1022 hPa
100 %
6 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 11:07
Поминав една вечер со свеќи и солзи со драга пријателка која штотуку дозна дека меѓу масакрираните во Израел е и близок член на нејзиното семејство. Нема да го именувам кибуцот за да ја заштитам нејзината приватност, но да, тоа недвосмислено беше масакар.
Се обидовме на своите деца да им го објасниме убиството на членот на семејството - цивил, родител на две деца. Се трудевме тоа да го направиме така што нивните млади срца нема да се исполнат со страв и омраза кон луѓето кои го извршиле злосторството. Не е лесно, но е можно. За нас возрасните потежок е фактот дека некои од нашите наводни другари од левицата продолжуваат да ги релативизираат масакрите над израелските цивили, додека некои дури и ги слават, небаре тоа го докажува нивниот жесток антиционизам.
Всушност, таквите изрази на бездушност му одат во прилог на милитантниот ционизам, бидејќи тоа ја поддржува и потврдува неговата суштина и уверувањето според кое се раководи: дека нееврејскиот свет ги мрази Евреите и дека ќе ги мрази секогаш - еве, погледнете, дури и чувствителната левица ги оправдува нашите убијци и мисли дека еврејските деца и старици ја заслужиле смртта само затоа што живеат во Израел.
За ционистичките верници (не сум една од нив), омразата кон Евреите е суштинска причина зошто Израел мора да постои како тврдина со нуклеарно оружје. Во рамки на таквиот поглед на свет, антисемитизмот се прикажува како исконска сила која не може да ослаби ниту е можно некој да ѝ се спротивстави. Светот секогаш ќе ни го завртува грбот кога ни е потребна помош, нè уверува ционизмот, исто како и за време на Холокаустот, заради што насилството се претставува како единствен замислив одговор на секоја закана.
Актуелниот потфат на израелската држава во убиственото срамнување со земја на Газа претставува најнова, неописливо страшна манифестација на оваа идеологија, а тоа допрва ќе се случува следниве денови. Одговорност за овие кривични дела на колективно казнување сносат исклучиво нивните извршители и оние кои финансиски и воено ги поддржуваат од странство. Но сите мораме да смислиме како да го запреме тоа.
Значи, како да ѝ се спротивставиме на оваа насилна идеологија? Пред сè, можеме да разбереме дека луѓето кои тврдат дека се антирасисти и антифашисти, ги слават убиствата на израелските Евреи во нивните домови, голем број Евреи тоа го доживуваат како антисемитизам. А антисемитизмот (освен што е омраза) го храни милитантниот ционизам.
Што би можело да ја намали неговата сила, да му одземе нешто од тој погон? Вистинската солидарност. Хуманизмот кој ги обединува луѓето надминувајќи ги етничките и верските граници. Жестокото противење на секаков вид омраза заснована на идентитет, вклучувајќи го и антисемитизмот. Меѓународната левица вкоренета во вредностите кои секогаш се на страната на детето, а не на оружјето, без оглед чие е оружјето а чие детето. Левица која е непоколебливо морално доследна и која таквата доследност не ја меша со морално изедначување на окупаторот и окупираниот. Љубовта.
Секако вреди да се обидеме. Во овие тешки времиња би сакала да бидам дел од таква левица.
Превод: Алек Кузмановски
https://www.theguardian.com/