Што се зборуваше за Македонците во Париз 1919 година

09.10.2023 13:12
Што се зборуваше за Македонците во Париз 1919 година

Пренесено од Дојче веле

Одамна познатиот за македонската јавност, Едвард Џозеф (уште од 2001 како претставник на Меѓународната кризна група), оваа недела во еден впечатлив текст во магазинот на факултетот каде што предава, Школата за напредни студии на Универзитетот Џон Хопкинс, изнесе специфична идеја дека „историјата на САД може да ја спаси Македонија и да го победи путинизмот на Балканот“. Се разбира, тој негов текст е поврзан со барањата на Бугарија спрема Македонија и со измислиците на Софија дека македонската нација и идентитет постојат од 1944 година.

Џозеф посочува на Канцеларијата на историчарот на Стејт департментот, во чија архива може да се најдат многу докази со кои се побива повеќедецениското тврдење на Софија за тоа дека Македонија и Македонците биле измислица на Тито. Џозеф тврди дека во дословните белешки од состанокот во септември 1919 во рамките на Париската мировна конференција меѓу пратеникот на претседателот Вудроу Вилсон, Френк Лајон Полк и францускиот премиер Жорж Клемансо се зборува за Македонија, Македонците, албанското малцинство и никаде не се споменува дека таа територија е населена од Бугари. Транскриптот содржи јасна дистинкција во однос на „Бугари“, „бугарски државјани“ и „бугарски интриги“.

Затоа Џозеф предлага во рамките на стратешкиот дијалог меѓу САД и Македонија да се формира заедничка комисија за историски и образовни прашања (според истиот образец на онаа со Бугарија) која ќе дебатира за постоењето независен македонски идентитет уште од, на пример, Париската мировна конференција, и за што има докази во американските архиви. Особено оние во Стејт департментот.

На Париската мировна конференција одржана во 1919 и 1920 се преуредуваше главно Европа (а и светот) по Првата светска војна по распадот на три големи царства, Австро-Унгарското, Руското и Отоманското, и поразот на империјалистичка Германија. Тогаш се роди и новата држава на Балканот - Кралството на Србите, Хрватите и Словенците.

Едно од прашањата за кои расправаше Париската мировна конференција е и статусот на Македонија, особено на територијата што ја зазеде Србија по Балканските војни, и за правата на Македонците. Дословните белешки од разговорите што ги чува Канцеларијата на историчарот на Стејт департментот се извонредна, дури и возбудлива литература за тоа како се кроеле границите, се одредувале правата на малцинствата и се именувале жителите на овие простори. Никаде не се споменува дека тие биле Бугари.

Во креирањето на мировните договори по Првата светска војна пресудна била улогата на „големата четворка“ – САД, Велика Британија, Франција и Италија, плус Јапонија. Веројатно овие белешки им се познати на одреден број овдешни историчари. Но поважно е пошироката јавност да добие некаква појасна претстава за еден миг, ден, месец, кога големите (а и помалите) решавале за судбините на другите. Оваа и наредната сабота ќе го пренесеме транскриптот од состанокот одржан на 1 септември 1919 година во хотелот „Асторија“ во Париз. Можеби ќе се најдете зачудени од истоветната или сличната улога на некои од големите актери тогаш и денес за некои држави и народи на Балканот.

Како во некоја драма, во транскриптот се наведени личностите кои учествувале во таа расправа во хотелот „Асторија“ – вкупно 32. Најважните од нив се Ф.Л. Полк, посекретар во американскиот Стејт департмент, Жорж Клемансо, премиер на Франција, Артур Балфур, министер за надворешни работи на Велика Британија, Томасо Титони, министер за надворешни работи на Италија и британскиот историчар и класицист Џејмс Хедлам-Морли.

„Делегација на Кралството Срби, Хрвати и Словенци“ било името на кое во сите комуникации инсистирале членовите на југословенската делегација на Париската мировна конференција. Сојузниците, од друга страна, официјално ја нарекувале делегација на „Кралството Србија“, и покрај фактот што оваа земја веќе не постоела по прогласувањето на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците на 1 декември 1918 година.

Еве ги тие белешките што се чуваат во Стејт департментот.

1. Советот го имаше пред себе текстот содржан во Анекс „А“.

