Откриена палата на Путин од милијарда долари

15.02.2011 13:24
Палатата на Путин

Владимир Путин поседува раскошна палата на брегот на Црното море чија вредност се проценува на една милијарда долари, а е изградена од приходите од „корупција, подмитување и кражба“.

Ова тврдење во писмото до претседателот Дмитриј Медведев го изнесе бизнисменот Сергеј Колесников откако весникот Новаја газета објави автентична копија од оригиналниот договор од 2005 г. за изградба на палатата со потпис на Владимир Кожин, тогашен шеф на управата за делата на претседателот на Русија.

Изградена на имот со големина од 74 хектари, на екслузивна местоположба во близина на Црно море, во чии рамки се наоѓа и лозје, палатата се простира на 740 квадратни метри и има приватен хелиодром. Исто така, во нејзин состав се наоѓа и кино, летен амфитеатар, казино, базен, вежбална и саат-кула.

Колесников, кој тврди дека палатата е во сопственост на Путин, структурата на градбата ја спореди со палатата на рускиот цар која се наоѓа близу Санкт Петербург. Тој вели дека рускиот премиер лично го одобрил изгледот на палатата и материјалот од кој е изградена. Колесников го повика Медведев да ги истражи неговите тврдења.

„Палатата е изградена на брегот на Црното море за лична употреба на рускиот премиер“, напиша Колесников во оригиналното писмо. „Како што сега стојат работите, цената на палатата изнесува една милијарда долари. Фондот за изградба во најголема мера е добиен преку комбинација од корупција, подмитување и крадење“, изјави тој. Колесников напомена дека должноста на претседателот на Русија е да докаже дека сите се еднакви пред законот, вклучувајќи го и Путин.

Гласноговорникот на Путин ги отфрли овие тврдења, како и Кожин, службеникот од Кремљ чиј потпис стои на документот за изградба. Претседателот Медведев не одговори на обвиненијата, барем не јавно. Меѓутоа, Колесников, кој вели дека учествувал во проектот до 2009 г. кога бил отстранет поради неговата загриженост дека има корупција, и понатаму се придржува до својата приказна, а во меѓувреме на интернет страницата RuLeaks.org се појавија фотографии на раскошната градба. Тој вели дека државна градежна фирма била ангажирана за изградба на палатата и дека државните фондови биле незаконски користени за финансирање на проектот.

„Корумпираните државници градеа лични палати во време кога деца умираа поради недостаток на лекови. Тоа е руски срам“, напиша тој.

Во официјалното известување за имотната состојба Путин лани наведе дека заработил околу 130 000 долари.

ОкоБоли главаВицФото