„Градина” – изложба на Ервин Ќатовиќ

15.11.2023 11:28
„Градина”  – изложба на Ервин Ќатовиќ

На 17-ти Ноември, 2023 (петок), во 19 часот, ќе се отвори самостојната изложба на лиовниот уметник Ервин Ќатовиќ (Р.Србија). На отворањето пред публиката ќе се обрати директорката на Националната галерија, д-р Дита Старова Ќерими и кураторката Маја Крстевска, виш кустос во Националната галерија.

Ќе бидат претставени дваесетина слики во комбинирана техника, повеќето изработени во период 2022/23 година, а и неколку дела од постариот творечки опус на Ќатовиќ.

Овој еминентен автор за првпат се преставува во Националната Галерија на Р.С.Македонија, во објектот Мала Станица. Изложбата е насловена „Градина”, а неговите дела навистина не водат низ лавиринтот на експресијата на бои како во природата, со фокус на поединечни патокази на формата.

„Самостојната изложба на ликовниот уметник Ервин Ќатовиќ, насловена „Градина”, во Националната галерија за првпат ни го открива неговиот импозантен творечки опус. Лирскиот апстракционизам во комбинирана техника, преку наплив на колоритен израз, ни го фокусира погледот во длабочината на насликаното платно. Темата ни ја предава со композициско значење и живописно нѐ води во креативната сензација на реалниот свет. Тоновите се движат во богата палета на светли и темни, од нијанси на темнокафени, бургундско црвени до масивни нијанси на јарко црвени тонови, нијанси на жолта и смарагдна до виолетова боја. Формите во композициите се налик на емоционален или интинуитивен образец, со паралелна разновидност”, истакнува кураторката Крстевска.

„Тематски, Ќатовиќ нѐ води кон натуралистичка тенденција, репрезентативно отсликувајќи ја реалноста со користење на низа апстрактни моменти. Чувството на леснотија во потегот е повеќе од извесно и успешно нѐ води во хоризонтален формат, каде темните бои што асоцираат на животното искуство се претопуваат во просторот и времето, во жанровски реален состав. Спротивно на ова, композицијата се кохезира со јаркиот тоналитет во разбирањето на помоќното и попрецизното уметниково изразување. Неговите понови слики се на бела заднина со изблик на зелено-модар до окераст пристап. Боите во композицијата нѐ внесуваат во длабочините на употребените симболи и фрагменти од линии и вертикали, дури и геометриски форми, што води кон испреплетена разновидност.

Сликарството во оваа „Градина” на Ќатовиќ ни ја доближува неговата природа на радост, топла лирика и емпатија, каде преку јазикот на уметничкиот израз ја обликува општата идеја на условно асоцијативните рефлексии”, вели за изложбата, Крстевска.

Ервин Ќатовиќ е роден на 12.09.1966 во Приштина. Факултетот за ликовна уметност и постдипломските студии ги завршува на Факулетот за ликовна уметност во Приштина. Своите студиски претстои и обуки ги реализира во Италија и Франција. Работи како редовен професор на Факултетот за ликовна уметност во Звечани, при Универзитетот во Приштина, со привремено седиште во Косовска Митровица. Редовен професор е на Катедрата за уметност при Државниот универзитет во Нови Пазар (Р.Србија), а од 1999г. работи и како визитинг професор на Педагошката Академија во Белград (Р.Србија).

Има остварено над триесет самостојни изложби во регионот и пошироко, Берлин, Тиват, Подгорица, Нови Сад, Сараево, Сомбор, Ниш. Добитник е награди од областа на сликарството на Биенале на млади во Нови Пазар. Како истакнат студент, добитник е на наградата „Златна палета” на Здружението на ликовни уметници на Србија во 2019, по повод 90 години јубилејот на друштвото. Добитник е на признанија и благодарници од Српската Академија на науки и уметности во 2009 г.

Извор:https://nezavisen.mk/