од зимски ветар, поостар од генералска сабја. Во нив, можеа да се заколнат, дека никогаш немало ни трошка љубов, никогаш тие очи не сонувале, во очите на строгиот реалист никогаш немало никаква искра, освен оган на омраза. Околу усните сè уште се чувствуваа бакнежите на туѓите жени, разни курви, во ситни сати, додека жена му и децата дома спиеа. Чудно набрани, побелени, суви, неблагословени од добар збор беа.
На рацете склопени над стомакот, стоше бурма, едвај видлива под здебелените прсти. Можеби тоа е причината што сè уште е таму.На рацете имаше рани, инфицирани и заразени, одвратни, натопени во солзите и крвта на жена му. Ни цвеќињата поставени во пар крај нозете, нит вареното вино што го служеа, не можеше да ја сокрие реата негова, помешана со тешкиот воздух од свеќите кои догоруваа.
Покојникот лежеше во златен ковчег. Сите плачеа.

Трета бригадирка

Присутна

Тука сум, да!
Си дозволив да и’ забранам пристап на сопствената неприсутност.
Бев во право, дека правам грешка. Неприсутноста ми избега од контрола!

Што правиш?

Безграничноста која си ја заробил за да ја ослободиш во затворот, каде им отворам врата на обичните чуда, ја испразни празнината и таа излезе внатре, во малото делче слобода, на кое се сведуваше мојата лимитираност.
Слободен ли си утре?

Нутриционист

Утробата ми се превртуваше кога беше покрај мене.
Хлеб беше трошка со која ја прехранував својата гладна заситеност. Но, решив да се хранам здраво...”Здраво Докторе!”

Распродажба

Ме продаде, за да ме подарат, таму кај што ќе те купат. Едно време стоевме заедно во излогот. Потоа настана криза. Ме дадоа на попуст...

Ратка Ш.

Без еден бакнеж

Нашето запознавање беше необично. Можеби затоа цело време се држевме за раце, се смеевме и ниту еднаш не се бакнавме. Ќе се погледневме, ќе затреперевме како пламенче од свеќа, па ќе потоневме во разговор. Така цела ноќ.
Оние скришни погледи, месеци пред оваа ноќ, ти и’ ги подари нејзе, а потоа се покаја. Дозволивме да ни ги украде. Сега, додека седиме и се држиме за раце, бакнежот го фрла во очај утрото? Заспавме еден до друг, со допрени чела и сплетени дланки, разделени со бакнеж. Не мојот, не твојот, оној нејзиниот.

Неиспеана

На петнаесеттиот ден, на првата полна месечина.

Тогаш кога сета ракија ќе биде испиена, а во виното ќе ја удавиме вистината, минатото ќе биде убава приказна за раскажување. Помалце тажна, помалце подзаборавена.
Ќе се поклонам пред сите и ќе запеам. Ќе испеам песна низ солзи, но од среќа. Ќе му ја посветам, иако нема да ја чуе.

Ќе ти ја донесат ветровите мил, на сон ќе заплачеш.

Празна глава и полна трпеза

Денес нема да мислам на ништо, на ништо нема ни да помислам. Еве, ветувам нема да размислувам. Почнувам од овој миг. Поубаво е кога главата ми е празна.
Можете да ме обвините - за незанење, за незаинтересираност, за сè што ќе посакате. Потврдно ќе кимнам со главата, што и да кажете за и против мене.
Седам на дрвениот стол, ја гледам трпезата, за ништо не размислувам.
Седам и гледам - медитирам. Стомакот не е ни полн, ни празен, таман му е. Убаво е да сте во моја кожа.

Тиквата што ја јадам

Мојот живот не е бајка, а тиквата што ја јадам нема да се преобрази во раскошно BMW. И..., НЕ сакам кола убава, сакам едно фичо, ќе ми биде и повеќе од доволно како што немам кола. Во иднина може еден џип.

