Како фриленсерите ја изгубија слободата?

30.10.2023 03:00
Како фриленсерите ја изгубија слободата?

Ако на некого му споменевте фриленсер пред триесетина, па дури и пред само 15-20 години, голема е шансата дека првата асоцијација би му била - новинар, уметник, преведувач, можеби уште некое занимање кое се вклопуваше во традиционалната дефиниција на фриленсингот. Овој поим подразбираше слобода на избор на работодавач и работни задачи. Во Југославија главно ги нарекуваа „хонорарци“, зашто нивното ангажирање по правило значеше дека не се во работен однос, туку се ангажирани за низа краткорочни договори (на дело) и работат со поголем број корисници на нивните професионални услуги, за што добиваат „хонорар“.

Слободната (англ. free) компонента на нивната работа се согледуваше преку тоа што работеа толку колку што сакаа, кога сакаа и за кого сакаа. Првата асоцијација беа токму новинарите, зашто кај нив се случуваше да работат на некој прилог и да го довршат, пред да го понудат на разни потенцијални весници за објавување - значи, постоеше целосна слобода на избор на сите елементи на работата, па и темите за истражување. За таквите фриленсери не постоеше работно време, а ако имаше рокови во кои мораа да извршат некоја задача, повторно беа послободни - роковите ги одредуваа во договор со работодавачите, а работните задачи ги распоредуваа на онолку работни денови колку што им одговараше во рамки на договорениот рок. Вообичаено тоа им оставаше доволно време да работат за повеќе работодавачи истовремено. Исто така, беа платени за производот што ќе го испорачаат, а не според работен час - ако некој можеше да ја заврши работата за помалку работни часови, беше ефективно повеќе платен за времето што го вложил. Сето тоа беше доволно привлечно поединци да фриленсираат цел живот, додека фриленсингот на почетокот на кариерата беше нешто што се подразбира во одредени професии - не заради ситуацијата на пазарот на трудот и неможноста да се најде друга работа, туку за да се „почувствува“ фриленсерскиот ритам на живот.

Како оваа - признавам, помалку романтизирана - слика на фриленсерите се вклопува во денешниот свет на трудот? Речиси - никако. Секако, и денес има фриленсери - хонорарци. Меѓутоа, тие се во значително поинаква положба на пазарот на трудот. Меѓусебно многу се разликуваат според својот статус, но една околност им е заедничка. Имено, сите тие никако не можат да се сметаат за слободни. Вистински фриленсери, во класичната смисла на значењето на зборот, има многу малку. Сите останати се нарекуваат така затоа што потсетуваат на фриленсери или едноставно не се во категориите работници кои не можеме лесно и недвосмислено да ги дефинираме, па по инерција ги нарекуваме фриленсери.

Значи, кои се современите фриленсери? Кога станува збор за професиите, сè уште има и новинари, уметници, преведувачи, но се појавуваат и програмерите како (релативно) нова професија, како и низа други кои се поврзани со современите технологии. Кога зборуваме за условите за работа и правната основа на работата, освен „вистинските“ фриленсери, кои сè уште имаат релативно значајна автономија во организирањето на својата работа, се јавуваат и низа други групи работници кои сигурно понекогаш ги нарекувавме фриленсери, иако суштински немаат голема врска со нив.

Особено се издвојуваат две групи:

1. Најпрвин тоа се оние што не се слободни зашто преку нивниот „фриленсинг“ само се маскира работниот однос со работодавачот. Значи, тие извршуваат некаква работа и имаат правна основа (договор на дело, договор за привремена работа, отворен претприемачки бизнис) но суштински се зависни од еден работодавач кој над нив врши ефектифен надзор и нему му се подредени. Класичен пример за тоа се платформските работници од доставувачките платформи - таканаречените дигитални работници. Наводно, тие работат кога сакаат и колку сакаат, но тоа не е точно зашто алгоритамските правила на платформите се сурови - оној што одбива работа, нема доволно „онлајн“ часови во кои е активен, си дозволува да земе одмор или да биде болен, нема добро да помине при распределбата на работите или при наградувањето за извршената работа. Ваквите платформски работници суштински немаат речиси никаква слобода на избор кога, за кого и колку ќе работат - на пример, возат само за една платформа според однапред утврдени правила кои важат за сите. Индивидуализацијата на правилата е невозможна, како и избегнувањето платформата да им врши надзор додека работат.

2. Тука се и работниците кои не се слободни зашто се занимаваат со „фриленсинг“ заради финансиска оскудица. Тие можеби повеќе ќе наликуваат на класичните фриленсери, но суштински не се тоа. Тие не го избрале фриленсингот како дел од својата професионална работа, туку се принудени да го прават тоа како основен или дополнителен извор на приходи, зашто на друг начин воопшто не можат или не можат доволно да заработат за да преживеат. Заради тоа работат работи во кои имаат одредена слобода (оттука и наликуваат на класични фриленсери) но таа слобода не е целосна. Најпосле, доколку не прифатат некоја работа под услови кои често се под пазарните и секако се под реалната вредност на трудот што ќе го вложат, нема да можат да задоволат некои од основните животни потреби. Свои и на семејството. Затоа многу такви „фриленсери“ ги прифаќаат условите за работа на дигиталните платформи кои формално функционираат како посредници при вработување, а всушност имаат многу елементи на работодавачи, кои ги поврзуваат со корисници на кои им се потребни нивните услуги. За таквото „посредување“ платформите земаат процент од заработката, но притоа и вршат ефективен надзор над работата на фриленсерите - не толку во смисла на квалитетот на работата, колку во смисла на расположливост и присутност на самата платформа. Колку повеќе работите толку платформата е „позадоволна“ зашто во секој момент на потенцијалните клиенти може да им понуди повеќе работници за бараната работа. Затоа постои привид дека можете да го избирате работното време, бројот на задолжувања и работодавачи, а суштината е во тоа што сите споменати, како и другите услови за вашата работа, ја диктираат вашата финансиска состојба и потребата да заработите нешто во даден момент. Значи, ни тука не постои слобода во работата во вистинската смисла на зборот. Во класичното трудово право користењето на тешката финансиска положба на едната страна заради наметнување неправедни услови за работа на другата страна, едноставно би се нарекло работна експлоатација. А верувам дека ќе се сложите, тоа не е во склад со начелото на слободата (наводна) на функционирањето на фриленсерите.

