Славој Жижек: Причекајте со аплаузот

23.10.2023 01:41
Славој Жижек: Причекајте со аплаузот

Ситуацијата на Блискиот исток е главна светска тема. Во склад со тоа помина и отворањето на 75-от Франкфуртски саем на книгата, најголемата светска манифестација од тој тип. Словенечкиот филозоф Славој Жижек ја оправда својата репутација на провокатор кога во вторникот на отворањето на саемот во Конгресниот центар теоретски ја образложи и практично ја претстави „културата на откажувањето“ и предизвиците кои таа ги претставува во однос на мирот на Блискиот исток. Притоа, како што пишуваат германските медиуми, предизвика бес кај многу гости. Државниот секретар Уве Бекер протестираше и му упадна во зборот додека градоначалникот на Франкфурт Мајк Јозеф протестно ја напушти салата...

Ја видовме и слушнавме снимката од настапот на Жижек и го пренесуваме целиот запис од обраќањето на словенечкиот филозоф.

Со бурен аплауз од публиката Жижек излегува на бината и застанува на говорницата.

„Причекајте со аплаузот. На крајот нема да аплаудирате. Горд сум што сум тука, на саемот на книгата. Како што денес повторно слушнавме, книгите се попотребни од кога било претходно. Без нив нема решенија за грозната војна во Газа. Безусловно го осудувам нападот на Хамас врз Израелците на границата со Газа - без никакви „ако“ и „но“. На Израел му го признавам правото да се брани и да ја осуети заканата.

Сепак, забележувам нешто необично. Кога човек ќе спомене како треба да се анализира заплетканата позадина на ситуацијата, по правило веднаш е обвинет дека го поддржува или оправдува тероризмот на Хамас. Дали сме свесни колку е чудна таквата забрана на анализата која подобро би ни ја предочила комплексноста на моментот? На какво општество му е својствено таквото однесување.

На општество кое е устроено како кошница за пчели! Кој идиот избра раков пример? Знаете како живеат пчелите? Тоа е најтоталитарното општество што можете да го замислите. Повеќе од 80 проценти од пчелите се женски, кастрирани се, не им е дозволен сексуален развој, тие само работат! Тука е и кралицата која еднаш во животот општи со десет мажјаци. Кога овие ќе доживеат оргазам, веднаш им ги проголтува пенисите! Не, фала, не сакам да живеам во такво општество!

Насловот на неодамнешната полемика за антисемитизмот и БДС (Палестинското движење за економски санкции против Израел), во Der Spiegel на германски гласеше: „ Wer Antisemit ist, bestimmt der Jude und nicht der potenzielle Antisemit “, преведувам „Евреинот ќе одлучи кој е антисемит, а не потенцијалниот антисемит“. Добро, звучи логично. Самата жртва би требало да одлучи дали навистина е жртва. Но зарем истото не важи и за Палестинците кои би требало да можат да одредат кој им ја одзема земјата и елементарните права?

Во моментов сакам да ви го насочам вниманието на еден прекрасен детал кој го забележав денес на Саемот. Последниот збор од говорот на словенечкиот претседател, исправете ме ако грешам, беше Палестина! Тоа воедно беше и единственото споменување на Палестина. Сè останато се однесуваше на Хамас против Израел. Простете, но во моментов, морате да вклучите и милиони Палестинци.

Да се вратам на темата... Анализирајќи ја позадината, не мислам на глупости маскирани во длабоки мисли. Ги знаете оние банални пароли кои, на пример, велат „непријателот е оној чија приказна не си ја слушнал“. Знаете што? Ја прочитав „Мојата борба“ на Хитлер, ја прочитав неговата приказна и ги сакам нацистите уште помалку од претходно.

Денес во Израел се одвиваат две важни нешта. Исмаил Ханија, лидерот на Хамас кој, секако, удобно живее во хотел со пет ѕвездички во Дубаи, на денот на нападот на Хамас го порача следното, цитирам: „Сакаме да ви кажеме само едно, тргнете се од нашата земја, тргнете ни се од пред очите. Оваа земја е наша, Ал Кудс (Свет), нивниот назив за Ерусалим е наш. Сè овде е наше! За вас овде нема ни место ни сигурност“. Го завршувам цитатот.