Г-дин ХЕДЛАМ-МОРЛИ рече дека Договорот пред Советот е сличен на оној со Романија веќе одобрен од Советот. Имаше три такви договори, еден со Романија, еден со Југославија и еден со Грција, сите на иста линија. Договорот со Грција би бил готов за неколку дена. Комитетот имаше можност да се консултира со г-дин Венизелос (Елефтериос Венизелос е премиер на Грција – н.з.) во однос на последниот од овие договори. Предлозите што ги даде беа многу корисни. Неговиот став беше многу различен од оној што го усвоија другите држави. Што се однесува до Договорот со државата на Србите-Хрватите-Словенците, делегацијата на таа држава протестираше и против принципите на Договорот како целина, но и против неговата примена на стара Србија. Првиот од овие приговори не беше загрижувачки за Комитетот. Што се однесува до вториот, Комитетот беше на мислење дека вклучените прашања се начелни прашања кои треба да ја регулираат целата политика на државата. Комитетот сметаше дека практично не е можно да се направи разлика меѓу еден дел од територијата на српско-хрватско-словенечката држава и друг. Србија во 1912 година броеше три милиони жители, но по Балканската војна ова население се зголеми на пет милиони, а во денешно време изнесува дванаесет милиони. Државата, згора на тоа, го смени името и требаше да се собере Основачко собрание за да се подготви уставот за целата територија. Затоа Комитетот сметаше дека е фер да се смета целината како нова држава. Не сметаше дека одредбите во Нацрт-договорот претставуваат некое вистинско отстапување од авторитетот на суверената држава.



Г-дин КЛЕМАНСО праша дали надзорот на клаузулите за малцинствата треба да биде доделен на Сојузниците и придружните сили или на Друштвото на народите.

Г-дин ХЕДЛАМ-МОРЛИ рече дека државата им ги доделила овие права на Сојузниците и придружните сили во очекување на создавањето на Друштвото на народите, а потоа одреди дека тие треба да се пренесат на него.

Г-дин КЛЕМАНСО рече дека оваа одредба го задоволила.

Г-дин ХЕДЛАМ-МОРЛИ рече дека во Комитетот има договор за сите точки освен за една. Пред да продолжи да ја опишува оваа точка, тој сакаше да го привлече вниманието на првата реченица од преамбулата. Датумот 1913 година бил намерно избран со цел да се покаже дека Договорот е под разгледување, не само стекнувањето на териториите направени после Големата војна (Првата светска војна – н.з.), туку и оние што произлегле од Балканската војна. Ова беше уште попотребно бидејќи територијата стекната во Балканската војна го содржеше најголемиот дел од населението за кое беше неопходно посебно малцинско законодавство, на пример, Македонија. Сите беа согласни дека во Србија е неопходна силна и праведна влада. Уште повеќе беше потребно владата да биде силна отколку праведна. Македонија сега требаше да ѝ биде испорачана на Србија засекогаш. Се наметна прашањето дали на српската влада во оваа област треба да ѝ се наметне некакво ограничување, кое не е содржано во општите клаузули, за заштита на малцинствата. Француската делегација беше на мислење дека ништо не треба да се направи во оваа смисла. Аргументот беше дека слободата на вероисповед и јазик треба да преовладува во Македонија и дека населението ќе има жалба до Друштвото на народите. Француската делегација сметаше дека ова е доволно. Од друга страна, италијанската делегација предложи далекусежна шема која претставува посебен облик на автономна влада за Македонија. Таа не сакаше да ја објасни оваа шема, бидејќи британската делегација не ја поддржа. Таа би сакала тоа да биде објаснето од член на италијанската делегација. Американската, британската и јапонската делегација го предложија она што беше вклучено во првата верзија на член 12 (Анекс „А“). Предлогот беше Друштвото на народите да има свој претставник кој живее во земјата, кој треба да се пријави во Друштвото и да дава совети до владата на Србија. Се сметаше дека присуството на таков претставник ќе биде корисно за населението, како и за српската влада и може да помогне да се избегнат избивања на насилства. Беше предложено овој аранжман да трае пет години. Тој си зеде слобода неофицијално да се консултира со генералниот секретар на Друштвото на народите. Тој, од своја страна, не се спротистави.



Г-дин ТИТОНИ рече дека нема да инсистира на италијанскиот предлог (втора верзија на член 12, Анекс „А“). Тој беше подготвен да се придржува до предлогот на мнозинството.

Г-дин БЕРТЕЛО (генерален секретар на француското министерство за надворешни работи) рече дека ставот на француската делегација е дека членот предложен од американската, британската и јапонската делегација претставува очигледен знак на недоверба кон српската влада. Имаше уште една непристојна карактеристика во тоа што ја остави Македонија отворена за грчки и бугарски интриги, наместо да дозволи да се спои во Србија, како што поприродно требаше, бидејќи таа стана дел од српската територија. Тој сметаше дека предлогот ќе ѝ отежне на српската влада да го прифати Договорот, особено затоа што не може да се наведат посебни причини за оваа недоверба.

Г-дин ПОЛК праша дали предлогот се однесува само на Македонија.

Г-дин ХЕДЛАМ-МОРЛИ рече дека е планирано да се применува не само за Македонија, туку и за областите во соседството на Албанија, каде што значителен дел од населението е албанско.