Денес во Комерцијална ја сретнав тетка Ленче. Чуден лик е женава. Сите од нивната фамилија се такви – радознали не е вистинскиот збор, има нешто подмукло во нивните носеви и наметливо во нивните стапала. Си честитавме сè што не сме си честитале. Паќала сметки. И јас. М праша – до кај сум со живот(?) Со ќерка и’ веќе година не се дружиме па мора да направи апдејт. Фатила дечко, КОНЕЧНО!, ми нагласи, па ме прашува кога ќе се мажам(?), како мажачката треба да е биде врвот на моите постигнувања, на сечии. Не ја прашав ништо за ќерка и, не ме интересира. Не ја ни поздравив од куртоазија, не знам да одглумам во вакви ситуации, не можам да покажам интерес за нешто што не ме интересира.

Тиквата што ја јадам е повкусна од бани и костени заедно.

Ремек-дело

Меѓу материјата и духот не клечи слон, не прелетуваат мршојади птици, иако на лицето ставаме нова боја, пепел, крв и парчињата од животот, разредени со плунка.
Мојот нов акварел, моето животот дело без посвета. Никој не е прозван, сите се јавуваат.

Марија Г.

Едгар

Едно утро низ сомнамбулозност ми се појави врата од дрво на таванот со позлатена рачка, вратата се отвори, мојот Едгар се смешкаше како Булгаковскиот мачор кој оди, со малку злобен поглед, подзамижано ме повикуваше кон вратата, го спуштив погледот, го извадив стариот календар од ѕидот, се качив на маса и го залепив врз вратата. Повторно сè беше нормално.

Крш

Денот мирисаше на скршени нокти на војник паднат во бунар кој гребел во обид за излез пред смртта да го зграби, водата тогаш се претвори во стакло. Од неговиот глас кој остана да одзвонува во бунарот, стаклото се кршеше, распукнуваше до ситни парчиња на непостоење. Денес мирисаше бунарот кој е веќе пресушен, а во длапката што останала од пресушената вода се гледа ерозија од црвени дамки.

Без граници

Музиката на изворот е возвишена симфонија на милост, се насмевнувам седејќи на влажниот камен, вечна вистина.

Перун(ика)

Имунитет

„Алергичен си... Пиј чаj од босилек и крупна сол“, рече пулмоалергологот.
„Инхалатор е ова или рецепт против демони?!“, се чудеше Вајра.

From: vajra@unknownplace.com
To: lastovica@severjug.com
Subject: Здраво, цимер
„Нарат е сијамски близнак со лап-топот. Збудалев! Те чекам“
.

„Слаб ти е имунитетот!“, продолжуваше пулмосоветодавачот.

Бев трет цимер. Веб-дизајнер. Многу читав. Во тој период - романот „Исток-запад“.

Вајра беше новодојденец во северна средина.
Му правеа сешто. Не се откажуваше. Работеше, молчејќи.
Дење ја носеше бабината кошула. Ноќе го палеше дедовиот свеќник.

From: lastovica@severjug.com
To: vajra@unknownplace.com
Subject: Fw: Здраво, цимер
Се селам од станот. Нарат останува со тебе“.

Јуда беше и таму кај што мислеше дека растат само јаболка.
Го клукаа. Стана зелен клукајдрвец.
Го расоблекоа. Не најдоа минато. Само дијагноза за склоност кон алергии.
Го касаа змиски. Oтровот му го зајакна имунитетот.

Колку ли одживеа? Само Ластовица знае. Јас починав прв.

*Читателе, зошто лексемите: север(на средина), кошула, свеќник, јаболка, зелен клукајдрвец, се со закосени букви? Нарат ми рече дека Шевалие и Гербран знаеле. Ако сакаш, прашај ги!