Јасно и одвратно! Но нели и израелската влада кажа нешто слично, иако секако на многу поцивилизиран начин? Ова е еден од првите принципи на кои се темели актуелната израелска влада. Го цитирам од официјален извор: „Еврејскиот народ има ексклузивно и неотуѓиво право да живее на целата земја на Израел. Владата ќе го промовира и развива населувањето на сите подрачја во Израел. Во Галилеја, Негев, Голан, Јудеја и Самарија“, го завршувам цитатот.

Или, изјавата на Бенјамин Нетанјаху, цитирам: „Израел не е земја на сите свои граѓани, туку е земја на еврејскиот народ и е само негова. Го завршувам цитатот. Зарем ваквите принципи не исклучуваат какви било преговори? Палестинците се третирани исклучиво како проблем додека државата Израел не им дава никаква надеж во земјата во која живеат.

Под сите полемики за тоа кој е поголем терорист, лежи тежок црн облак или, подобро, мочуриште. Маса палестински Арапи кои со децении се држат во неизвесност и се изложени на секојдневни малтретирања од доселениците и израелската држава. Кои се тие и која е земјата во која живеат? Дали тоа се Јудеја и Самарија, Западниот брег или државата Палестина која ја признаваат 139 од 193 членки на Обединетите нации?

Првата генерација израелски лидери од Бен Гурион до Моше Дајан, со ова сакам да ги пофалам, зборуваа на сосема поинаков, искрен јазик. Отворено признаа дека правото на Израел на земјата не може да се темели на некаква универзална правда.

На пример, на 29 април 1956 година се случи инцидент во Газа. Група Палестинци од Газа преминале во Израел за да ја ограбат жетвата во кибуцот Нахал Оз. Таму ги затекнал чувар кој се обидел да ги избрка, но на крајот завршил во рацете на Палестинците. Телото, без очи, било вратено преку ОН. Вака реагираше Моше Дајан (тогашниот началник на Главниот штаб на Израелските одбранбени сили), на погребот: „Да не ги обвинуваме убијците денес. Каков аргумент имаме против нивната смртна омраза кон нас? Тие живееле во бегалските кампови во Газа последниве осум години додека ние пред нивните очи им ја менувавме земјата, селата во кои некогаш живееле нивните предци... Сето тоа го променивме во сопствено наследство“.

Дали воопшто можете да замислите слична, подеднакво искрена изјава денес? Колку сме далеку од комплицираната ситуација која се одвиваше пред неколку децении? Тогаш зборувавме „Земја за мир“ (договорот од 1979 година за мир помеѓу Израел и Египет), „Решение со две држави“...

Во 1994 година Израел изгради ѕид за да го одвои Западниот брег од Израел во границите од 1967 година, признавајќи го како посебен ентитет. Во меѓувреме, сето тоа исчезна. Денес израелската влада е препознатлива по Итамар Бен-Гвин (екстремно радикален израелски десен политичар и член на Кнесетот). Во политиката влезе преку подмладокот на партијата Ках која Израелската влада ја прогласи за терористичка организација и ја забрани.

Кога Бен-Гвир бил на регрутација во ИДФ (Израелските одбранбени сили) го одбиле заради екстремно десните ставови. И внимавајте сега! Личноста која самиот Израел ја осуди како расист и терорист, денес е министер за национална безбедност кој би требало да внимава да се спроведуваат законите.

Се сеќавате на големиот конфликт кој минатиот месец го подели Израел? Коментирајќи ги мерките кои ги предложи владата на Нетанјаху, Јувал Харари (израелски професор по историја и меѓународно признаен автор) беше брутален. Цитирам: „Ова дефинитивно е пуч. Израел е на пат да стане диктатура“. Крај на цитатот. Израел беше поделен помеѓу националистичките фундаменталисти, кои се обидуваат да ги укинат главните лостови на легалната државна моќ, и членовите на цивилното општество свесни за следната закана: Со нападот на Хамас, и тоа го сметам за вистинска трагедија, кризата е готова! Ќе превагне националниот дух! Секогаш е трагично кога ќе преовлада внатрешниот конфликт на сметка на надворешниот непријател.

Значи, можеби првото што можеме да го направиме е да ги препознаеме огромниот очај и нередот од кои може да се изроди злото. Накратко, нема да има никаков мир на Блискиот исток сè додека не се реши Палестинското прашање. Ова го прочитав деновиве во израелските весници. Не го оправдувам тоа во ниеден момент, тоа е криминален чин. Навистина, Израел има право на противнапад. Но, да не ја заборавиме мрачната позадина.

