Концерт на инди-рок триото „Algiers” во МКЦ

10.10.2023 10:32
Концерт на инди-рок триото „Algiers” во МКЦ

Вечерва, во киното Фросина во Младинскиот културен центар, со почеток од 21 часот ќе се одржи долгоочекуваниот концерт на американската музичка група „Algiers”.

„Algiers” се политички освестено инди-рок трио кое комбинира елементи на пост-панк и но-вејв со блуз и госпел музика. Нивните почетоци се во далечната 2009 година во Атланта, Џорџија. Тогаш гитаристот Ли Теш и басистот Рајан Махан, и двајцата дел од градската полетна андерграунд рок и ноиз сцена, го среќаваат вокалистот и гитаристот Френклин Џејмс Фишер, чии музички корени потекнуваат од големата црнечка госпел традиција на Југот, соул-блузот на Нина Симон и остриот фанк. Сите членови на бендот свират перкусии, клавијатури и програмираат тапани.

Триото почнува да пробува и да свири концерти, комбинирајќи најразлични влијанија носејќи свој хибриден звук што содржи даб, панк и афро-фанк.
Зад себе имаат четири студиски албуми: „ Algiers” (2015), „The Underside of Power” (2017), „There is no year” (2020) и последниот „Shook” (2023) на кој како гости се појавуват Big Rube, Zack de la Rocha од култниот бенд Rage Against the Machine, Били Вудс, Надах Ел Шезли, Ли Бејнс III и други.

Нивната нова музика, критичарите ја опишуваат како „пркосна, жанровски сеопфатна техниколор журка на стар куќен трем во рурална Атланта”.

Како предгрупа на бендот, ќе настапат германците „Left for Pleasure”, дарквејв бенд од Лајпциг со силно EBM влијание. Нивниот звук го карактеризира темнa и меланхолична атмосфера, со по некој зрак на надеж. Музички, со нивните настапи, имаат тенденција да создадат длабокo емотивно искуство со присутната публика.

Left for Pleasure се дел од програмата Liveurope за поддршка на млади и надоаѓачки бендови.
Концертот ќе започне во 21 часот, билети се сѐ уште по цена од 400 денари на билетарницата на МКЦ или на олајн линкот на МКЦ за продажба на билети.

ОкоБоли главаВицФото