Да се биде човек е драматично

20.10.2023 00:41
Да се биде човек е драматично

 

Од втората стихозбирка на младата поетеса, „Во хаосот радост“, пренесуваме четири песни: девојченце, длабоко во шумата, падобранска свила, да се биде човек е драматично.

 

девојченце

Девојченце?
Девојченце?
, се меша гласот на патникот пред мене со оној на Јосипа Лисац од моите слушалки.
Не сум девојченце, мрзливо ги тргам слушалки.
А што си, прашува.
Жена, кажувам.
За мене си девојченце, кажува.
Чија си ти, прашува.
Имам мала винарија во близина на Куманово, кажува.
Ти пиеш ли вино, прашува.
Во Македонија никој не сака да работи, кажува.
Тако је, тако је, потврдува возачот.
Тоа ми е хоби, кажува. Инаку, работам со злато. Златни плочки и пари, накит за жени, за мажи нема што. Единствен накит за маж е саат. Све друго е педерлук, кажува.
Твојата плочка златна ли е, од каде ти е, прашува.
Од дедо ми, кажувам.
А чија си ти?
Не одговарам.
Чија си, девојченце, чија си?
Одеднаш, ми се насолзуваат очите.
Моја сум, кажувам и си ги враќам слушалките
како навистина луто девојченце.

Мора ли да си олку лоша, се прашувам, додека на хоризонтот гледам поле наведнати сончогледи.

Чии сте вие, сончогледи?
Ќе преживеете ли на овој автопат?



 

длабоко во шумата


ме праша

како знаеш дека нема да те убијам?

          колку смешно
                     колку смешно
                                колку смешно

женскиот живот што виси на конец

колку болно
колку болно
колку болно

од страв да се вратам сама, продолжив да одам

ти верувам

кажав во лага.




падобранска свила


Лесниот кремав материјал
тече во просторот меѓу прстите.
Падобранот беше достапен
рече баба ми, галејќи го фустанот.
Сè друго беше прескапо. Само ластикот попушти.

И кога сум била ништо
сум доаѓала.
Мајка ми и сестра ми
доаѓале со мене.

Сега, го допираме материјалот
со нашите реални раце.
Сега, играме Барби на првиот
персонален компјутер.
Сега, пржиме кајгана
и танцуваме по гаќи на паркетот.
Одиме на театар – домот може да почека.
Сега, домот веќе не сака да чека.
Среде ноќ бегаме од жолтата куќа
која не е наша и никогаш нема да биде.

Заедно живееме во падобранската свила.
Постојано зборуваме, постојано се караме.
Сега, се галиме и збогуваме.
Свилата останува.

 

да се биде човек е драматично


Чисто за разонода, пред огледалото во ходникот,
го пробува својот среќен свечен фустан
и по којзнае кој пат ми раскажува за музичката матура,
за професорката Мадам Ничота која ставала кајсија на лицето
и не била за фамилија
и како ја пофалила кога ги заборавила нотите и продолжила да свири.
Материјалот на риги
          - сино, бордо, бело
ѝ го крие искривеното тело.

Некаде среде поле олеандри близу јужната граница
лежат кармините и купачите на внука ѝ
која пробува да се состави во соба во непозната болница.

Телото може да се скрши во еден ден.

Бог знае зошто се облеков, кога да шетам гола
или едноставно да се убијам, па да продолжам со денот ми звучи попријатно.

Знаеш, да се биде човек е драматично,
невротично вели докторот. Умно кимам
и глумам дека ги држам сите конци, сепак,
би сакала уште шанси во ова нешто што го викаме живот.

А во мене живее мрачниот селски пат
и бујните маслинови дрвја, само право па десно
до крило психијатрија
ова е хорор-филм!
но факт е, не знам каде сум, ниту како се викам,
а мојот нежен човек кој ме држи за рака
сака да ме убие и скрие во маслинов лист.

Докторе, сте посакале ли некогаш да шетате
гол и постои ли апче
           - сино, бордо, бело
што ќе ги стиши август и паничново тело?

Концептуални фотографии: Sebastian Bieniek

Калиа Димитрова пишува поезија, есеи и колумни. Авторка е на збирката „Вештерките денес“ (Темплум, 2018). Основачка е и уредничка на дигиталната феминистичка платформа Медуза.

Слични содржини

Книжевност
Јавни простори / Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност / Живот

ОкоБоли главаВицФото