Исечок од идниот конфликт меѓу Македонците и Албанците - во ТВ емисија

10.11.2023 18:33
Исечок од идниот конфликт меѓу Македонците и Албанците - во ТВ емисија

Најзаедничкото нешто (што го имаат Албанците и Македонците) е Европската Унија, како дома така и во регионот. Ако направиме нешто спротивно, се отвораат проблеми, идеолошки, соседски, етнички… Рече Исмет Рамадани во емисија на Канал 5. Добро, сакате да кажете, „она што нè обединува е ЕУ“, вели водителот и левтерно преминува преку пораката. Тука, на ова прашање, требаше да се замрзне сликата на екранот. И сите да замолчиме и да се замислиме.

Но, се чини, никому не му е гајле за единството на земјата. Важно е мојата страна да победи на наредните избори, па во тој контекст следува и провокативното прашање, дали опстанокот на оваа држава зависи од уставните промени и продолжувањето на пристапните преговори со Унијата. Излишно прашање: никој нема кристална топка за да го види тоа.

Она што знаеме со сигурност: во меѓународната политика нема гаранции за ништо. Сме се извлекле толку пати, можеби ќе се извлечеме пак, е ставот на противниците на промените на Уставот.


Лично сметам дека без напредок кон ЕУ, опстанокот на македонската држава е загрозен. Мислам дека ѓаволот ја однесе шегата и дека, ако повторно заглавиме, овојпат тешко ќе се извлечеме. Се случува нешто многу сериозно со македонското општество, нешто што сече преку границите на партиските поделби.

Пред години, странски дипломат, во време на претходната власт, загрижено ми вели дека најстрашното што го забележува е дека општеството нема доволно „енергија“. Деновиве, познајник, познат адвокат, ми вели дека е скептичен за иднината на државата поради отсуство на „критична маса“. Тоа отсуство на „енергија“ е заедничкиот именител за сите ломови во општеството: „Онкологија“, Специјално јавно обвинителство, судство и обвинителство, лошо образование, неизградениот пат Кичево – Охрид, масовно иселување на младите… Со еден збор: немаме енергија (демократски) да се управуваме себеси. Зошто? Зашто немаме сила да се обединиме и стратешки да мислиме за интересот на државата.

Влијанието на Западот е благослов и проклетство. Благослов знаеме зошто (безбедност, благосостојба) а проклетство зашто одржувајќи нè во живот од независноста па до денес, Западот создаде лажна слика кај народот дека управувањето со држава е најлесната работа на светот. Само да ја тргнат таа безбедносна мрежа која ја држат под акробациите на нашите националисти, ќе треснеме за никогаш да не станеме.


Имено, сè се сведе на тридецениска битка меѓу партиите за власт преку серија избори, демократски и недемократски, без трошка стратешко и долгорочно мислење за големите теми за опстанок на државата. Затоа општеството е папсано, исцрпено, истоштено. Има само едно место од каде што можеме да ја надоместиме таа „енергија“, таа „критична маса“: Европската Унија. Во 1992, на прашањето на Лорд Карингтон, претседавачот со Конференцијата за Југославија, како ќе опстане мала , сиромашна, етнички комплексна држава без излез на море, и која не е „самоодржлива“, одговорив: во евроатлантските интеграции кои ќе бидат замена за југословенската. Малку знаев каков ќе биде нашиот политички систем во услови на демократија и каков пустош ќе остави зад себе дилемата на секој политичар кој е избран да го промовира општото добро и неговиот инстинкт да грабне за себе.

Денес ова веќе не е само прашање на ВМРО-ДМПМНЕ и на СДСМ, уште помалку на малите партии кои профитираат од нивниот расцеп, секогаш префрлајќи се од сплавот што тоне на сплавот на новата власт. Ова е нешто друго: соочување со самите себе како луѓе и со вредностите што ги носиме во себе. Соочување, ако сакате, и со „руското влијание“.


Со темата за „руското влијание“ почна емисијата кога гостинот Македонец жестоко бараше докази од гостинот Албанец за такво нешто. Отсуството на докази беше интерпретирано како отсуство и на руско влијание. Грешка. Не го барајте руското влијание во агенти распоредени низ градовите на Македонија. Руското влијание е во нас самите. Во отсуство на волја да се менуваме за да заличиме на западните демократски општества. Сега сè станува појасно од порано, од златните времиња на ЕЗ и ЕУ и пред руската агресија врз Украина. Имено, сега, по распарчувањето на Украина од моќниот сосед, живееме во време во кое завладеа логиката на Студената војна: она што е добро за Истокот, лошо е за Западот. Мораме да се определиме и така да придонесеме кон својата и кон иднината на слободна Европа.

Руската политика ни вели дека сме добри какви што сме, дека не мораме да се менуваме и дека можеме да и се придружиме такви какви што сме. Западот ни поставува услови за да бидеме партнери во ЕУ: корупција, правна држава, дијалог за разбирање со соседите. Не е тешко да се погоди на која страна влече нашиот менталитет и нашето политичко наследство. Но, сакале или не, сите оние што го кочат и го одлагаат процесот на интегрирање со Западот се носители на руското влијание, независно од тоа колку самите се доживуваат себеси за огнени борци за демократија.


Стрип кадри: Henry Kiefer, WAMBI, Jungle Boy (1950ти)
Извор за текстот: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото