Денес над Аеродром се раѓа нова глупост за учениците

04.10.2023 12:08
Денес над Аеродром се раѓа нова глупост за учениците

 Секој понеделник учениците во основните училишта во Општина Аеродром пред почетокот на наставата, построени во училишниот двор, ќе го слушаат интонирањето на химната на Македонија. Практиката што ја воведе поранешниот градоначалник Ивица Коневски (ВМРО-ДПМНЕ), па беше прекината во времето на Златко Mарин (СДСМ), сега повторно, на средина од мандатот ја враќа актуелниот прв човек на Аеродром, Тимчо Муцунски (ВМРО-ДПМНЕ). Тврди дека љубовта кон татковината се гради од најмала возраст, а дека со интонирањето на химната ќе се подигне националното чувство и љубовта кон Македонија и ќе се охрабрат (?!) децата да учат за македонската култура и традиција.

Па така, во понеделникот учениците од осумте општински основни училишта, построени како војничиња стоеја во училишните дворови рано наутро и ја слушаа химната. Што е право, додека слушаа не ги држеа рачињата на срце според примерот на нивните врсници од Западот, но никогаш не се знае што наредно ќе му падне на ум на досетливиот градоначалник.

Сега може да се очекува и другите вмровски градоначалници да тргнат по стапките на Муцунски. Обично тоа така оди. Еден ќе смисли нешто, па другите се надоврзуваат. Ќе почнува ли понеделничката настава со химна и во Бутел и во Гази Баба? Ќе викаат ли и таму „браво“ родителите и граѓаните, како што му аплаудираат на Тимчо?

Во училиштата владее врсничко насилство. Некаде учениците сѐ уште наставата ја следат во супстандардни услови. Децата се дискриминираат по различни основи. Дел од нив немаат учебници, а и во оние што ги имаат се запишани многу неточни податоци. Наставниците го изгубија авторитетот. Се заборавија основните вредности важни за човековото битисување. Образованието е на „климави“ нозе. Емпатијата, другарството и почитта постепено исчезнуваат. Младите (па и цели семејства) си заминуваат од државата по подобар живот. Можеби затоа што ним навреме не им ја интонирале химната за да им го „набилдаат“ патриотизмот?

Љубовта кон татковината е комплексно чувство што се гради низ животот, дома, на училиште, во општествената интеракција. Многу едноставно би било кога би се создавала само со интонирање на химната секој понеделник наутро. Башка, чувството не е еднострано – треба да биде возвратено инаку многу често се случува да помине во рамнодушност, а понекогаш и во омраза. Затоа што истите тие родители што сега му викаат „браво“ на Муцунски и сметаат дека треба на овој начин да се развива националното чувство, би се качиле на првиот авион што ќе ги однесе подалеку од татковината. Можеби не е лошо сите граѓани, построени, да ја почнуваат работната недела со интонирање на химната, ако тоа навистина помага.

Сето ова многу смрди на политичка игра пред претстојните избори. Демек, еве колку ние се грижиме за децата и се трудиме од нив да направиме луѓе со високо развиен патриотизам. А не како овие другите! Дури, мириса и на злоупотреба на деца, но за тоа својот збор треба да го кажат други институции.

Згора на тоа, химната, како еден од симболите на државата, законски е утврдено кога, каде и како се изведува – при испраќање на претседателот на државата во официјални посети на странски држави и при неговото враќање, при пречек на претседател на друга држава, при полагање венци на воени гробишта, но и на прослави, политички собири, паради и други свечени манифестации со кои официјално се одбележуваат настани од значење за единиците на вооружените сили, потоа на меѓународни средби, натпревари и други собири на кои Македонија официјално учествува или е презентирана, но и во други случаи, ако нејзината употреба не е во спротивност со одредбите на овој закон. Општина Аеродром својата одлука за интонирање на химната во училиштата во 2015 година ја донела повикувајќи се токму на ова „во други случаи“. Дали е тоа прифатливо, треба да објаснат правните експерти.

Патем, на видеото со химната со кое се пофали градоначалникот на Аеродром, не ги видовме наставниците покрај учениците. Тие или веќе имаат доволно развиено национално чувство или не им се мрзнеше со дечињата, кои по маички (униформи) беа построени рано наутро. А допрва доаѓа зима. И со „подигање“ на љубовта не треба да се претера.



Извор за текстот: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото