1009 hPa
55 %

15 °C
Скопје - Пон, 17.03.2025 12:36
Џорџа Мелони, претседателката на италијанската влада од екстремно десната партија Браќа на Италија, на 7 октомври во претстави „историскиот“ договор кој го потпиша со албанскиот премиер, а со кој се предвидува изградба на прифатен центар за барателите на азил во Албанија. „Среќна сум што заедно со албанскиот премиер Еди Рама можам да најавам дека потпишавме меморандум за управување со миграциските текови“, објави Мелони во Рим, додавајќи и дека овој договор би можел да стане „модел за соработка помеѓу членките на ЕУ и државите кои не се членки“.
Со договорот се предвидува сместување за 3 000 луѓе кои доаѓаат во Европа со бродови преку Медитеранот. Станува збор за помал дел од очекуваната бројка, со оглед на тоа дека италијанските власти годинава регистрирале 145 700 луѓе, речиси двапати повеќе од минатата година. Во Албанија ќе се трансферираат само луѓето спасени на море, но не и оние кои доаѓаат во Италија по копнен пат, додека малолетниците, бремените жени и болните од бегалските бродови ќе се префрлуваат директно во Италија. „Географијата стана проклетство за Италија, зашто кога ќе влезете во Италија сте влегле во ЕУ. Можеби немаме сили и капацитет да бидеме решение на овој проблем, но можеме да помогнеме“, рече Рама, кој за возврат очекува поддршка од италијанската влада за влегување на Албанија во Унијата. Мелони вети поддршка, кажувајќи дека Албанија, и покрај тоа што не е членка на ЕУ, „се однесува како да е“.
Италија ќе финансира два прифатни центри кои ќе бидат под италијанска јурисдикција, додека Албанија ќе обезбеди полицајци и надзор. Еден центар ќе се наоѓа во пристаништето Шенѓин, од каде по идентификацијата барателите на азил ќе се префрлуваат во друг центар во внатрешноста на земјата. Таму би требало да бидат сместени најмногу 28 дена, иако процесот за добивање азил трае значително подолго. За да може центрите да ги стави под јурисдикција на друга држава, Албанија би требало да експроприра делови од сопствената територија, а не е јасно ни како ќе функционира примената на праводуството во двете држави.
Судејќи според реакциите, повеќето италијански политичари не знаеле дека Мелони подготвува таков договор, а подеднакво изненадени биле и европските претставници. „Пред каков било коментар мораме да знаеме што сакаат да направат“, изјави гласноговорничката на Европската комисија Анита Хипер. Секретарот на опозициската партија Повеќе Европа, Рикардо Маги, проектот го нарече „еден вид италијански Гвантанамо, и покрај сите меѓународни стандарди, надвор од ЕУ и без можност за надзор над статусот на луѓето кои ќе бидат заробени таму“.
Мелони потпиша сличен договор со Тунис и го обнови истиот таков договор со Либија, која се обвинува за масовни кршења на човековите права на мигрантите. За спроведување на европската миграциска политика Италија добива помалку пари од Грција, а нејзината влада донесе пакет закони со кои се предвидува изградба на нови центри на тлото на Италија, што наиде на отпор кај локалните и регионалните претставници.
Освен тоа, Мелони ги криминализираше активностите на волонтерските спасувачки бродови, а договорот со Албанија може да се толкува како одговор на неподготвеноста на ЕУ барателите на азил рамномерно да ги распореди кај своите членки. Договорот го критикуваа и невладините организации SeaWatch, International Rescue Committee и Данскиот комитет за бегалци. Од последниов изјавија дека тој „се вклопува во трендот за екстернализација на европските граници во трети земји“, кој минатата година го започна владата на Велика Британија со планот за аутсорсирање на обработката на барателите на азил во Руанда.
Превод: Алек Кузмановски
Карикатури: Marian Kamensky
Извор: https://www.portalnovosti.com/