1025 hPa
77 %
14 °C
Скопје - Сре, 16.10.2024 08:59
Зад сето ова стои израелската ароганција. Идејата дека сè ни е дозволено, дека никогаш нема да мораме да ја платиме цената или да бидеме казнети. И натаму ќе продолжиме без прекин. Ќе апсиме, ќе убиваме, ќе мачиме, ќе лишуваме права, ќе ги браниме доселениците додека вршат погроми, ќе одиме на гробот на Јосиф, на гробот на Антија, на Јешуиновиот олтар, а сите се наоѓаат на палестинска територија, и секако на Хар ХаБаит во источен Ерусалим - повеќе од пет илјади Евреи само за време на Сукот - ќе пукаме во невини, ќе вадиме очи и ќе кршиме глави, ќе протеруваме, киднапираме, ограбуваме, ќе вадиме од кревет, етнички ќе исчистиме и секако ќе продолжиме со ужасната блокада на Газа - сè ќе биде во ред.
Ќе го стегнеме кругот околу Западниот брег чиј подземен ѕид чинеше три милијарди шекели и ќе бидеме безбедни. Ќе се потпреме на генијалците од разузнавачката единица 8200 и агентите на Шабак кои знаат сè и тие навреме ќе нè предупредат. Ќе префрлиме половина војска од Западниот брег во Хавара, за да го заштитиме лудачкото бладање на пратеникот Цви Сукот од Религиозниот ционизам и доселениците и сè ќе биде во ред, и во Хавара и во кибуцот Ерез. Но се покажа дека дури и најсофистицираната и најскапата пречка може релативно лесно да се пробие со булдожер кога постои силна мотивација. Ете, можно е да се премине арогантно замислената пречка со велосипеди и скутери, и покрај милијардите кои се потрошени за тоа, и покрај сите познати стручњаци и градежни претприемачи кои се збогатија од нејзината изградба.
Мислевме дека ќе продолжиме да ја малтретираме Газа, повремено ќе ѝ фрлиме трошка олеснување со неколку илјади дозволи за работа во Израел, што е капка во морето, условени со добро однесување и дека сè уште ќе ја држиме затворена. Ќе склучиме мир со Саудиска Арабија и Обединетите Емирати - и Палестинците ќе бидат заборавени додека не исчезнат, како што сакаат голем број Израелци. Ќе затвориме уште илјадници Палестинци, некои и без судење, повеќето се политички затвореници; и нема да се согласиме да разговараме за нивно ослободување ни по деценија престој во затвор. Ќе речеме дека затворениците само со сила ќе ја видат слободата. Мислевме дека сè уште ќе можеме арогантно да го одбиваме секој обид за политичко решение само затоа што не ни одговара да се занимаваме со тоа и дека така ќе може засекогаш.
Уште еднаш се докажа дека не е така. Неколку стотици Палестинци ја пробија границата и влегоа во Израел на начин на кој ниеден Израелец не мислеше дека е можен. Вооружените Палестинци докажа дека не е можно засекогаш да се држат затворени два милиони луѓе, а за тоа да не се плати страшна цена. Како што застарениот палестински булдожер ја проби оградата, најпаметната од сите огради, така ги проби и израелската ароганција и самозадоволството. Ја растури секоја мисла дека е доволно да се нападне и скрши Газа со убиствени дронови и истите да ги продава во половина свет во име на безбедноста.
Во саботата Израел го затекна глетка каква што не видел никогаш претходно: палестински воени возила патролираат во неговите градови, а велосипедисти од Газа влегуваат низ неговите капии. Овие слики би можеле да ја прекинат ароганцијата. Палестинците во Газа одлучија дека се подготвени да се жртвуваат за слободата. Дали ќе има корист од тоа? Не. Дали Израел ќе извлече поука? Не.
Уште во саботата зборуваа за бришење цели делови од Газа, за окупација на Западниот брег и за казнување на Газа „како никогаш досега“. Но од 1948 година Израел ни за момент не престана да ја казнува Газа; 75 години злоставување, а повторно ја чека најлошото. Заканите дека „Газа ќе биде срамнета со земја“ докажуваат само едно: не сме научиле ништо. Ароганцијата ќе остане и покрај огромната цена.
Бенјамин Нетанјаху сноси голема одговорност за она што се случи и мора да плати за тоа, но сето ова не почна со него, ниту ќе заврши со него. Сега треба да се леат горки солзи за израелските жртви, но треба да се плаче и над Газа - чии жители повеќето се бегалци кои ги создаде Израел и која никогаш не доживеа ниеден ден слобода.
Превод: Алек Кузмановски
Извор: https://www.haaretz.co.il/