Месец на европски филм во Кинотека

02.11.2023 10:26
Месец на европски филм во Кинотека

 

Во ноември, месец на есента, природата блика од разновидноста на боите. Слични на оние на виножитото. Најмногу преовладува жолтата, речиси како злато сјае во есенскиот амбиент. Токму вo тој амбиент, Kинотека за ноември подготви филмска презентација, разновидна во многу аспекти.

Официјалната програма на Мeсец на европски филм започна од вчера, 1 ноември и ќе трае до 9 декември. Овој месец Кинотеката на Северна Македонија заедно со уште многу други кина во 70 различни градови во Европа ќе ја слави фантастичната разновидност на европскиот филм. Проектот Мeсец на европски филм, предводен од мрежата на кина – „Еуропа синемас“, има за цел низ различни европски градови и преку различни европски филмови да презентираи специјални програми, настани и ретроспективи.

Ќе биде прикажан и македонскиот филм „Лена и Владимир“ од Игор Алексов, по сценарио на Александар Русјаков, во кој главните улоги ги толкуваат Сара Климоска и Тони Наумовски. Филмската публика, по неколку успешни патешествија, ќе има можност да го проследи „Домаќинство за почетници“, новиот филмски проект на тетовчанецот со долгогодишна адреса на живеење во Австралија, Горан Столевски.

Како еден вид пауза од играните филмови, ќе биде прикажан документарецот со провокативен наслов „Канабисот ослободува“. Станува збор за есеј за неколкумина активисти од разни земји, кои се залагаат за легализација на канабисот. Мала ексклузива – во него учествува и познатиот, контроверзен музичар и инфлуенсер, Рамбо Амадеус. Културата на канабисот има битна улога во веќе култното остварување на браќата Коен, „Големиот Лебовски“. Филмот ќе биде проектиран на оригинална 35 милиметарска филмска копија.

Следуваат шпански филмови со различно време на создавање, од различни автори, со различни естетски колорити. Неколку денови од втората половина на ноември се издвоени за филмовите од авторите кои се од Пиринејскиот Полуостров. Месецот ноември во Кинотеката ќе биде заокружен со презентација на неколку наслови од филмографијата на авторката на документарци, Петра Селишкар.

Извор: https://nezavisen.mk/