1008 hPa
68 %
17 °C
Скопје - Нед, 15.09.2024 16:00
Секој што го следи развојот на европските интеграции, лесно ќе се согласи дека ако нешто навистина вреди и е добро во ЕУ, тоа е пред сѐ внатрешниот безграничен пазар и слободата на движење на луѓе, услуги, стока и капитал. Мотото на ЕУ „Обединети во различностите“, доволно зборува само по себе. Сите се обединети под знамето на ЕУ, но едновремено на големата карта на Унијата секоја членка одделно е назначена со своите државни граници, и со клучните симболи, меѓу кои секако и со своето национално знаме. Нема посебни дилеми околу тоа во ЕУ.
Но, се јавуваат ли некакви дилеми ако го слушате она што го зборува и без никакви резерви го пласира во јавноста Али Ахмети, кој, образложувајќи ги своите „европски“ визии, вели дека во рамките на евроинтеграцискиот процес границите ќе се бришат, така што сите Албанци ќе бидат заедно во ЕУ. Албанското знаме или, пак, знамето на „голема Албанија“, според Ахмети, кој им се обраќа на „албанските државотворци“ во Македонија, „денес е официјално и неприкосновено“.
Каква е тогаш иднината на Македонија во ЕУ-визијата на Ахмети? Македонија стана официјално двојазична земја, но дали тоа значи дека во ЕУ ќе треба да се зачлени и со две државни знамиња, откако ќе „паднат“ државните граници, онака како што тоа го заговара, триејќи ги задоволно рацете, лидерот на ДУИ?
Нордискиот регион беше прв во Европа со отворени граници, беспасошки режим и отстранување на граничните контроли, а што претставуваше и сѐ уште претставува извор на широко распространета гордост меѓу граѓаните на скандинавските земји.
Нордиската пасошка унија, склучена во 1952 година, ја постави основата за тоа, така што слободата на движење продолжи непречено да функционира и откако Финска и Шведска се приклучија во 1995 година како членки на ЕУ, каде што веќе беше Данска. Кога Данска, Финска, Исланд, Норвешка и Шведска се приклучија на Шенгенската соработка во 2001 година, тоа значеше дека прекуграничната слобода за движење во нордискиот регион беше зачувана и воедно проширена кон поголем број земји во Европа.
Таквата слобода и понатаму функционира, без оглед на проблемите што ги донесоа големите мигрантски бранови, пандемијата и меѓународниот криминал. Нејзиниот придонес за подобрување на можностите за вработување, економски приходи и за квалитетот на живеењето за милиони луѓе се немерливи. Луѓето слободно патуваат од една во друга земја, но сувереноста на утврдените државни грaници никој не ги доведува во прашање. Никакви државни граници не се „бришат“, без оглед на зачленувањето во големото семејство на ЕУ. Да се тврди спротивното би било само обид да се крене висока прашина од која би се заматила суштината на визијата на ЕУ.
Нордиската соработка, или како што некои ја означуваат со поимот „нордизам“, е нешто сосема спротивно од она, што во смисла на упорно поткопување на меѓунационалната соработка, би го нарекле „балканизам“. Законските регулативи и социјалната машинерија во нордиските земји се слични едни на други, а присутна е и обемна заедничка работа за решавање на главните општествени предизвици; политички, економски, социјални, научни и културни. Преку многубројни културни иницијативи, многумина Швеѓани, Данци, Норвежани и Финци ги отворија очите кон литературата, филмот, музиката, драмата и уметноста на остатокот од нордискиот регион. Одбранбената соработка значајно придонесува за заедничката безбедност – особено актуелна и опиплива во моментов.
Гордоста на нордиската соработка, еден вистински симбол на „нордизмот“, е да се покажат и јавно да се манифестираат националните државни знамиња, наредени на јарболи едно до друго, на заеднички собири, политички и научни конференции, културни манифестации и фестивали, на кои сите соседни нордиски земји добиваат еднакво внимание, посветеност и рамноправен третман. Нордиските знамиња, наредени едно до друго, живеат длабоко во свеста на модерните нордиски граѓани.
Варијациите на знамињата во регионот на „нордизмот“ ја покажуваат, всушност, заедничката историја на различните нордиски земји, како и нивните поранешни политички врски. Норвешка, која долго време ѝ припаѓаше на Данска, има знаме со истата основна боја како и данското знаме. Исланд и Фарските Острови, кои биле населени од Норвешка ѝ припаѓале на Норвешка, ги користат истите три бои, како Норвешка, во нивните знамиња. Шведска го одредила своето знаме, тргнувајќи најпрвин од данскиот крст, но подоцна избрала бои од државниот грб на Шведска. Финското знаме е засновано на шведското. Ниедно од овие знамиња не се предмет на оспорување, туку се симбол на националната гордост и меѓунационалната соработка.
И сега, потребно е да се каже и некој збор и за националните малцинства. Се разбира дека тие постојат и во нордиските земји, „нордизмот“ воопшто не ги исклучува по никаква основа. Знамињата на националните малцински групи се сфаќаат токму како такви, како знамиња што симболизираат одредена етничка или јазична припадност. Но, не и отворен стремеж за припадност кон други држави. Голема е бројката на нордиски знамиња на националните малцинства. Да ги споменеме само знамињата на Самите, Ромите во Шведска, шведските Финци, торнедалските Финци и финските Швеѓани. Сите тие со гордост го истакнуваат своето знаме на датумите одредени со закон, но неприкосновеноста на државното знаме како национален симбол, за нив е исто така закон, кој никој не го оспорува.
Кон какви европски придобивки и кон каква евроинтеграциска визија е „насочен“ Али Ахмети или албанските градоначалници во македонски општини, кои толку цврсто го прегрнуваат албанското знаме, што забораваат, мошне често, и сѐ почесто, дека постои и општоприфатено во ЕУ, и во целиот свет, македонско државно знаме?
Со какво знаме ќе продолжи да мавта лидерот на ДУИ во коридата на соживотот во Македонија, тврдејќи дека неговите намери се чесни, коректни и европски, можеби во добар дел и нордиски, но ни најмалку незакоравено националистичко-балкански и шовинистички? Ова, Али Ахмети, во двојазичната Македонија, би требало на сите македонски граѓани, вкупно на сите, да им го објасни, зборувајќи јавно, барем еднаш, на македонски јазик.
Стрип кадри: Fletcher Hanks
Извор за текстот: Слободен печат