Г-дин БЕРТЕЛО рече дека тие луѓе, како и другите малцинства, имаат одредени гаранции, вклучително и жалба до Друштвото на народите. Ставот на француската делегација беше дека српската влада не заслужила некој посебен знак на сомнеж.

Г-дин ТИТОНИ забележа дека мерката е привремена и дека комесарот може да биде повлечен по пет години.



Г-дин КЛЕМАНСО рече дека повеќе би сакал да ѝ каже на српската влада дека Друштвото на народите ќе постави комесар во земјата доколку се појават немири. Договорите за малцинствата веќе беа лошо прифатени од Полјаците и Романците. Сметаше дека е многу непожелно да се предизвикува и лошата волја на Југо-Словените.

Г-дин БАЛФУР рече дека и тој би сакал да избегне да ги повреди чувствата на Србите. Сепак, освен нивните чувства, тој сметаше дека има силни аргументи во корист на британскиот, американскиот и јапонскиот предлог. Беше кажано дека народот на Македонија може да се обрати до Друштвото на народите доколку е угнетуван. Не беше ли подобро Друштвото на народите да има Офицер на лице место, кој ќе може да известува за состојбата на земјата, отколку да прима делегации од Македонија во Женева, Брисел или каде и да е седиштето на Друштвото? Во последната алтернатива, Друштвото на народите би имала слаби шанси да ја процени лажноста на извештаите доставени до нив. Советот имаше искуство од видот на докази обезбедени од Балканот. Имаше подеднакво тешки пцости од двете страни, и беше да се раздвојат правата и неправдите. Комесарот на лице место, претпоставувајќи дека е способен човек, би знаел што навистина се случило и би можел да му даде на Друштвото подобри докази отколку што некогаш би можеле да се добијат од ривалските делегации. Сепак, тој сметаше дека е сериозна работа да се навредуваат малите држави кои можеби се претерано чувствителни за нивните суверени права. Затоа, тој беше донекаде наклонет кон предлогот на Клемансо; но тоа вклучуваше испорачување на Македонија на милост и немилост на Србите до моментот кога аранжманот ќе заврши.



Г-дин ХЕДЛАМ-МОРЛИ рече дека Комитетот бил под влијание на доказите на луѓе со познавање на балканските работи. Тие го наведоа Комитетот да не ги фати правните неправди како во Полска, туку избувнувањата на нелегално насилство, како што се масакрите и ситните прогони. Тој се осмели да сугерира дека ако се чека појава на такви форми на неред, целта на Конференцијата нема да биде постигната. Тој сметаше дека може фер да ѝ се каже на српско-хрватско-словенечката делегација оти е општо познато дека тие ќе имаат проблеми во управувањето со одредени области па затоа ќе биде предност не само за локалното население, туку и за нивната влада, да има претставник на Друштвото на народите на лице место.

Г-дин КЛЕМАНСО рече дека усвојувањето на превентивниот систем ќе предизвика Конференцијата да има големи тешкотии со Србите. По основаноста, тој сметаше дека г-дин Хедлам-Морли е сосема во право, но резултатот од секоја одредба како што ја предложи ќе биде да се поттикне голем дел од македонското население да се обрати до комесарот на Друштвото на народите во спротивставување на централната српска влада. Ова на крајот веројатно би се случило, но тој би сакал тоа да се случи како резултат на грешките на српската влада, а не како резултат на акција на Конференцијата.



Г-дин ТИТОНИ рече дека мислел оти вонреден комесар би можел да предизвика нервоза. Посакуваниот резултат може да се добие со проширување на овластувањата на конзулите во Македонија.

Г-дин КЛЕМАНСО рече дека неизбежно ќе дојде до конфликт со секој таков систем. Тоа дури може да значи повторно воведување на „капитулации“.

Г-дин ХЕДЛАМ-МОРЛИ рече дека целта на Комитетот треба да биде да ги отстрани сите сеќавања на старата контрола на Силите. Беше направен многу внимателен обид да се избегне овој проблем.

Г-дин ПОЛК рече дека го чувствувал истиот скрупул како г-дин. Клемансо. Тој не сакаше да ја повреди националната гордост на Србите. Од друга страна, ако не се преземе ништо, ќе страдаат Македонците.

Г-дин КЛЕМАНСО рече дека поради оваа причина тој ја предложил заканата за наметнување комесар. Тој предложи да се воведе формула во Договорот со која Друштвото на народите ќе испрати комесар во Македонија, доколку се појават проблеми во областа. Србите би разбрале како треба да се однесуваат.

(Продолжува)

Стрип кадри: Jesse Marsh - TARZAN (1951)

ОкоБоли главаВицФото