Габриела Стојаноска-Станоеска

Предлог за реклама

- Го знаеш овој? Слушај: Момче и девојка, долгогодишни верни партнери. Предиграта полека преминува во игра. Момчето го зема кормилото во свои раце, се мести за големото бродење, и таа му вели:
- Стави презерватив!
Нему не му дава душа :
- Не грешам никогаш, знаеш.
Таа упорна:
- Стави презерватив!
- Ајде, сеедно е.
После неколкуминутно сè поинтензивно взаемно бранување, девојката се предава и започнува да пулсира. Момчето, понесено од плимата, ја губи контролата и иако знае дека нејзините оргазми се долги и продолжени, го вади сидрото и се закотвува на земја. (Пука во празно, се разбираме нели?) Девојката останува да пулсира како риба на суво. (Да сибам, глупавите метафори и компарации, да сибам.)
-Ја знаеш онаа реклама за сокови?- му вели огорчено.
-Која?- отсутно прашува момчето.
- Онаа во која еден тип купува билет за Партизан – Ѕвезда и кога го прашуваат: „за која трибина?“, вели: „Сеедно“, а кога ќе сфати дека седнал меѓу противничката екипа...
- Е, го скршуваат од ќотек. Ја знам: Не е сеедно. И, што таа?
- Е па, еве им предлог за ново продолжение: НЕ Е СЕЕДНО!
- Ама ова не е виц?
- Е па, не е.

Денови

Неделно утро. Светнато. Кристално чисто. Искапено во црковни ѕвона.
Неделата е убав ден. Празничен. Посебен. Тих и некако свечен.
Природата ти е седната во скутот. Не знаеш кој поубаво мириса, таа или неделниот ручек или процепот меѓу градите на саканата која се наведнува додека ја раскрева масата.
Вино и неделна дремка. Убавина.
Но, недела навечер! – истрпнуваш будејќи се. Го гледаш, скока од бројка на бројка. Трча во круг околу стрелките на часовникот. Срцето забрзано ти чука. Стануваш нервозен и нерасположен. Сите се виновни. Сешто ти стои на патот. Одиш во бањата, се трудиш да го измиеш. Се исправаш пред огледало. Знам, знам што ти испишал на лицето: „Понеделникот несопирливо доаѓа.“ Облеан во ладна пот, се враќаш во дневната соба и јас од сè срце ти посакувам да ти се оствари надежта дека глумејќи како е сè во ред, со тек на време, навистина, сè ќе биде во ред.
Да, еден ден, несомнено, сè ќе биде во ред.

Писмо

Сонуваше сон. Во сонот тој имаше љубовница. И тоа не една, туку две. Со двете ја изневерувал вкупно десет години. Пет за време на нивната врска и пет за време на бракот. Во сонот не и’ беше јасно зошто тогаш воопшто ја зел? Зошто и’ направил дете? Ги читаше пронајдените писма на љубовниците. Се чудеше колку многу го сакаа. Почна да се подразбудува за време на едно писмо начкртано со молив и крупни коцкести букви. Не, чекај прво да го дочитам, после ќе се разбудам. Да видам овде што пишува. Но, некој одлучи таа да се разбуди и таа се разбуди нервозна што не го дочита писмото. Затоа стана набрзина и со неизмиено лице, гурелави очи и стиснати усни што не го пуштаат здивот да се проветри ја набара лименката со пенкала, фломастери и моливчиња и со првото ненаострено моливче кое и падна в рака седна и го напиша.

Жена

Кога не пишуваше, страдаше оти не пишува. Кога пишуваше, страдаше оти не живее. Таа не можеше да не пишува, а сепак сè беше поважно од пишувањето. Таа не можеше да не живее, а сепак пишувањето беше најважно. Таа не можеше да се одлучи, а еден живот и се чинеше премалку и за пишување и за живеење.

