1025 hPa
87 %
10 °C
Скопје - Сре, 16.10.2024 07:59
Меѓу „позафркнатите“ парадокси на времето во кое живееме сигурно спаѓа и распространетата, или барем нашироко промовирана перцепција според која политичката десница на гласачите им нуди поуверливи одговори на економските фрустрации отколку што тоа го прави опцијата чија историска должност беше токму тоа - левицата. Посегнувањето по фрустрацијата како природен израз во овој контекст не е само случаен избор на еден од порастегливите синоними на репертоарот. Ставањето во емоционалниот регистар сугерира каков вид договор главно се нуди: се активираат вредности и идеологеми кои повеќе нудат утеха, често во облик на омраза, отколку елаборирано решение за конкретни проблеми. Тоа не значи дека се заобиколуваат економските аспекти туку повеќе или помалку вешто се камуфлираат. Сеедно, тешко е да се оттргнеме од впечатокот дека десницата има домашна предност на гостински терен, особено откако ослабе таканаречениот лево-популистички бран на чело на Сириза, Подемос, Сандерс и Корбин.
Без оглед на тоа што политичките утехи преовладуваат на десниот спектар кога се во прашање последиците од пазарната економија, сепак не недостасува работа на идеолошката комбинаторика и формулирањето заокружени наративи. Имено, таа задача не е ни лесна како што изгледа. Клучен предизвик претставува споменатата историска делегираност на левицата за тие проблеми. Денес, кога левицата не ја извршува таа задача, не постои опција за реторичка кооптација како во првата половина од дваесеттиот век. Веројатно сите вие што го читате ова барем еднаш сте ги виделе блескавите очи на некој надмен и возбуден либрал кој бил уверен дека политички ќе ве нокаутира со историскиот „аргумент“: па и нацистите беа социјалисти, се нарекуваа национал-социјалисти. Секако, реторички го присвоија „социјализмот“ заради неговата значајна популарност во тој период. Но, тоа се некои други приказни за кои знаеме како завршија. Важно е само да се нагласи дека левицата денес не ѝ е конкуренција на десницата во смисла на масовно движење туку дека и таа има концесија на критиката на капитализмот. Која одамна не ја плаќа.
Две опции
Значи, десницата не ни може да си дозволи критика на капитализмот како таква туку на располагање главно има две опции: морално-културно санирање или индивидуалистичка радикализација. Овие опции се дамнешни симптоми на историските идеолошки превирања на ситната буржоазија која секогаш осцилирала помеѓу долните или горните слоеви. Првата опција, растргната помеѓу солидарноста и пазарот, која можеме да ја наречеме и „семејна“, преовладува во Европа во моментов, особено имајќи го предвид италијанскиот пример во кој власта ја имаат директните наследници на Мусолини. Семејната етикета првенствено се однесува на превласта на демографско-репродуктивните теми во политичкиот простор кои често се поврзуваат со миграциските прашања. Важна улога игра и познатата теорија за „големата замена“ според која европските белечки елити „се заменуваат“ со дојденци од Африка и Блискиот исток. Постапката за „замена“ е обележана и со наводна идеолошка дискредитација на семејствата преку зголемување на правата на жените и сексуалните малцинства. Апдејтираната верзија на оваа теорија на заговор која кружи во Италија вклучува и економски аспект: елитите не „доведуваат“ мигранти само затоа што ги презираат „обичните луѓе“ туку затоа што мигрантите се подготвени да работат за пониски надници, а од тоа произлегуваат поголеми профити за елитите.
Решението за овој наводен проблем се наоѓа во семејството. Промовирањето на фамозните семејни вредности меѓу кои спаѓа и забраната на абортусот, би требало да го осуети планот на елитите, да ја „обнови“ нацијата и да го заштити животниот стандард. Но, семејната борба против капитализмот не е баш најпаметен облог.