Кога ситуацијата веќе е таква, рационално е да се постави прашањето колку фриленсерите се свесни за тоа и колку им е важно да се променат нивните услови за работа? Изгледа, не премногу. Секако, не треба да се генерализира но многу истражувања покажуваат исклучителна незаинтересираност на фриленсерите, меѓу кои секако има и „лажни“, поблиску да се запознаат со своите права и причините за работата. Фриленсерите не сакаат да бидат дел од шемата на задолжителното социјално осигурување, а на синдикатите гледаат како на застарена бирократска форма која не може да одговори на нивните барања и барањата на современите работни места. Потполно се индивидуализирани (би рекол, изолирани) во својата работа, па колективитетот главно исто така не ги интересира.

Меѓутоа, факт е дека ништо од ова не им оди во прилог на неслободните фриленсери. Упорното останување во рамките што им се наметнати никогаш нема да ги подобри нивните услови за работа. Криењето од системот на социјално осигурување секако доаѓа за наплата многу побрзо од очекуваното, на пример кога првпат ќе се повредат или разболат па ќе сфатат дека мораат да плаќаат здравствено осигурување за да се лекуваат. Во многу земји постојат посебни услови за заштита на работниците кои се ангажираат на краткорочни работни места, за полесно да остварат права од осигурувањето во случај на невработеност како форма на поддршка помеѓу две работни места - изгледа дека фриленсерите не се воодушевени ни од оваа идеја, зашто никој од нив ниеднаш не ја споменува како зацртана цел, иако постоеле можности за тоа. Најпосле, синдикатите главно се бирократизирани закоравени форми, но секако немаат алтернатива кога работникот ќе се најде на удар на работодавачот (или платформата која се преправа дека не е работодавач, иако е). Правната поддршка, финансиската поддршка, психолошката поддршка, интерните пазари на трудот, сето тоа се услуги кои можат да бидат корисни - фриленсерот да се одбрани, да го премости тешкиот период, да знае дека не е сам, да го пронајде вистинскиот работодавач со подобри услови од претходно. Далеку од тоа дека синдикатите во Србија се совршени и дека го нудат сето споменато, но фриленсерите ниеднаш не го покренаа прашањето зошто со закон не им се овозможи да се организираат во синдикат, кој сега го немаат.

Особено иритирачка е тенденцијата „новата реалност“ во која фриленсерите веќе не се слободни, да се претстави како нужна скала во еволуцијата на работата и работниот однос. Ништо не може да биде подалеку од вистината зашто сите овие фриленсерски маки на „неслободните фриленсери“ можат да се сведат на кршење на законите и неказнета злоупотреба на прописите. Значи, не постои ништо ново во сржта на фриленсерскиот однос, што веќе да не постоело кај „хонорарците“ од пред неколку децении. Сè што изгледа ново го измислија платформите, неолибералните лобисти и власта која ги поддржува. Дури и недопирливите меѓународни платформи кои досега се извлекуваа од регулирање на национално ниво, и со самото тоа беа основен проблем во заштитата на фриленсерите, наскоро ќе се соочат со наднационални прописи или лесно економско изумирање зашто фриленсерите порадо ќе се одлучат за оние платформи кои самоволно ќе се наклонат кон одредени стандарди за работа (а такви има сè повеќе). Секако, нештата се движат многу бавно, но се движат во добра насока - а се чини дека фриленсерите многу поспано ги гледаат настаните кои поминуваат покрај нив, неволни да ги поддржат луѓето кои - борејќи се за основните принципи на современото трудово право - се борат и за нивен подобар статус.

Да не бидам сфатен погрешно, ова не е критика на фриленсерите. Секоја генерализација е погрешна и опасна - во Србија токму „заспаните“ фриленсери беа повеќе од активни кога требаше посебно да се уреди нивниот даночно-правен статус, и успеаја во тоа во голема мера - во решението кое е на сила земени се предвид многу специфичности на работите што ги извршуваат. Значи, бунтовен потенцијал и тоа како постои, како и можност да се разликуваат добрите од лошите решенија. Поентата е што кругот на оние кои навистина фриленсираат драстично се стеснува и дека самите фриленсери имаат голем дел од моќта која е потребна за да се изгради атмосфера во која ќе биде можно да се борат за враќање на класичните права, кои хонорарците некогаш ги уживаа како нешто што се подразбираше. Заради тоа би требало да се запрашаат колку всушност се слободни додека работат работи кои инаку не би ги работеле, во работно време кое им одговара на Кинезите, за плата која понекогаш е пониска од кројачкиот надомест во некоја азиска експлоататорска фирма.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Arghavan Khosravi

Извор: https://pescanik.net/

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото