Државата нè држи во страв

15.02.2011 13:25
Државата нè држи во страв

Во годините кога неговата критичка мисла е најзрела, Бауман говори за општествените структури кои ги измислило човештвото за да го олесни животот на поединецот. Но, според него, тие структури, кои во меѓувреме завладеале со светот, ја свртиле обратно целата ситуација: со сите достапни средства, од уривањето на социјалната држава до наметнувањето на потрошувачката, „најосамената човечка активност“, му ги препуштаат своите задачи на поединецот. А поединецот, несвесен за процесот кој се случува во позадината, се поистоветува со зборот кој го означува – индивидуалноста – и станува странец на самиот себе си, но и на другите.

Тој гостуваше во Љубљана, на одбележувањето на 50-годишнината на Одделот за социологија на љубљанскиот Филозофски факултет. Овој разговор е воден со преписка преку е-пошта.

Професоре Бауман, на предавањето во Љубљана објаснивте како во западното општество тече процесот на индивидуализацијата, кој секого го претвора во „менаџер на самиот себе“, т.е. во „само-политичар“, при што поединецот се оддалечува од заедницата. Интересно е да се слуша за тоа токму во Словенија, која по падот на комунизмот доживеа промени токму на начинот на кој опишавте. Можете ли да ја споредите нужноста на тие процеси во западна и некогашната источна Европа?

„Нужност“ не е еден од моите омилени зборови. Спаѓа во најниската категорија, заедно со сложенката TINA (There Is No Alternative). Веќе пред два века Вилијам Пит помладиот изјавил дека „нужноста е изговор за секое загрозување на човечката слобода“. Тоа е аргумент на тиранинот, колевка на ропството. Со сето срце се согласувам со него.

Индивидуализацијата не е нужност туку само историски пресврт кој го создаваме ние, непоправливо несмасните луѓе истовремено додека тој нè обликува. Индивидуализацијата засилено е поттикната од човечката глобализација која краде од човечките колективи, односно заедници. Тие повеќе не се способни да ги извршуваат своите традиционални задачи и затоа ги префрлаат врз грбот на поединците. Индивидуализацијата воедно засилено ја поттикнуваат и човечките пазарни сили кои ја промовираат потрошувачката – најиндивидуалната, т.е. најосамената човечка активност која ја познаваме. Тоа нема ништо со поделбата Запад-Исток или „старите“ жители на тој начин на живот и новите, кои неодамна се преобратени.

Сега сите скитаме по истите полиња, изложени на истите искушенија и барања. Ги следиме истите начини на преживување. Индивидуалисти сме „по декрет“, а морам да ве потсетам дека декретите се човечки, премногу човечки.

Маркс за оттуѓувањето од заедницата зборувал низ опишувањето на оттуѓувањето на работникот од својата работа, од самиот себе, од производот додека бил под надзор на сопственикот на производните средства. Денес можеме да го забележиме оттуѓувањето на војниците од борбата и оттуѓувањето на народот од војната. САД, а и европските држави, се во војна, но сите сме оттуѓени од тоа што државите во наше име и со наши пари го прават на боиштата во Авганистан. Кој управува со тие процеси? Секој за себе, додека системот работи по свое?

Масовните воени армади, исто како и масовната индустрија, порано повикувале на масовна дисциплина. Таа барала постојано набљудување и детален надзор. Имала огромна моќ со која ја подредувала и духовно ја мобилизирала масата со наметнување на патриотски чувства и „воена дисциплина“.

Во нашево време само мал дел од луѓето ќе се најдат во фабрика. Уште помалку некогаш ќе се најдат во воените редови или на боиште. Затоа универзалното „набивање“ работна дисциплина и одржувањето на масовните регрутни воени сили стана непотребно, дури и контрапродуктивно. Малите војнички единици, опремени со врвна технологија, се неспоредливо поделотворни. Но треба да се има на ум дека новите професионални војски на владетелите им овозможуваат водење војни без активно учество на државјаните. Од нив се бара учество во безгрижноста која ја испорачуваат масовните медиуми.

Кон тоа придонесува и привлечноста на воената служба за оној дел од населението кој нема друг извор за заработка. Масовните протести на национално ниво, бунтовништвото од минатото, какво што беше против војните во Алжир или Виетнам, би биле незамисливи ако тогашните војни се водеа со денешните облици на доброволна, професионална војска. Инвазиите и масовните злосторства денес се изведуваат според вообичаените начела на деловноста. И овде може да се преговара за износот на платата, но штрајковите, а да не ги споменувам масовните акции за солидарност, како блокадите на јавните простори, денес се многу ретки.

Дали тоа е општеството кое го прикажавте во книгата „Модерната и холокаустот“, каде што го цитирате Џорџ Орвел од 1941 г.: „Додека пишувам, над мојата глава летаат страшно цивилизирани суштества и се обидуваат да ме убијат. Не чувствувам никаква омраза кон нив. Тие само ја ’извршуваат својата должност’, како што се вели“. Можете ли денес да го препознаете континуитетот на таквата бирократска технологија?

О да, континуитетот е тука, иако со вообичаените нијанси на дисконтинуитет кои се карактеристични за него. Најважно ново отклонување е исчезнувањето на статусните разлики меѓу средствата и целите. Хана Арент „пливачката“ одговорност и’ ја припиша на природата на бирократијата. Последица е „ничијата одговорност“. Но новата воена технологија до таа мера успеа да се „деперсонализира“, да ја разводни одговорноста, што во времето на Арент и Орвел тоа било невозможно да се замисли. „Паметните“ проектили или беспилотните летала сами го бираат метите и го презедоа процесот на одлучување, како од рацете на војниците така и од рацете на заповедниците во воената машинерија. Мислам дека најголемиот технолошки напредок последниве години не е направен во развојот на моќта на убиственото оружје туку во областа убивањето да се отстрани од категоријата на оние дејствија кои се подложни на морално вреднување.

Гинтер Андерс нагласи: „При притискањето на копчето никој не ги стискаше забите. Копчето си е копче“. Нема разлика ако копчето го стартува кујнскиот апарат за сладолед, ако ја вклучи струјата во мрежата или ги придвижи јавачите на апокалипсата.

Доаѓате од Источна Европа каде што државите како Полска и Унгарија се обидуваат да го преземат водството, што е (беше) и нивната историска улога. Дали источноевропските земји ја донесоа „Европа“ во Западна Европа или т.н. Стара Европа го прекри некогашниот источноевропски блок со европски идентитет?

Глобализацијата – значи, растегнувањето на меѓусебната зависност далеку вон политичките процеси кои настануваат во рамки на границите на одредени држави и постојаното намалување на економската, воената и културната сувереност на државите – почна одамна пред падот на Берлинскиот ѕид. За волја на вистината, до неговиот пад беше обликувана во „блокови“. Дури и државите кои го отфрлаа вклучувањето во еден од двата блока, формализирани и симболизирани во НАТО и Варшавскиот пакт, засилено се обидуваа да создадат „трет блок“, оксиморон на блокот, значи, блок на неврзаните.

По падот на комунистичкиот блок, првиот потег на источноевропските и средноевропските држави, ослободени и делумно осиромашени, беше речиси по инерција да го заменат блокот: новодобиената сувереност ја предадоа во рацете на НАТО и ЕУ. Таа реакција во завршната фаза нарасна до уверувањето дека во услови на напредувачката глобализација ниедна држава не може да остане сама и да делува како воена, економска или културна аутархија (самодрштво). „Блоковската политика“, освен по името, не заврши воопшто, само границите и блоковските правила се повторно оцртани.

Во новите граници „прашањето на идентитетот“ на државата во однос на заедницата држави стана работа на преговори. Овие преговори не се завршени и наскоро нема да завршат. Идентитетите денес се флуидни, течни, кревко определени и често се раѓаат: затоа се склони да урнат сè и секакви пребрзо наметнати „дефиниции“.

Се раѓа ли нов тренд, откако обата традиционални пола, левиот и десниот, се покажаа неделотворни? Луѓето видно се свртуваат од политиката, дали во екстремизам, дали во нихилизам и апатија...

Една од болните точки на денешните демократски режими е спротивноста меѓу формалната универзалност на демократските права, која би требало да им припаѓа на сите државјани, и помалите универзални способности на нивните носители да ги остварат делотворно тие права. Со други зборови, станува збор за бездната која ја дели легалната положба на „државјаните de iure“ од практичните способности на „државјаните de facto“. Од поединецот се очекува да ја премости таа бездна потпирајќи се на сопствените способности и извори кои најверојатно им недостасуваат или ги немаат.

Денес државата е сè помалку способна и има волја да им вети егзистенцијална сигурност на своите субјекти. Таа сигурност Френклин Делано Рузвелт ја нарече „слобода од стравот“ кога повикуваше на верувањето дека „единственото нешто од кое мораме да се плашиме е самиот страв“. Задачата за обезбедување егзистенцијална сигурност, добивање и зачувување на легитимната и вредната положба во општеството, како и избегнувањето на опасноста од исклученоста, во наше време сè повеќе и’ се препушта на способноста на поединецот. А тоа значи преземање на огромните ризици и маки на страшната несигурност.