Многу мои пријатели велат: „Да, Палестинците имаат право да бидат помалку антисемити зашто, гледаш што им прават Израелците“. Или, од друга страна: „Израелците имаат право да бидат малку насилни зашто, погледни што им правевме во холокаустот...“

Мислам дека нема што да се разбере во случајов. Треба да се оди докрај во двете насоки. Да се застане во одбрана на палестинските права, како и во борба против антисемитизмот.“

Некој од публиката го прекинува говорот: „Се извинувам, не можете да го споредувате теророт на Хамас со она што го прави Израел на израелска територија.“

Според пишувањето на германскиот Die Zeit, личноста што го прекина Жижек е Уве Бекер, германскиот државен секретар за европски работи и комесар за антисемитизам. Како што наведува Die Zeit, освен што го прекинуваше словенечкиот филозоф, Бекер неколку пати протестно ја напушташе салата.

„Не го правам тоа. Не споредувам“, одговара Славој Жижек од сцената.

„Релативизирате!“, предупредува некој од масата додека се множат упадите од публиката.

По кратка пауза Жижек му се обраќа на аудиториумот: „Сега гледате што значат слоганите 'Различност, инклузивност...' во пракса“, на што публиката реагира со втор аплауз. Жижек не се смее и продолжува надгласувајќи се со аплаузот.

„Тоа е логиката на културата на откажувањето (фраза со која се опишува културата на однесувањето спрема неприфатливите ставови кои настојува да ги избрише од јавниот простор). Секако, за да имаме различност, некои прво мораат да бидат исклучени. Зборувам за бројните Палестинци што ги познавам, простете ми ако сега малку експлодирам. Доколку постои личност во просторијава која направила повеќе за мирна соработка помеѓу Палестинците и Израелците, ѝ симнувам капа. Но таква личност нема! Што можете да направите повеќе? Со пријателите во Рамалах организирав голем собир во чест на Евреинот Валтер Бенјамин (германски филозоф, културен критичар и есеист од првата половина на 20 век)! Немаше никакви проблеми! Во Рамалах организирав и школа за филм заедно со еврејските професори...

Значи, да се вратам на споредувањето... Секако дека не можам да го споредувам насилството. Сакам да кажам, нападот на Хамас е апсолутно немилосрден и брутален. Но дали ќе паднам толку ниско ако цитирам некого, со кого во случајов и се сложувам - Ентони Блинкен, американскиот државен секретар кој рече: „Да, Израел има целосно право да возврати, но начинот на кој ќе го направи тоа се однесува на сите“. Значи, не станува збор само за проблемот помеѓу Израел и Хамас.

Значи, во моментот кога ќе прифатите дека е невозможно да се борите за двете страни истовремено, сте ја изгубиле душата! Особено денес кога живееме во времиња кои морам да ги наречам антисемитски ционизам. Знаете зошто европската десница го поддржува Израел? Рајнхард Хајдрих (челник на Гестапо, шеф на безбедноста на Рајхот, заштитник на Чешка и Моравија и шеф на Интерпол), да, тој Хајдрих, напиша изјава во која вели: „Израелците се прекрасна нација, подготвени сме да соработуваме со нив, но не тука, во Германија. Тие би требало да заминат таму...“. Се сеќавате на Брејвик (Андерс Брејвик, норвешки екстремен десничар и терорист кој во 2011 година уби 69 членови на младите од Лабуристичката партија на Норвешка)? Се сеќавате на лудиот Норвежанин? Тој имаше антисемитски став, ги поддржуваме (Евреите), но ако се таму...“

Славој Жижек повторно го прекинува некој од публиката, „Срамно е на денот на убиствата и масакрот...“

„Каде? Во Газа исто така!“, одговара Жижек.

„Го релативизирате она што се случува!“, повторно се јавува државниот комесар Бекер, овојпат проследен со благ аплауз од публиката.

„Не релативизирам. Само сакам да кажам дека вашиот начин на размислување поставува милиони Палестинци во невозможна позиција што само ќе резултира со раст на антисемитизмот! Дозволете ми да се вратам од своето обраќање. Артур Кестлер (унгарски Евреин, писател и новинар, разочаран комунист и англиски шпион од средината на 20 век), ја кажа горката вистина. Цитирам: „Дали моќта е корумпирана? Обратното исто така е точно. Прогонот ја корумпира жртвата, иако можеби на посуптилен и потрагичен начин“. Крај на цитатот.

Тоа важи за двете страни во тековната војна. Мој најголем, апсолутен херој од 20-от веке е Марек Еделман, полски Евреин кој сето тоа го видел јасно. Еделман учествувал во бунтот во Варшавското гето 1943 година како и во поширокиот бунт во цела Варшава 1944 година. По војната, во 1968 година неговата сопруга и децата емигрирале заради растечкиот антисемитизам во Полска додека тој одлучил да остане. Одлуката ја образложи со следните зборови: „Некој треба да остане со сите оние кои исчезнаа тука“. Од седумдесеттите соработувал со Работничкиот одбранбен комитет (полско општествено-политичко движење за помош на работниците кои по штрајкот во јуни 1976 завршиле во затвор), подоцна и како член на Солидарност учествувал во Договорот за тркалезна маса (договор помеѓу Солидарност и Владата кој од април 1989 година водеше кон демократски промени). Кон крајот на својот живот, Еделман јавно го бранеше палестинското право на отпор сметајќи дека еврејската самоодбрана доаѓа во опасност од преминување на границата и тоа да се претвори во угнетување. Би било опсцено да се дисквалификува Еделман како самопрезрен Евреин.

Зошто го кажувам тоа овде на саемот на книгата во Франкфурт?

Зашто, и тука се сложувам со претходните соговорници, само со читање книги можеме да бидеме свесни за ситуацијата. Литературата е привилегиран медиум кој ни ги прави опипливи длабоките двосмислености и комплексноста на нашиот проблем. Не ја мистифицирам поезијата. Од друга страна, мојата теза е, и повторно ќе ве шокирам - нема етничко чистење без поезија!

Сетете се на Руанда, таму имаше еден голем локален поет. Сетете се на војните во поранешна Југославија - Радован Караџиќ! Мошне ценет поет, ако не ја сметаме војната! Да не ги споменувам луѓето како Мао Це Тунг и така натаму.

Затоа бев шокиран кога слушнав дека е одложена церемонијата за доделување на наградата на Аданија Шибли (палестинска писателка, актуелна добитничка на LiBeraturpreis, награда која се доделува на Франкфуртскиот саем на писатели од Африка, Азија, Латинска Америка и арапскиот свет), одлука што ја сметам за скандалозна.

Да, тероризмот против Израел е контрадикторен со вредностите кои ги поддржува Франкфуртскиот саем на книгата. Тоа подеднакво важи и за колективната казна која ја трпат милиони во Газа, како и за укинувањето на церемонијата за наградата на Аданија Шибли. Видете, тука се приближуваме на парадоксите на културата на откажувањето.

Официјалната порака е: „Да, инклузивност и различност“. Но она што го прави културата на откажувањето е исклучување на оние кои не се вклопуваат во нејзиниот опис на инклузивноста и различноста. Значи, не сум само горд што сум тука. Исто така помалку и се срамам. Обидете се да замислите што би рекол Марек Еделман доколку беше жив овде со нас?

И да повторам, при крај сум, на никаков начин не се идентификувам ниту го релативизирам она што го направи Хамас. Тоа беше непростлив брутален убиствен поход. Ханија, лидерот на Хамас, јасно рече дека не се работи само за ограничување на Израел туку за уништување на државата.

Втората теза што ја застапувам на ниеден начин не го релативизира ова злосторство. Таа само дава позадина од која произлегуваат овие злосторства. Доколку го игнорираме тоа, доколку игнорираме што се случува сега на Западниот брег, не можеме да ја разбереме ситуацијата.

Апсолутно, потполно, на државата Израел ѝ го признавам правото да постои. Исто така сум апсолутно критичен кон палестинската управа (официјалната држава Палестина која има делумна контрола над Западниот брег од Договорот во Осло 1995 година). Мислам дека Арафат со право беше окарактеризиран како човек кој никогаш не пропушта прилика да пропушти прилика. Беше многу глупаво што го одби пактот со владата на Ехуд Барак (пропаднатиот самит помеѓу Израел и Палестина одржан во 2001 година во Кемп Дејвид, чиј претседавач беше Бил Клинтон). Значи, не ги фалам Палестинците. Само сакам да ја погледнете нивната ситуација. Тие се заглавени во трагична неизвесност.“

Обраќањето го прекинува неразбирливо дофрлање од публиката. Жижек одговара - „Би било убаво кога истото би им го кажале и да говорниците пред мене“. На овие зборови го прекинува бурен аплауз од публиката, а потоа заклучува и заминува од сцената: „Видете, кога реков 'не е едноставно', го споредив неспоредливото“.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://lupiga.com/

ОкоБоли главаВицФото