Кејт

Под масата

Квечерина го стишува работниот ден. Влегувам во омилено мало кафуле. Минута-две за да се сместам и љубезен келнер ја слуша мојата нарачка. Никој нема да ми се придружи. Оддалечувањето на келнерот во видното поле ми открива зафатена маса. Над масата, едно блиску наспроти друго, две ведри лица. Со очи незаинтересирани за околината, маж и жена спокојно разговараат.
Рака вешто спушта филџан со кафе пред мене. Се приближувам со лицето кон филџанот за да ја помирисам пареата што се извива од него. Под масата, над скутот на жената, нејзината лева дланка цврсто ги обвиткува прстите на десната. Повремено, дланката на кратко го олабавува стисокот и, потоа, ги зграбува прстите – ги трие, ги свива, ги исправа, па повторно се смирува околу нив.
Уживам во кафето, црно и жешко, последно за денес. Под масата, десната дланка на мажот, со внатрешната страна се движи напред-назад по кратка патека малку над неговото десно колено; прстите, исправени и раздвоени, не ја допираат ногата. На моменти, дланката запира за им дозволи на прстите да се протријат од нејзината внатрешност и, потоа, го обновува движењето над коленото.
Убаво кафе служат овде, но, понекогаш ми се чини, во мала количина. Плаќам.

Ѓоко Бушавиот

Еден ден на Семјон Семјонович

Еден ден Семјон Семјонович на една бела маица напиша: I SEE STUPID PEOPLE. Дента со неа го прошета градот.
Паметните вознемирено се прашуваа: Да не мисли случајно на мене?
Глупавите му приоѓаа и гласно, за сите да чујат, му кажуваа колку му е добра маицата.
Вечерта Семјон Семјонович ја соблече маицата и веќе никогаш не ја облече.

Isidora

Мост

Мостовите поврзуваат; луѓе, нации, две поделени копна и сè од јавен карактер, тоа би било некоја кратка дефиниција за нивната функција.
Но еве, јас сум привилегиран да имам свој мост, лично мој. Да не ме сфати некој погрешно дека присвојувам градба која треба да му служи на целиот народ, бидејќи тоа е мост кој ми служи лично мене. Поточно, мојот мост има врска со броевите 4 и 6, надворешниот изглед и состојбата му е непроменета иако е стар 3 години и се покажува онолку колку што јас ќе му дозволам. Тој не е ни премногу долг ни премногу краток, големината му е доволна и точна, ни милиметар повеќе ни помалку. Пред извесно време почна да дејствува на притисок и да покажува извесна но својствена реакција кон топлите и ладни бранови типични за климатските услови. Земено во целост тој е добар мост кој не мора да е подложен на реконструкција, само одвреме-навреме на мала контрола. Сè на сè мислам дека не донесов погрешна одлука иако на почетокот долго се двоумев пред неговото поставување, тоа беше прилично долг и макотрпен процес. Изминаа месеци додека конечно не беше поставен на потребното место, за жал на неговото свечено отворање присуствуаа само двајца, сестрата-асистент и докторот кој го даде својот благослов – „со здравје да си го носиш“.

Хонорарска смрт, Дрво, Под

Хонорарска смрт, Дрво, Под масата

Ги пофалувам и издвојувам

Ги пофалувам и издвојувам Хонорарска смрт, Некои потези се имитират, Поглед, Предлог за реклама, Писмо, Под масата, Еден ден на Семјон Семјонович како примери за тоа како треба да изгледа еден краток расказ. Остатокот од објавените трудови (со уште неколку исклучоци) не заслужува ни да се нарече проза.

Јас лично имам впечаток дека авторите недоволно сериозно го сфаќаат конкурсот, или самите тие недоволно сериозно се изградени како автори. Како и да е, гореспоменатите раскази го спасија овој преглед. За другото слободно може да се каже дека е - срање!

Поздрав и повеќе зрелост и мудрост следниот пат

Би ги издвоил "За светските

Би ги издвоил "За светските паразити" и "Хонорарска смрт". Првиот на метафоричен начин ги опишува "естетските вошки" кои се хранат хетеротрофно и не смеат да ги напаѓаат автротрофните ѕидови на великаните во светот, преубаво! Додека вториот има тематика во која се воспоставуваат неочекувани односи, меѓу реалноста и камерата, обликувани со несразмерни ефекти. БРАВО ЗА РАСКАЗИТЕ!!!

