1012 hPa
51 %

15 °C
Скопје - Пон, 12.05.2025 22:59
Варварскиот напад на Хамас во Израел заслужува безусловна осуда, без „ако“ и „но“. Масакрите, силувањата и киднапирањето цивили од селата, кибуците и музичкиот фестивал беа погром - и потврда дека вистинската цел на Хамас е уништување на државата Израел и сите Израелци. Меѓутоа, ситуацијата бара исторски контекст; не заради некакво оправдување, туку заради појасна претстава каде понатаму.
Најпрвин треба да се има предвид апсолутниот очај кој ги карактеризира животите на повеќето Палестинци. Присетете се на бранот изолирани самоубиствени напади на улиците на Ерусалим пред приближно една деценија. Обичен Палестинец ќе му пријдеше на некој Евреин или Еврејка, ќе извлечеше нож и ќе ја забодеше жртвата, сосема свесен дека извршува убиство. Во овие „терористички“ акти немаше никаква порака, ниту повик „Ослободете ја Палестина!“ Ниту зад нив стоеше некаква поголема организација. Тоа беа индивидуални дела на насилен очај.
Нештата се свртеа наопаку кога Бенјамин Нетанјаху формираше нова влада со радикално десни, про-доселенички партии кои отворено заговараат анексија на палестински територии на Западниот брег. Новиот министер за национална безбедност, Итамар Бен-Гвир, ги опишува своите уверувања на следниот начин: „Моето право, правото на мојата жена, правото на моите деца слободно да се движат [на Западниот брег] е поважно од правата на Арапите.“ Станува збор за човек кому претходно било забрането да служи војска заради поврзаност со екстремистичките антиарапски партии кои по масакрот на Арапите во Хеброн 1994 година беа означени како терористички организации.
Израел, кој долго време е горд со својот статус единствена демократија на Блискиот исток, со актуелната влада на Нетанјаху се претвора во теократска држава. Листата на „основни принципи“ на сегашната влада вели: „Еврејскиот народ има ексклузивно и неотуѓиво право на сите делови на земјата Израел. Владата ќе го промовира и развива населувањето на сите делови од Израел - Галилеја, Негев, Голан и Јудеја и Самарија.“
Имајќи го предвид таквиот завет, апсурдно е да им се замерува на Палестинците што одбиваат да преговараат со Израел. Официјалната програма на актуелната влада ги трга преговорите од маса.
Некои теоретичари на заговори ќе тврдат дека владата на Нетанјаху морала да знае дека се подготвува некаков вид напад, бидејќи располага со огромни капацитети за надзор и собирање разузнавачки информации во Газа. Но додека нападот секако им служи на интересите на израелските тврдолинијаши кои сега се на власт, воедно ги поткопува гаранциите на Нетанјаху за совршена безбедност.
Како и да е, не е тешко да се сфати дека двете страни - и Хамас и израелската ултранционалистичка влада - се против каква било мировна опција. Секој од нив е посветен на борба до смрт.
Нападот на Хамас се одигра во време на голем конфликт во Израел, благодарение на напорите на владата на Нетанјаху да го уништи првосудството. Земјата е толку поделена помеѓу националистичките фундаменталисти, кои сакаат да ги укинат демократските институции, и движењето на цивилното општество кое е свесно за оваа закана, но неволно влегува во сојуз со поумерените Палестинци.
Сега уставната криза е суспендирана; се најавува влада на национално единство. Тоа е стара приказна: длабоките и навидум егзистенцијални внатрешни поделби одеднаш се надминати, благодарение на заедничкиот надворешен непријател.
Дали мора да постои надворешен непријател за да се постигнат мир и единство дома? Како да се прекине овој маѓепсан круг?
Патот напред, напоменува поранешниот израелски премиер Ехуд Олмерт, е борба против Хамас и истовремено отворање за Палестинците кои не се антисемити и кои се подготвени за преговори. Спротивно на тврдењата на израелските ултранационалисти, такви луѓе постојат. Повеќе од стотина палестински академици и интелектуалци на 10 септември потпишаа отворено писмо во кое одлучно се отфрла „оправдувањето на антисемитизмот и секој обид да се релативизираат или лажно да се претстават нацистичките злосторства против човечноста и историскиот ревизионизам во однос на Холокаустот“.
Кога ќе согледаме дека сите Израелци не се фанатични националисти и дека сите Палестинци не се фанатични антисемити, можеме да почнеме да ги препознаваме очајот и конфузијата кои ги поттикнуваат изливите на злото. Можеме да почнеме да ја разбираме необичната сличност помеѓу Палестинците, лишени од татковината, и Евреите, чија историја е обележана со исто искуство.
Слична е и хомологијата на терминот „тероризам“. Во времето на еврејската борба против британската војска во Палестина, изразот „терорист“ имаше позитивна конотација. Кон крајот на четириесеттите, американските весници објавија оглас со наслов „Писмо до палестинските терористи“, во кое холивудскиот сценарист Бен Хехт напиша: „Мои храбри пријатели. Можеби нема да верувате што ви пишувам, но во моментов воздухот е многу загаден. [...] Евреите од Америка се со вас.“
Зад сите актуелни полемики околу тоа кој се смета за терорист, се наоѓа маса палестински Арапи кои со децении живеат во заборав. Кои се тие и која земја е нивна? Дали тие се жители на „окупираната територија“, „Западниот брег“, „Јудеја и Самарија“ или... државата Палестина, која ја признаваат 139 земји, не-членка со статус набљудувач во Обединетите нации од 2012 година? Израел, кој контролира конкретна територија, ги третира Палестинците како привремени жители, како пречка за воспоставување „нормална“ држава со Евреите како единствени вистински жители. Палестинците се третираат исклучиво како проблем. Државата Израел никогаш не им пружила рака, не им понудила надеж ниту ја прифатила нивната позитивна улога во државата во која живеат.
Хамас и израелските тврдолинијаши се две страни на паричката. Изборот не се сведува на една или друга фракција со тврди линии, туку се избира помеѓу фундаменталистите и сите оние кои сè уште веруваат во можноста за мирна коегзистенција. Не може да има компромис со палестинските и израелските екстремисти: против нив мора да се води борба, со целосна одбрана на палестинските права, која оди рака под рака со непоколебливата посветеност на борбата против антисемитизмот.
Колку и да звучи утописки, овие две борби се од ист вид. Можеме и безусловно треба да го поддржуваме правото на Израел да се брани од терористички напади. Но исто така мораме безусловно да сочувствуваме со навистина очајните и безнадежни услови со кои се соочени Палестинците во Газа и на окупираните територии. Оние што сметаат дека постои „контрадикција“ во овој став, практично го спречуваат решението.
Превод: Алек Кузмановски
Карикатури: Emad Hajjaj
Извор: https://www.project-syndicate.org/