Стравот кој демократијата и нејзиниот потомок, социјалната држава, требаше да го искоренат, се врати и се одмазди. Поголемиот дел од нас се плашат од заканите, неодредени и несигурни, дека ќе бидеме исклучени, препознаени како неспособни за соочување со предизвиците.

На тие замаглени стравови кои го измачуваат денешното општество политичарите и потрошувачките пазари го добиваат својот капитал. Дистрибутерите на потрошувачките стоки и услуги своите добра ги рекламираат како отштета за чувството на несигурност и нејасна опасност кое е закотвено во нашата утроба. Популистичките движења и политичари преземаат задачи кои ги напушти ослабената и скратена социјална држава и кои во голема мера ги напуштија и мнозинството веќе поранешни социјалдемократски движења. Во острата спротивност со социјалните држави, државите кои ги надоместиле се трудат да се прошири стравот, а не да се намали.

Што претставува за вас идентитетот на ЕУ? Дали тоа е дискурс на различни националности? Дали тоа се етичките вредности? Можеби политичко-економски проект?

Во една моја книга за положбата на Европа во современиот свет од пред 10 години, меѓу другото, Европа ја дефинирав како никогаш целосно досегнат идеал. Ја нареков „недовршена авантура“. И навистина, во бројни аспекти Европа со многу нешта се истакнува во однос на другите делови на планетата. Морам да ја истакнам европската инвенција на „културата“: „не-одредените“, „не-довршените“ стварности, можеби стварностите на „невозможните довршувања“...

Духот на Европа е она што Вилијам Блејк го нарекува „целовитост во минута партикуларност“. Тоа е мозаик од јазици, култури и општества. Наизглед баналната оддалеченост од 20 км може да биде растојание меѓу два света. Европа мора да ја негува различноста, инаку ќе пропадне. Ханс-Георг Гадамер го сфаќа изобилството различности како едно од најголемите европски богатства. Токму во Европа „Другиот“ беше – и секогаш е – толку близу.

Европскиот простор би можел да претставува градиво од кое остатокот од светот би можел да ја учи разликата меѓу преживувањето и опасноста. Неодамна Лионел Жоспен изрази големи надежи во врска со повеќеслојниот европски пристап кон различните стварности. Тој рече дека Европа на тежок начин и со многу човечки маки научи „како да ги надмине историските антагонизми и мирно да ги решава судирите“. Остатокот од светот е очаен за таква лекција.

Американското списание Time за личност на 2010 г. го прогласи основачот на Фејсбук, Марк Цукерберг. Дали Фејсбук е заедница без идентитет? Како би ја споредиле со заедниците кои ги споменавте?

Цукерберг е прогласен за „личност на годината“ бидејќи ги исполни предусловите за патот од просјак до богаташ. Создаде нешто од ништо и со неверојатна брзина собра милијарди. А што е толку брилијантно во таа идеја? На заедницата и’ понуди многу уживања и задоволства, без никакви обврски. На луѓето им даде на располагање можност за лесно создавање заедница, но воедно и подеднакво лесна можност за нејзино разградување.

Корисниците на Фејсбук се фалат со 500 „нови пријатели“ – повеќе одошто јас успеав да ги соберам за 85 години живот. Зарем тоа не е сигнал дека, кога ќе кажеме „пријатели“, во мислите имаме поинаков вид однос?

За разлика од заедниците во класична смисла, интернет заедниците не се замислени во смисла на трајноста. Лесно им се придружуваме, но подеднакво ги напуштаме кога модата, расположението или вниманието ќе ни тргнат во друга насока. Интернет заедниците, кои во последно време правилно ги нарекуваат „мрежи“, настануваат и се распаѓаат со бројни индивидуални одлуки и импулси „додај“ или „отстрани“. Така често се менуваат и се кревки.

Токму затоа многу луѓе се воодушевени од нив и им се помили од старите облици на заедници кои постојано ги надзирале своите членови. Нивната привлечност е и во постојаната состојба на минливост и отсутноста на долгорочните обврски, лојалноста и дисциплината.

Скокот од традиционалните заедници во современите интернет заедници многумина го сфатија како историски напредок за слободата на избор на секој поединец, но факт е дека она што е најпривлечно во новите мрежи има висока цена. Ние плаќаме со сигурноста која ја обезбедуваа традиционалните заедници, додека во мрежите можеме да заборавиме на неа.

Целосното интервју е објавено во dnevnik.slo

Слични содржини

Општество / Теорија
Општество / Теорија
Општество / Свет
Општество / Свет / Теорија
Квир / Култура / Теорија

ОкоБоли главаВицФото