1016 hPa
34 %
32 °C
Скопје - Вто, 14.07.2026 19:59

Доба на теророт на демократијата. На постмодерната демократска етичност, која е тоталитарна. Таа, особено во нашиве полуартикулирани политички системи, ве лоботомизира, ве зомбифицира, ве инструментализра – бидејќи вие немате право да му противречите на совршениот демократски код.
Ги испишуваме нашите приказни по рабовите на историјата. Не го сакаме животот онаков каков што ни го нудат, однапред создаден. Сакаме ние да го создаваме. Да патуваме по рабовите на нашите соншта. Ние го тетовираме градот и тој нас. Тоа е взаемен уметнички чин.
Сакаме да менуваме, да откриваме нови текстови, надоврзувајќи се на минатите искуства и на визијата за идните акции. Времето идно ги содржи врмето минато и времето сегашно.
Градот стана вонвременска историско-биографска камера. Фотографски настан. Традицијата на градот може да се спореди со камера. Граѓанинот само ѕирка низ неа како посветен аматер кој ужива во разнобојноста на сликите, што ги гледа низ дурбин, низ калеидоскоп. Кога фотографската плоча, меморијата, веќе еднаш е склопена, односно сликата на градот е втемелена онаква каква што е во општествената традиција, тогаш таа станува вибрантна и отворена за разни читања, промени, интимни траектории. Нас интимноста ни ја украдоа. Можноста сами да го развивавме фотографскиот филм и сами да кадрираме ни е одземена. Ставени сме во логор, во кој сме набљудувани и контролирани со однапред определена диоптрија. Затоа, би било неправедно на вака заробените слики, на уште позаробениот граѓанин, да им се додели епитетот на финалност. Тие и понатаму ќе ја бараат својата слобода. И сликите и граѓанинот, кој учествува во нивното создавање.
Во ова време граѓанинот е протеран од градот, од заедницата. Во овој време-простор на гарѓанинот му е одземено правото да биде политичко суштество и да учествува во градењето на политиките. Граѓаните се обесчовечени. Тие се само бројки, кои немаат право на одлучување. Под привидот на демократијата се одвиваат ретроградни процеси на автократијата. Затоа се бориме портив илузијата на политичкото. Ние не сме само декор, туку креатори на содржини, на соништа без кои градот не може да има значење. Наша задача е да ги прескокнуваме оградите и да ги испресекуваме полињата. Мораме да го избориме правото да учествувавме во неговото создавање. Мораме како Марко Поло, во невидливите градови, на Калвино да исцртуваме поинакви топоними, кои ќе градат поинакви светови.
Потребна ни е грижа и артикулација на нашите мислечки процеси низ капиларноста на градот. Не ни е потребно зомбифицирано преживување. Ние сакаме да учествувавме со нашата граѓанска, политичка имагинација. Бидејќи тоа е своевидна уметничка креација.
.jpg)
Размислуваме за она што исчезнало, а нас речиси нѐ уништи она што го уништивме - не знаеме што ќе се роди, се плашиме од иднината, не ја живееме сегашноста, го загубивме минатото. Нејасно се надеваме, прецизно се плашиме. Нашите стравувања се многу поодредени од нашите надежи. А меѓу сите овие ранети нешта е разумот, и самиот свирепо ранет. И тој длабоко се сомнева во самиот себе.
Граѓанинот е активен патувач. Затоа треба да имаме на ум дека кога возот ќе тргне, можно е дека ќе поведе само неколкумина патници - само оние коишто не го пропуштиле моментот. Исто така, можно е дека повеќето од нив повеќе сакале да задоцнат бидејќи станицата им се чинела поудобна, поугодна и поблиска од патувањето.
Она што ни недостига е одговорноста – без неа ние само ќе продолжиме бесецелно да флотираме низ сцената на куклениот театар, во кој ќе останеме само како платнени марионети управувани со конци.
Она што нѐ снајде е естетика на исчезнување. Но, сепак... Ќе се вратиме.
Цивилизациска битка – културата го гради градот
Идеологијата често говори преку културата, најчесто преку културното наследство.
Преку квази национал-карневалските лакрдии што ни се случуваат (култ кон спомен-обележјата, кон псевдо-мемориите, кон градски пејзажи кои евоцираат лажни сеќавања за нешто што никогаш не се случило) во хаотичните урбани контексти се отвора важно прашање, кое кај нас стихијно, ad hock, целосно дезориентирано се ползува во политичките програми на нашите политички субјекти (што сè повеќе наликуваат на објекти): дали на градот му е потребна социо-културната перспектива и дали на културата ѝ е потребен национален идентитет, па со самото тоа, дали градот станува воено поле за национални-етнички манипулации? И што всушност значи националниот идентитет? Како тој се (де)конструира? Во какви историски рамки идентитетот се збогатува, станува нешто кое слободно се надополнува и гради, а кои општествени и политички контексти придонесуваат за негово назадување, петрифицирање и создавање поголема конфузија, па дури и раскол.
Културата, културното наследство и културниот идентитет е нешто што може да постои само во критички „разговор“ и во дијалог со она што историјата го имплицира денес. Културното наследство евоцира ментални слики на стаклените, проѕирни претпоставки и артефакти. Притисокот што културното наследство ни го создава е поврзан со фактот дека тоа исчезнува, „како камен од песок“, се распаѓа и трансформира како такенина која се користи за тапети. Затоа, сакаме да го конзервираме, да создадеме канони според кои тоа ќе трае. Да го оспоменичиме во музејски формат. Само се прашувам дали ваквата методологија на архивирање може да претпоставува дека идентитетот треба да биде врамен во некаква прецизна и конечна перспектива на толкувањето.
