1016 hPa
51 %
25 °C
Скопје - Саб, 07.09.2024 20:59
Експоненцијалниот раст на меѓународните текови на капиталот, пред сè во форма на долгови, е еден од најголемите развојни учиноци последниве 50 години. Меѓутоа, иако странските кредити за земјите во развој одиграа централна улога тие сепак се меч со две острици. Ако се употребат правилно можат да остварат голем профит, поттикнувајќи раст на БДП и зголемувајќи ја благосостојбата на земјите кои земале кредит. Ако долговите само се натрупуваат и ако се зголемува оптоварувањето преку отплатата на долговите без пропорционално да расте способноста за враќање на кредитите тоа може да има тешки, па дури и катастрофални последици.
На пример, за време на пандемијата со Ковид 19 многу земји беа конфронтирани со драматичен пораст на фискалните предизвици бидејќи растеа издатоците за јавното здравство, а приходите заради намалувањето на економската активност се намалуваа. Високо задолжените земји стигнаа на раб на платежна неспособност а дури и земјите кои претходно имаа одржливи јавни финансии беа конфронтирани со опасен пораст на нивните долгови. Ако задолженоста е висока и сè уште расте, ненадејно може да дојде до криза која многу брзо може да се заостри. Додуша, некои влади преземаа чекори со цел да ја намалат високата задолженост и да започнат реформи со цел да спречат потенцијални кризи, но трошоците за отплата на долговите во некои земји се толку високи што не е можно разумно политичко или економско прилагодување.
Во вакви услови скептичните приватни доверители на овие земји им продаваат државни обврзници по редуцирани цени и одбиваат да даваат нови кредити. Кога ќе се случи тоа и владите не можат да ги исполнат своите обврски, тие се исклучени од пазарите со капитал. Економската криза што следи по правило трае сè додека земјите не успеат да ги реструктурираат своите постоечки долгови, сè додека не спроведат политички реформи и не ја вратат довербата во својата кредитна способност. Доколку некоја приватна компанија не ги извршува своите обврски во рамки на стечајна постапка се утврдува во кој обем ќе бидат отпишани долговите и како ќе се подели преостанатиот имот на компанијата. Од друга страна, не постои општоприфатен правен механизам за реструктуирање на државните долгови. Затоа, секое решение зависи од доброволниот договор помеѓу државата должник и нејзините доверители.
Последниве години кога десетина економии со ниски и средни приходи се приближуваат до платежна неспособност, сè повеќе се појавуваат барања за отпис на долговите. Така, неодамна претседателот на Кенија, Вилијам Руто предложи на африканските земји да им се даде десетгодишен грејс период за плаќање на каматите. Во својот говор на првиот африкански климатски самит во Најроби, Руто предложи дека земјите во развој предвидените средства за сервисирање на долговите треба да ги пренасочат во инвесетиции за обновлива енергија. Сепак, овој но и другите предлози за отпис на долговите и мораториум на отплатите изобилуваат со значајни недостатоци. Пред сè, долговите на некои земји според својата природа се неподносливи. Дури и при ненадеен отпис на долговите на овие влади би им недостасувале средства за финансирање на важните еколошки иницијативи. Без договорен план за реструктуирање и пристап до дополнителни финансиски средства производството би било многу ограничено и би бил неопходен увоз за потрошувачката што би можело да води кон ниско користење на капацитетите можна економска стагнација.
Во минатото преговорите за реструктуирање на долговите беа долготраен ад хок процес. Меѓународниот монетарен фонд би соработувал со земјите должници за да ги оцени неопходните внатрешно-политички промени и ускладувањето на долговите. Во меѓувреме државните доверители, кои соработуваат во рамки на Парискиот клуб, би се советувале со приватните даватели на кредити и би одлучиле за поволна стратегија за реструктуирање.
Меѓутоа, денешната област на долговите носи уште поголеми предизвици. За да се дојде до договор за реструктуирање, сите доверители мораат да добијат ист отпис на побарувањата. Во спротивно, некои доверители би добиле целокупно побарување додека други би морале да прифатат значителен отпис, а тие сигурно не би го прифатиле тоа. Кина, која последниве две децении се разви во важен доверител, одбива да му пристапи на Парискиот клуб. Наместо да прифати ист отпис како и другите доверители, кинеската влада инсистира на целосен поврат што би водело кон привилегиран третман на Кина и тоа уште повеќе би ги заострило проблемите со отплатата на долговите на земјите во развој. Така, согласноста што недостасува го продолжува процесот на реструктуирање на долговите. Тоа доведе земјите како Шри Ланка и Замбија да мораат да го прифатат непотребното задоцнување во решавањето на нивните должнички кризи, дури и кога со ММФ се договорија за важни политички реформи. За да се спречат големи неволји кои можат да се избегнат, меѓународната заедница мора да воведе постапка која обезбедува навремена и фер распределба на товарот помеѓу доверителите.
Економските турбуленции во земјите во развој ја подвлекуваат итната потреба да се создаде нова рамка за реструктуирање на долговите. Неодамна Светската банка процени дека околу 60 проценти од земјите со ниски приходи се високо задолжени и дека имаат „висок ризик од должничка криза“. Освен тоа, многу земји со средни приходи како Египет, Јордан, Либан, Пакистан и Тунис исто така се исправени пред буџетски и должнички проблеми. Ако повеќе земји не можат да ги извршат своите обврски за отплата на долговите, меѓународните доверители ќе се колебаат да ги финансираат другите високо задолжени земји што би можело да предизвика глобална должничка криза. Таквото сценарио би имало разорни последици на економиите со ниски и средни приходи и за светската економија во целина. Со заострување и забрзување на процесот за реструктуирање можеме да спречиме лошата ситуација да не стане уште полоша.
Ана Кругер е некогашна главна економистка на Светската банка и некогашна заменичка директорка на ММФ. Денес е професорка по меѓународна економија на Johns Hopkins University School of Advanced International Studies.
Превод: Алек Кузмановски
Фотографии: Mimi Plumb
Извор: https://www.ipg-journal.de/