Имено, Џорџа Мелони и нејзините соработници донесоа мизерен број одлуки кои би придонеле за демографски раст. Податоците отсекогаш зборуваат дека клучен предуслов за демографски раст претставува силна социјална држава чии услуги го олеснуваат родителството како избор. Меѓу овие услуги недвосмислено спаѓа и станбената политика. Со зборовите на еден поранешен британски министер, заедничкиот живот со родителите може да биде моќно контрацепциско средство. Активацијата на семејните вредности не цели само кон емоциите туку и кон фактот дека семејството, меѓу другото, е и организација на економската солидарност и социјална грижа. Меѓутоа, како што истакнува италијанскиот социолог Кјара Сарацено, моќната улога на семејството како институција на солидарноста и грижата, парадоксално, доведува токму до пониски стапки на раѓање. Имено, слабеењето на социјалната држава и сè послабата и сè поскапа грижа за постарите во општеството кое старите им ги наметнува на помладите членови на семејството, значи, на жените, претставува избор помеѓу грижа за постарите и раѓањето. Секако, би помогнала и елиминацијата на расизмот, но тогаш десницата би останала без работа.
Аргентинскиот пример
Симбол на втората опција на критиката на современиот капитализам која од формулата исфрла каква било форма на солидарност и решение гледа во радикализација на пазарните решенија, веројатно е идниот премиер на Аргентина, Хавиер Милеи. Поранешниот полупрофесионалем фудбалер, рокер, гуру на тантричкиот секс и професор по економија изгледа како лик од „Нацистичката книжевност во Америка“ на Роберто Болано. Неговите собири повеќе наликуваат на концерти и навистина делува како автентичен лудак. Првите реакции на медиумите кои на нашите периферии се нарекуваат угледни, го дијагностицираа како уште еден изданок на лудите јужноамерикански популисти и притоа не се грижеа премногу за разликите помеѓу левите и десните. Инаку, затоа и ги нарекуваат угледни. Секако, не изостана ни дирекнтата споредба со Трамп: настапот, фризурата и непочитувањето на замислениот политички бонтон беа доволни.
Меѓутоа, Милеи сепак е поинаков. Како Трамп и Мелони, но и сите други современи екстремни десничари, континуирано ги напаѓа родовата рамноправност и правата на сексуалните малцинства, но притоа како одговор не заговара семејни вредности, какви и да се. Милеи е конзервативен економски идеолог и тоа либертаријански. Формулираше мошне разработена филозофија на економијата и дури своите кучиња ги именуваше според клучните фигури од неолибералната/либертаријанската традиција. Исто така, Милеи мошне отворено заговара целосна демонтажа на социјалната држава и целосна комодификација на општествениот живот. Како што видовме во неславната премиерска епизода на Лиз Трас, фамозните глобални пазари не се баш наклонети кон такви експерименти во нивно име. Затоа Милеи и ја гуши реториката кога дава интервјуа за споменатите угледни медиуми.
Тогаш од каде му е популарноста кога предлага мошне радикални мерки кои инаку не се баш популарни и ретко каде наидуваат на позначаен одзив кај гласачите? Одговорот се крие во економски исцрпената Аргентина, која е своевиден светски симбол на континуирана економска криза и неизвесност. Гласачите на Милеи главно се млади мажи, криптоентузијасти и слични умови кои мислат дека иднината се гради со цитати од интернет и со свои раце. Исто така, Милеи предлага и доларизација која на многумина им звучи како решение по децении инфлација и постојани валутни перипетии. Значи, Милеи нуди идеолошки тензична утопија и поглед во иднината. Колку и да е налудничава, нема баш конкуренција со слични амбиции.
Како што на крајот на секој спортски подкаст учесниците неволно ги изнесуваат своите прогнози, така ќе направиме и ние. Се чини поверојатно дека првата опција ќе биде позастапена кај десницата од онаа што ја застапува Милеи. Сепак, тој е специфичен изданок на аргентинската ситуација. Но оваа тензија на десницата помеѓу апотеозата на пазарот и селективната солидарност нема туку така да исчезне. Особено ако продолжи трендот за малку посилен државен интервенционизам, поелаборирани индустриски политики и протекционизам. Тука се отвора простор за либертаријански авантури.
Превод: Алек Кузмановски
Слики: Barbara Strigel
Извор: https://www.bilten.org/