.jpg)
Културното наследство и историските факти не се нешто што е петрифицирано и што постои исклучиво како стабилна колекција на собрани предмети и зборови. Тоа би било поедноставување и деградација на истото. Културното наследство е нешто што е разбрано во дијалог со сегашноста, преку која го согледуваме, реконструираме и претпоставуваме. Јазикот со кој ни зборува културното наследство е јазикот на времето сегашно, кое ги содржи времето минато и времето идно. Тоа е многу повеќе од артефакт. Културното наследство е совршен превод на она што било во она што е. Во таа смисла можеме да кажеме дека тоа е „договорно“.
Историјата, слично како и фикцијата, е дискурс, нарација, мета-јазик кој го создаваме преку одредени системи и модели во дослух со активниот миг што го живееме. Значењата и облиците не се во настаните туку во системите кои тие минати настани ги претвораат во сегашни историски факти. Тоа значи дека секој од нас ја има одговорноста за конструирање и функционализрање на квалитетните и значенски валидните историски и идентитетски факти.
Насекаде се слушаат криците и врескањата на градот кој е девастиран, наместо оплеменет од „културата“.
Еко-град – копнеж по воздух
Задушно е. Воздухот и небото се темни. Телата не ни дишат, мислите ни се отруени. Преживуваме во сетилниот холокауст. Во нашите постранзициони градови ние живееме како да сме секогаш на гробишта. И научивме најмногу да бидеме впишани во градот, најдобро да се сетиме на себеси преку идејата за нашето умирање во градовите кои веќе не се тоа. Ние доаѓаме до идејата за себеси во градот преку споменот за жалењето, преку оплакувањето кое допрва треба да настапи. Преку нашето искуство за паметењето преку нашиот однос за процесите преку кои ја привикуваме украдената меморија, се појавувавме како во една опустошена алегорија, замрзнати во една дистопичност, дури и пред мигот на нашето умирање. Како субјекти уловени од обејктивот на транзициониот идеолошки урбанизам, ние сме претворени, умртвени во безживотни слики.
Она што му се случи на градот е умртвеност пред смртта. Градот стана не-место кое го артикулира и објавува нашето отсуство. Ние сме отсутни од градот, а со тоа сме отсутни и од себеси. Ние сме само дел од лошата сценографија, реквизити. А не сакаме да живееме во декор, во слика, во лошо извезен гоблен. Есента, зимата, пролетта и летото сакаме да ги мирисаме и вкусуваме надвор од зададените рамки. Затоа што градот е она што е вон урбанистичките проекти. Тој е жива материја, тој е хоризонт кој се поместува.
А нашиот град е сега само лошо исликана мртва природа, трапаво извезен гоблен.
.jpg)
Градот – хоризонт што се поместува
Врз плеќите ја чувствувавме политиката на насилството, која преку градовите-проекти ги присвојува ставрноста и историските факти, кои во нив се впишуваат. Од една страна се извршува системска репресија во однос на демократскиот идентитетскиот избор, а од друга се симулира спас на нацијата и на општествениот систем. Правото на град, правото на урбан живот е укинато. Она што е иманентно на урбаноста, а тоа е впишувањето на времето во просторот, е доведено до шизофрена парализираност.
Дали можеме да бидеме хамлетовски храбри, да си припишеме идентитет кој бара битка со и за идејата за слобода? Дали имаме храброст, визија, чувство на одговорност, повторно да сонуваме и во нашите соништа да го исцртаме градот во кој одново ќе се сретнеме себеси, ќе го сретнеме другиот? Дали ќе имаме доволно сила да погледнеме оттаде зададениот и заградениот хоризонт, кој постави бодликава жица околу нашите идентитети? Дали ќе се избориме да станеме повторно приказничари и творци на нашиот град? Дали ќе ја проголтаме молчаливо насилничката потреба за хомогенизација на нашите идентитети? Дали ќе останеме жртви во „културата на тишината“, или ќе го кренеме гласот, што ќе го помести скаменетиот хоризонт?
Хамлет не дозволи да се доведе во прашање нужноста и вербата за нестбилноста на идентитетот. И уште повеќе, се избори против тенденцијата за негова хомогенизација. Хамлет експлицитно укажа дека идентитетот е перформанс, театар, дизајн и дека е прашање на сечија слободна волја. Но, да успеетe да ја дофатите желбата, па згора на сè и да ја дизајниратe е речиси невозможно. Желбата дефинирана како нешто што нема реален објект во стварноста, подразбира недостиг. Целта на огласувањето, на рекламирањето се состои во создавање желби. Па, оттаму, кога се „рекламира“ идентитетот од страна на доминантните, владејачки државни политики и идеологии, агресивно, експлицитно и насилнички, постои опасност да го сведеме на желба и тој да остане еднаш за секогаш во најматните води на несвесното. Постои опасност да се проголта визијата за градот кој му припаѓа на граѓанинот, на оној кој ги создава однатре неговите наративи.
Нам не ни преостанува ништо другу туку да продолжиме да си го промислуваме идентитетот, од зад кулисите на историјата, од зад завесата на културата, од зад вратата на нашата интимна и приватна историја, засрамени од лошата сценографија за претставата која се приредува во нашите градски нацрти. Мислечката активност за нас несомнено е она што е најапликативниот израз на слобода. Но слободата, пак, од друга страна, е оној факт кој помалку од кој било друг факт може да се сведе на мислење. Таа е дејствување, исцрпувачко, неуморно креирање. Ние мораме да го креираме градот како отворено дело, во постојано човечко преобмислување.
„Тешко е човек да си го најде местото и да ја обнови врската со себе. Сите работи расцутуваат заедно со сите други нешта, а собирањето на менталните скапоцени камења се одвива околу една точка која допрва треба да се пронајде.“, Антонен Арто.
.jpg)
Слики: Null Cipher