автотрофните*

автотрофните*

Не знам дали досега имало

Не знам дали досега имало волку раскази? Видлива е борбата меѓу квантитетот и квалитетот!

Ми се допаѓа смислата за

Ми се допаѓа смислата за хумор, иронија и сатира во расказот „Среќно до крајот“, потоа трагикомедијата во „Хонорарска смрт“, смешната откаченост на „Човек, копче, кру од офца“, морбидната вистина во „Поглед“,амбицијата на Самса, „Дрво“ во неговата комплетност и заокруженост,свежата форма на текстот на Перуника,успешно доловената атмосфера во „Под масата“,цитатноста на Ѓоко Бушавиот,и пак, смислата за хумор и изненадување на крајот на „Мост“.

Човек-копче-кур од офца!,

Човек-копче-кур од офца!, Хонорарна Смрт,Ѓоко Бушавиот го обожавам-Еден ден на Семјон Семјонович,сакаме уште мајсторе!!

Д. Коцев... и уште два-три!!

Д. Коцев... и уште два-три!!

Ѓоко Бушавиот, welcome back!

Ѓоко Бушавиот, welcome back! Перун(ика), брате, треба со енциклопедија и два три лексикона да те читаме :)

„Среќно до крај„ исто така,

„Среќно до крај„ исто така, една од најдобрите (мини)јатури со мaкро значења. Мислам дека Ивана Ботев оваа недела е дебитант, или се лажам? Ајде нека и е со среќа, прво па машко :))

Браво за "хонорарска смрт"

Браво за "хонорарска смрт" Животот е филм, живееме од филм, за филм, Кој е режисерот?

нешто не во ред со мене или

нешто не во ред со мене или имам преголеми очекување? Ниту еден текст не ме бендиса. "Денови" ми е малку симпатичен, ама мислам дека на крајот е упропастен... Шо се случува со литературата денес?

Перуника има неверојатни

Перуника има неверојатни идеи,некој специфичен,невиден сенс што мене лично многу ми се допаѓа.Исто така сакам да ги поздравам Габриела и Ѓоко Бушавиот и мислам дека несомнено(без притоа да се дестимулираат останатите) , овие автори треба да бидат наградени или барем некои нивни текстови да се најдат во онаа збирка на најдобрите од двата дела на конкурсот.Поздрав

Фала за поздравот Симона,

Фала за поздравот Симона, поздрав и до тебе!На многу, а не само на некои, раскази од овој конкурс местото им е во збирката заради различни нешта.Наше е да ги откриваме тие нешта. Поздрав до сите автори и читатели!

Demijan e @kihuPotru?

Demijan e @kihuPotru? Interesen,a si. Kade se Srboljub, Lizard Qween, Nutella, Vi.Za i ostali od prethodniot konkurs, ili tuka se pod nov psevdonim. Se raduvam za novite iminja, no nedostasuvaat i prethodnite...

не е :)

не е :)

Се согласувам дека

Се согласувам дека недостасуваат... Имавме поголема провокација за коментирање кога беше присутна Nutella... Тука само дел од старите се добри, некои од новите, ама некои се со чисто лирски записи. Поздрав

Тука сум,дечки,но овојпат

Тука сум,дечки,но овојпат само како читател,не и натпреварувач.Ретко коментирам,скоро воопшто,и мислам дека оваа сезона на конкурсот треба да им припадне на новите учесници.Ви благодарам што воопшто се сеќавате дека постоел еден никаков,анонимен писател(ка) кој пишувал на конкурсов само и единствено од чисто задоволство.
Поздрав и уживајте во расказите,па со нетрпение чекајте го изданието на најдобрите.

