Популизмот е потрошена шифра

01.11.2023 01:22
Популизмот е потрошена шифра

Неодамнешната политичка историја дефинитивно ја обележа поимот популизам. Со него се настојуваше да се објасни и посочи сè што отстапуваше од замислениот „куќен ред“ на либералната демократија. Корисноста на самиот поим беше прашална барем од две причини. Ако коирстиме некој поим за да интерпретираме или дискредитираме некого, тогаш неговите интерпретативни опфати се оскудни и многу ранливи на обвинувањата за пристрасност. Вториот проблем се однесува на претпоставената интелектуална нерамноправност. Популистичките актери едноставно не знаат да управуваат со општеството и економијата и се водат според краткорочни интереси и неодржливи конструкции. За разлика од нив, традиционалните експерти знаат како функционираат нештата.

Како што одминува политичкото време сè повеќе и повеќе се наметнува и трета причина која е со малку поинаква природа од претходните. Имено, аналитичките напори кои настојуваа да ја објаснат неодамнешната политичка историја преку популистичката оптика, во себе содржеа временска рамка која не беше докрај објаснета. Популизмот самиот по себе би требало да биде хировита реакција, импулсивен политички поттик кој не може да се потпре на стабилноста на некој политички облик, ниту да гарантира некаков институционален континуитет. Значи, тој е тука за да испари. Или, ако случајно ја преземе власта, да се трансформира во чистокрвен фашизам. Меѓутоа, очигледно е дека денес не се случува ни едното ни другото. Она што се случи е надградба на „куќниот ред“. Со исклучок на германскиот АфД, најпрвин заради самото минато на земјата, партиите од таканаречената популистичка десница се легитимни носители на власта, коалициски партнери или сериозни конкуренти за преземање на власта во бројни европски земји.

Ваквиот скицирачки преглед на состојбата неминовно активира две прашања. Зошто не се случи „фашизам“? И зошто левицата не ја искористи својата прилика во овие турбулентни времиња? Одговори, барем делумни, на овие прашања можеме да пронајдеме во неодамнешните текстови во реномираните либерални весници од западниот свет. Антон Јегер, белгиски историчар и теоретичар, во текст во Њујорк Тајмс за подемот на радикалната десница се обиде да ги разложи недостатоците на историските паралели помеѓу нашите времиња и триесеттите години на минатиот век. За почеток, фашистите и нацистите тогаш мораа да се пресметаат со моќните социјалистички сили и масовното работничко движење. Денес не постои моќно работничко движење, а за револуционерна закана да не ни зборуваме. Во таков контекст не се ни веројатни коалиции помеѓу крупниот капитал и радикалната десница, што на десницата денес ѝ отвора пат да се рекламира како антиестаблишментска опција.

Екстремната десница пред речиси стотина години оперираше во период на интензивно политизирани општества. Денес нејзиниот успех во значајна мера се темели на демобилизацијата. Најдобри резултати главно постигнуваат на избори кои ги краси историски рекордно ниска излезност или во оние области во кои излезноста е најниска. И третата важна точка која историските паралели ги прави крајно лабави е геополитичката амбициозност. За разлика од нацистите и фашистите кои сакаа да грабнат дел од колонијалниот колач и да ја сузбијат англоамериканската доминација во светот, денешната европска радикална десница се задоволува со бранење на границите од бегалците и интернетот од „воук“ бригадите. Значи, не сме сведоци на некаков политички преврат туку на прилагодување на „куќниот ред“ кон некои поинакви вредности. Тие вредности на многу луѓе ќе им ги отежнат животите, но за фашизам не можеме да зборуваме.

Неснаоѓањето на левицата во дадените околности е резултат на комплексни историски процеси и проблеми кои овде не можат ни приближно да се исцрпат. Затоа ќе се осврнеме само на еден. А тој се состои од согласување со рамките на дебатата, поимите и шифрите кои десницата ги пласира во јавниот простор. Па така дебатираме за родова идеологија, култура на откажување, „воук“ култура и слични поими кои првенствено служат десницата да си обезбеди легитимен простор за шовинистичките практики, а не поуверливо толкување на светот. Во таа група спаѓа и дијагнозата според која работничката класа се сврте кон десницата и дека левицата, која сега наводно стана опција на елитите (културни), веќе не ја привлекува. Во таа дијагноза, како и во претходните, има трошки вистина, но нема ни минимална трага од политичкиот природен закон.

Неодамна, на страниците на Гардијан, Томас Пикети и Џули Кејџ ги претставија основните резултати на неодамна објавената студија на француски јазик во која ги обработувале и анализирале податоците од изборите од сите француски општини од почетокот на демократизацијата. Притоа се фокусирале токму на наводното неминовно селење на работничките гласови во десните кутии. Има два проблеми на кои се заснова оваа претпоставка. Првиот е дефиницијата на работничката класа која ги опфаќа само белите мануелни работници. Ако ја издвоиме оваа демографска група претпоставката би била донекаде одржлива, но општествено сосема неуверлива кога е во прашање работничката класа. Вториот се однесува на географските разлики. Работничката класа во големите градови сè уште доминантно гласа за партиите од левицата, додека работниците во помалите места и руралните средини се свртуваат кон десницата. Причина за тоа се деиндустријализацијата и инфраструктурната запуштеност на провинциите. Имено, услужната економија во градовите ги надоместува изгубените работни места во индустријата, а во помалите средини тоа е едноставно невозможно. Исто така, како што истакнуваат авторите, токму овие социоекономски проблеми најпрвин ја мотивираат работничката класа од провинциите да се приклони кон десницата. И покрај сите специфичности, ситуацијата во Франција не отскокнува од европските трендови.

Слушањето на гласот на овие луѓе е прв нужен чекор кој левицата мора да го направи за најпосле да ја демонтира оваа напорна меѓу-игра помеѓу либералните елити и радикалната десница во која првите глумат „прогресивци“, а вторите антиестаблишментска опција. Овој исклучителен чекор кој бара многу дополнително би ја забрзал девалвацијата на популизмот како аналитичка категорија. Неговото време помина.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Toon Joosen

Извор: https://www.bilten.org/