„Брутален град” – изложба на фотографии на Снежана Алексовска

25.10.2023 10:53
„Брутален град” – изложба на фотографии на Снежана Алексовска

Во културниот центар „Бруталиск” во четврток (26 октомври), во 20:30 часот, ќе биде отворена изложбата „Бутален град” на фотографката Снежана Алексовска. Ќе бидат изложени 41 фотографија од бруталистичките и модернистички вертикали од македонските градови, изведени во црно-бела техника.

„За мене бруталниот град е повеќезначен наслов кој истовремено го допира сѐ уште доминантниот правец во нашата градска архитектура, особено во Скопје, но и студеноста и суровоста на градовите во кои живееме денес. Овие вертикали и прави линии кои ги гледаме кога ќе погледнеме нагоре се најубавите призори денес и се можеби највредното градско наследство. „Бруталиск”, како културен центар посветен на брутализмот и на градот сметав дека е идеално место за мојата изложба.“ – вели Алексовска.

„Брутален град ” е прва изложба на фотографии на Снежана Алексовска, која со фотографија се бави од својата младост, а веќе неколку години работи како кустос-советник и туристички водич во НУ спомен куќа на Мајка Тереза. Родена е во 1990 година и е дипломиран археолог. Таа е двократен победник на конкурсот „фотографија на неделата” на Нова Македонија и нејзините фотографии „Мир и Слобода” и „Меѓу Височините и Смогот ” се објавени на цели страници во печатеното издание на весникот во 2022 и 2023 година.

КЦ „Бруталиск” се наоѓа на бул. Илинден 38, во Дебар Маало, во близина на зградата на Владата. Изложбата ќе може да се погледне секој ден во наредниот месец, од пладне до полноќ.

ОкоБоли главаВицФото