ивана батев прекрасно..ме

ивана батев прекрасно..ме погоди право во срце со среќно до крај...морам да признаам ми се чини ко јас да сум го напишала за бившата на дечко ми

Среќно до крај на Ивана Батев

Среќно до крај на Ивана Батев е феноменален расказ, искрен до коска, едноставно 3 реченици кои секој мора да ги прочита. Еве и јас како и Маре би го напишала за бившата на дечко ми.
Батев чекаме уште од тебе

Не знам NuTella зошто мислиш

Не знам NuTella зошто мислиш дека конкурсот оваа сезона треба да им припадне на новите учесници. И кои ги нарекуваш нови? Само тие што за првпат праќаат текст на овој конкурс? Според мене, речиси сите што учествуваме на конкурсов сме нови зашто не сме афирмирани и ретко кој од нас има објавено збирка раскази или други дела, или ако има, има по една две, значи е на почеток на својот творечки пат. И ти самиот, самата, кажуваш дека не си некој познат автор, па не гледам причина зошто да не продолжиш да се афирмираш. Ако сме учествувале на првиот конкурс, не значи дека сега треба да им го отстапиме местото на некои кои не учествувале досега. Напротив, идеално би било кога и докажани прозни мајстори би зеле учество на овој конкурс и на тој начин би ни овозможиле на нас- „новите“ идеална конкуренција, текстови од кои би можеле да учиме и да се споредуваме, па и задоволството би ни било поголемо, ем да имаме текстови објавени веднаш до нивните, ем понекогаш и да ги надминеме.Зошто да не? И за нивната писателска вештина би било добро, од време на време, да си ги одмерува силите со новите потенцијали. Навистина не знам, и би ги замолила некои од нашите докажани прозни мајстори, доколку ја читаат оваа страна, да ми одговорат зошто не сакаат да пратат некој расказ на конкурсов. Дали не сме им достојна конкуренција, не ги инспирира доволно ваквиот начин на комуникација со читателите, не е исплатливо, „немаат време“ или ? Ех кога би можело ова наше Окно да распише конкурс кој ќе ги мотивира и Урошевиќ, и Драги, и Венко, и Сашко и Оливера и Гоце и и и (да не ги набројувам сите наши одлични прозни автори застапени во сите антологии на македонската проза и веднаш им се извинувам на сите кои заради ограничениов простор и време не ги спомнувам)тогаш би добиле вистински корисен медиум и конкурс за каков што верувам, повеќето од нас мечтаеме. За да не бидеме МАРГИНА која зборува сама со себе, ни треба по некој од ЦЕНТАРОТ меѓу нашите редови да не ЕСАПИ ЗА ЖИВИ, и да каже по некој збор,(коментар) за нашите какви -такви почетнички текстови. Што мислите вие, учесници? А, и што вели Окно?

Нови ги нарекуван оние имиња

Нови ги нарекуван оние имиња што не учествуваа на првиот дел од конкурсот,без никаква цел притоа никого да навредам или понижам.Не мора по дифолт да се прифати моето мислење,но јас лично не сакам да учествувам,не дека не сум мотивирана,не дека немам конкуренција или не гледам предизвик,едноставно сметам дека е доволно.А што се однесува до твојот предлог за учество на афирмирани имиња на конкурсов,мислам дека е неизводливо и непотребно,од причини што навистина не знам како накратко да ги објаснам.Ете,нека остане така.Поздрав и секое добро!

Драго ми е што се врати

Драго ми е што се врати Nutella; добро ми е што и Маријана коментира (а јас сум буден читач и на расказиве и на коментариве), ама се чини пак ја нема Анонимна или се чува за крај? Поздрав до Маријана и Анонимна... Ваш Читач

критичар: знаеме дека се е

критичар: знаеме дека се е релативно, па така ако за тебе од овде нешто е одлично, а другото срање, за мене е обратно. некојси: ако те бендиса ѓоко бушавиот побарај го данил хармс да видиш од каде му е стилот и идеата.

И мене ме бендисува Ѓоко

И мене ме бендисува Ѓоко Бушавиот...

Аман бе, анти критичар!

Аман бе, анти критичар! Бушавиот да ти го крадел Хармс. Топла вода откри, мајката!

Според мене се издвојува и за

Според мене се издвојува и за пофалба е ,,Предлог за реклама,,.Поздрав....

ОкоБоли главаВицФото